Уште едно двонеделно усовршување на учителот Игор Довезенски во Јапонија беше реализирано во текот на месецот март.
Овој пат, покрај редовните тренинзи со учителите во Хомбу Доџото во градот Нода, патувањето беше искористено и за проучување на други вештини од богатата култура и традиција на Земјата на Изгрејсонцето.
Така, покрај самурајските и нинџа вештините, учителот Довезенски посвети внимание и на проучување на тајните на градење на јапонските зен градини, како и на церемонијата на чај позната под името Чадо.
Освен тоа, тој ја посети и провинцијата Шига односно градот Кога (Кока), познат како една од лулките на Нинџутсу (покрај Ига). Таму Довезенски оствари средба со членови односно потомци на семејството Фуџибајаши чии предци биле познати Шиноби воини, по што ја посети и нивната семејна куќа целата поврзана со тајни повижни ѕидови, тунели и премини кои се користеле за бегство од непријателот.
Ова боречко патешествие ќе остане запаметено и по духовниот развој на водачот на Буџинкан Македонија за време на посетите на храмовите и градините Сенсо-Џи во Асакуса во Токио, потоа Кодаи-Џи и Кијомизу Дера во Кјото, како и на Нарита-сан во градот Нарита (и многу други помали Шинто и Будистички храмови низ Јапонија).