Полагање за ученички степени

Posted on Categories Почетна

На еден ден пред почетокот на новата година, дечињата и почетниците на Буџинкан Македонија имаа можност да го проверат своето знаење и да земат учество на годишното полагање за повисоки ученички степени.

Од детската група „Нинџа Клинци“, со повисоко звање се стекнаа: Јана Ч., Антони П. и Михаил В. (10 кју), потоа Марио Н. и Петар К. (9 кју), Марко П. и Дарјан Б. (8 кју), како и Демиан Б. (7 кју).

Од почетничката возрасна група за десети кју положи Тодор Р., за девети Сара Г. и Јована Н., за осми кју Марина Ј., за седми Љубомир П., додека за шести кју положија Тања Р. и Марко П.

На сите ученици кои се стекнаа со повисоко звање им честитаме и им посакуваме уште посилно и похрабро да зачекорат по Патот.

Одржан семинар за Асајама Ичиден рју Таиџутсу

Posted on Categories Почетна

Учителот Игор Довезенски одржа семинар за Асајама Ичиден рју Таиџутсу на кој присуствуваа неколкумина семпаи од Буџинкан Македонија. Настанот се одржа во неделата, во скопското Доџо на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

На семинарот учителот Довезенски подучуваше вкупно 18 кати за ослободување на зафати од раце и од тело, кои многу лесно се применливи и во реални ситуации.

Инаку, ова беше последен семинар за 2021 година, а од настаните следува уште годишното полагање за ученички (кју) звања што ќе се одржи во четврток.

Детски Нинџа Маратон VIII

Posted on Categories Почетна

Во саботата, во скопското Доџо на Буџинкан Македонија, се одржа осмото издание на семинарот насловен како Детски Нинџа Маратон.

Инаку, овој настан е наменет за најмладите членови на нашето Доџо, а програмата изобилува со многу тренинг, забава и со други едукативни содржини.

Следниот Детски Нинџа Маратон ќе се одржи на 9-ти јануари, 2022 година.

Кукишин рју Дакентаиџутсу

Posted on Categories Почетна

Во скопското доџо на Организацијата „Пат кон Сонцето“, во неделата се одржа семинар посветен на вештината Кукишин рју Дакентаиџутсу.

На настанот учествуваа неколку семпаи, како и еден кохаи од Буџинкан Македонија, кои цели четири саати неуморно ги вежбаа техниките на најтешката школа наследена од соке Масааки Хатсуми.

Пеколната атмосфера беше одлична мотивација за Воините на доџото да продолжат и понатаму да ги совладуваат вештините на Буџинкан Доџо. 

Се гледаме на следниот семинар. Останете мотивирани, силни и храбри во овие тешки времиња!

Одржан Есенскиот Нинџа Семинар - Тогакуре рју Викенд

Posted on Categories Почетна

Дванаесет учесници два дена уживаа под зраците на есенското сонце изучувајќи техники од школата Тогакуре рју Нинџутсу во дворот на Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“.

За време на настанот, присутните имаа можност да вежбаат со Тоами (нинџа мрежа), Оно (голема самурајска секира), Отсучи (голем воен чекан), Кагинава (јаже со куки), Нагината (сечиво закачено на долг стап), Кусари Фундо (ланец со тегови), Кусари Гама (ланец со срп), Кјокетсу Шоге (сор со јаже и обрач), Јари (копје), Боџутсу (борба со долг стап), Чигирики (стап со ланец и тег), како и Таиџутсу (борба со тело), Муто Дори (голорака одбрана од оружје), Кенџутсу (борба со јапонски меч), Кодачи (борба со краток јапонски меч), Кунаи (градинарски бодеж за копање), Тессен (лепеза) и Јавара (приврзок за самоодбрана).

Во саботата вечер, учителот Игор Довезенски одржа и предавање на тема „Што е тоа Нинџутсу?“, кое беше со воодушевување пречекано.

Ова беше последен семинар во Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“ за оваа година, а новата сезона ќе започне во март, 2022-ра.

Дотогаш, членовите на Буџинкан Македонија продолжуваат со своите тренинзи во Скопје или во природа.

Одржан семинар за Нагината

Posted on Categories Почетна

Дворот на Хомбу во неделата што измина ечеше од извиците на Воините на Буџинкан Македонија. Настанот што ги привлече да дојдат и да уживаат во знаењето на учителот Игор Довезенски беше вештината на борење со нагината.

Инаку, ова средновековно оружје, кое се состои од сечиво прикачено на долг стап во минатото било едно од омилените самурајски оружја за војување на бојните полиња.

Членовите на Буџинкан Македонија редовно, барем два пати годишно, ги изучуваат и повторуваат техниките со Нагината кои се навистина атрактивни за око.

Покрај вежбањето, мора да се спомене и одличното дружење кое секогаш е дел од семинарите организирани во стожерот (Хомбу Доџо) на организацијата „Пат кон Сонцето“.

Иаиџутсу / Кенџутсу семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, во саботата се одржа семинар за ракување со јапонски меч – катана.

Учесниците имаа можност да научат нови, но и да ги повторат старите Иаиџутсу (брзо извлекување и симултано сечење) техники.

Настанот започна со кратко претставување на школата која што беше тема на семинарот, а потоа се вежбаа сите сегменти од Деншото, како што се Камае, Чибуруи, Ното, Кири и Ката.

Учениците на Игор Довезенски како и секогаш вредно вежбаа, а нивната техника од семинар на семинар станува се подобра и подобра, што е само показател за нивната посветеност.

Фантастичен успех на тринаесетиот „Летен Нинџа Камп“

Posted on Categories Почетна

И покрај строгите правила наметнати поради ковид пандемијата, летниот нинџа камп на Буџинкан Македонија помина во најдобар ред и во одлична работна атмосфера.

Оваа година темите за изучување беа Шинден Фудо рју Џутаиџутсу (чуден гата), како и Кусаригамаџутсу.

Нема зборови да се опише возбудата која што учесниците на настанот ја чувствуваа за време на тренинзите водени од учителот Игор Довезенски, со помош на својот ученик Марко Опачиќ.

За следната година шиханот Довезенски ги најави темите Дакентаиџутсу и Боџутсу од школата Кукишинден рју ХаппоБикен.

Се нетрпение Ве очекуваме!

Успешно одржан четвриот летен “Детски Нинџа Камп“

Posted on Categories Почетна

Четвриот летен “Детски Нинџа Камп“, што се одржа во периодот од 28 јули до 3 август, беше одлично освежување за најмладите вежбачи на Буџинкан Македонија,после едногодишната камперска пауза предизвикана поради ковид пандемијата.

Со почитување на сите протоколи, дечињата уживаа во пребогатите секојдневни активности кои секогаш се дел од овој фанстастичен настан.

Презадоволни беа и родителите, кои го истакнаа своето задоволство од грижата и едукацијата на нивните деца, а сите овие пофалби ни се само мотив повеќе да ја продолжиме оваа успешна приказна.

Се гледаме повторно во 2022 година.

„Живот во Дивината VII“ - Последната Авантура

Posted on Categories Почетна

После двегодишна пауза предизвикана поради пандемијата со корона, викендов конечно го завршивме серијалот наречен „Живот во Дивината“. Со тоа, веќе од следната година, подготвени сме да започнеме нова авантура која ќе има за цел да ги усоврши членовите на Буџинкан Македонија во уште едно поле.

Седмиот и последен преживувачки семинар од овој серијал се одржа на ридот Богословец во Овче Поле. Локацијата беше избрана со цел да се долови степата, која всушност и беше тема на последниот „Живот во Дивината“. Иако во Македонија нема вистински степи, научниците пронашле некои сличности во областите Овче Поле и Долна Брегалница, па така целиот овој регион се нарекува полу односно псевдо-степа. Ние се уверивме дека навистина имале причина да го искористат ова име.

Уште еднаш и за последен пат да потсетиме дека семинарите „Живот во Дивината“ беа наследници на претходниот серијал „Преживување во Природа“, кој инаку беше познат и стана легендарен поради својата суровост.
Сценариото и задачата на „Живот во Дивината“ беше да ги научи учениците на учителот Игор Довезенски да ги совладуваат техниките за преживување во група и тоа на: пониски планини односно ридови, повисоки планини од 1000 метри, покрај река, во шума, во пустински услови, покрај езеро и на крајот во степа.

Мораме да го нагласиме задоволството што досега стотина членови на Буџинкан Македонија земале учество на настаните поврзани со техниките на преживување во природа, а истовремено да ја искажеме среќата што ја чувствуваме поради фактот дека многумина од нив успешно ги совладаа самите техники. Генерациите кои беа дел од овие настани ја имаа таа среќа да станат и дел од историјата на Буџинкан Македонија, со оглед на фактот што шиханот Довезенски планира постепено да ги намалува преживувачките семинари на сметка на некои други настани.

Овој извештај ќе го завршиме со информацијата дека Учителот подготви две дипломи за учениците Владимир Антовски и Таки Гаковски со кои ќе го награди нивниот труд, посветеноста, жртвувањето, како и знаењето стекнато за време на учеството во „Живот во Дивината“. Од вкупно седум семинари од овој серијал, Антовски учествуваше на шест, а Гаковски на пет. Со тоа, а секако и со зголеменото знаење, тие ја придобија довербата на нивниот учител кој секогаш го наградува трудот и залагањето на своите ученици.

Токму овие двајца, поради знаењето од областа на групното преживување на најразличен терен, ја заслужија дипломата која ќе биде признание и доказ за нивната стручност.

Од следната година почнува нов серијал кој ќе ги наследи и надгради претходните два, а неговото име ќе биде „Шиноби Кампо – Традиционална хербална медицина“.