Уште и пред официјално да се основа првото македонско нинџутсу доџо – Буџинкан Македонија, инструкторот Игор Довезенски посебно внимание обрнувал и на изучување на специјализираните шиноби техники, меѓу кои и на Суи Рен. Таа пракса да се предаваат сите необични вештини познати под името Нинџа Џухакеи, шидоши Довезенски ја продолжува и ден-денес, па така одвреме-навреме неговите ученици имаат можност да научат и да навлезат малку подлабоко во сржта на овој необичен метод на борба познат под името нинџутсу. За време на неделниот семинар, учесниците имаа можност да научат техники за тивко влегување во вода, како и начини на бешумно пливање низводно и узводно. Потоа се вежбаа и техники на поминување големи растојанија со стебло, камуфлирање и трчање во река, како и бешумно движење и следење на противникот кој се движи по самиот речен брег. Обуката во вода, освен на семинарите во природа, понекогаш се предава и на некои од летните кампови организирани во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“. Според планот за работа, следната година предвидено е научените техники да се испробаат преку разни борбени сценарија, при што учесниците ќе бидат поделени во две групи.
Одржан „Најдолгиот ден - Кенџутсу семинар на Кокино“
Петнаесет Воини на Буџинкан Македонија и една пријавена гостинка од страна учествуваа на дводневниот семинар одржан на Татиќев Камен во селото Кокино.
Токму во една од најстарите опсератории на светот, нашите членови со кенџутсу тренинг го дочекаа најдолгиот ден во годината познат кај народот и како Сонцестој.
Ви пренесуваме дел од имспресиите на семпаи Михаил Дракалски во врска со семинарот:
„Станавме сите точно во 04 часот и освежени од чистиот воздух го започнавме првиот тренинг и на тој начин го дочекавме изгрејсонцето. За кратко време тоа се појави во таа одредена точка односно низ нишанот меѓу двете карпи преку кои астрономите во минатото си го пресметувале доаѓањето на годишните времиња.
Неколку минути претходно се појавија и новинари, но и други љубопитни намерници кои го фотографираа и снимаа официјалниот дочек на летото. За време на тренингот уживав додека ги гледа децата од Буџинкан Македонија како растат и бев пресреќен што растат во една таква фамилија како што е нашата боречка.
Би додал уште дека Катори Шинто рју е прекрасна школа која забележав дека на сите им се допаѓа. Би сакал овој семинар да прерасне во традиционален“.
Најдолгиот ден - Кенџутсу семинар на Кокино
Воините на Буџинкан Македонија, со кенџутсу тренинг на Татиќев Камен во селото Кокино, ќе го дочекаат најдолгиот ден во годината познат кај народот и како Сонцестој.
Долгоденицата односно кога денот е најдолг, а ноќтта најкратка, уште во пред античкиот период била поврзана со преодот на годишните времиња од пролет кон лето.
Токму во една од најстарите опсератории на светот, членовите на нашето доџо, со мечеви во рацете преку тренинг на најстарата јапонска боречка вештина – Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, ќе го пречекаат изгрејсонцето во 04.24 часот.
Името на нашата Организација „Пат кон Сонцето“, нашиот Мон, симболот на земјата од каде што потекнуваат вештините кои ги вежбаме, како и силината на Сонцето во митологијата и во свеста на Македонците – се доволна причина да се собереме и заедно да го дочекаме најдолгиот ден во годината.
Семинарот е отворен за сите членови на нашето доџо, за сите љубители на природата и на јапонските боречки вештини, како и за сите наши пријатели и подржувачи.
Цената на семинарската такса изнесува симболични 500 денари, додека за тие кои учествуваа на еден од нашите последни два семинари (10.000 п.н.е. и Кенџутсу под Ѕвездите на Липац), настанот е бесплатен.
Програма:
20 јуни
* 17.00 тргнување од Скопје
* 19.30 – 21.30 кенџутсу тренинг
* 22.00 дружење околу логорски оган
* 00.00 починка
21 јуни
* 04.00 – 06.00 кенџутсу тренинг
* 06.00 – 09.00 одмор
* 11.00 – 13.00 кенџутсу тренинг
* 15.00 враќање во Скопје
За сите учесници кои ќе се пријават до недела на пладне, обезбедуваме бокени (дрвен меч) за тренинг, како и шатор. Вие понесете си вреќа за спиење и храна.
Ги очекуваме Вашите прашања преку нашиот и-мејл: daito_macedonia(мајмунче)yahoo.com
Одржан семинарот 10.000 П.Н.Е.
Семинарот што викендов за прв пат се одржа на локалитетот Цоцев Камен во селото Коњух, остави неверојатно силен впечаток кај сите Воини на Буџинкан Македонија кои учествуваа на истиот.
Веднаш после настанот, тие ги споделија своите импресии на нашиот интерен Форум.
Ова е сам мал дел од нивните впечатоци:
„Можам да испишам 10.000 страни после овој семинар. Уште кога го најави Сенсеи, знаев дека ќе биде нешто неповторливо, но дефинитивно ги надмина моите очекувања.
Би пишувал страници и страници за тоа што се не учи Сенсеи на овие семинари за животот и за преживувањето во природа, за распределбата на должностите, собирањето дрва, спремањето на храна, палењето оган и неговото одржување. Уште еднаш Сенсеи ме изненади со неговото огромно знаење кое со неверојатна скромност ни го пренесува.
Местото кое што всушност беше одбрано за овој семинар беше една огромна карпа, која во себе го носи животот оставен од генерациите пред нас. Таа енергија што ја поседува, се чувствува од моментот кога ќе ја здогледате оддалеку и кога изгледа како мало каменче кое што расте со огромна брзина како што и се доближувате. Колку сте поблизу до карпата, таа прераснува во едно здание кое зрачи со стравопочит и почнувате да се чувствувате толку мали во однос на неа и тоа што таа го носи како тежина оставена од милениумите и на претходниците кои живееле таму. А ние ја имавме таа чест да поминеме еден ден од нашите животи токму на таа карпа и можам да кажам дека тоа беше еденствено вакво доживување во мојот живот.
Јас сум неизмерно благодарен на Сенсеи што ни ги отвора очите и се обидува да ни покаже од што сме се отуѓиле.
Вториот ден заминавме на друг локалитет, уште по неверојатен од Цоцев Камен. Тврдина од пети век изградена на рид, со соби и балкони каскадно поставени. Каде и да стапнеш историја тешка илјадници години, а ние толку сме ослепени и со поматени умови што не можеме да го видиме сето тоа…“ – Владимир Антовски
„Дали животот е умешност за преживување или многу повеќе?
Семинарот 10000 П.Н.Е. како да сака да ни го покаже токму тоа. Се обидовме да дознаеме каков бил животот пред 12000 години кога луѓето живееле во издлабената карпа која беше прекриена со црн мов, а се уште изгледа величенствено. Замок со многу соби, вдлабнатини за столбови и греди, кои ни помаагат да замислиме што се имало некогаш и да си создадеме претстава како изгледале собите во карпата која беше наш дом овие два дена.
Меѓудругото, на семинарот научивме како да се снаоѓаме во природа – да направиме вкусни оброци, да запалиме оган, да најдеме дрва, да го истражиме релјефот, климата, ветровите, населението, флората и фауната, кои се од клучна важност за преживувањето.
Сенсеи многу трпеливо ни објаснуваше за се, беше тука да ни помогне и да ни објасни на сите, работеше заедно со нас без штедење ниту на енергијата, ниту на знаењето со кое изобилува. На сите прашања имаше опширен одговор, несебично ги споделуваше своите размислувања, ставови и знаење.
Времето беше прекрасно. Позитивната енергија се чувствуваше насекаде. На врвот на карпата Сенсеи ни кажа каде се наоѓаат нишаните преку кои предците можеле да видат кога е најдолгиот, а кога најкраткиот ден, но и кога денот и ноќта се подеднакво долги.
Ги научивме техниките на искачување и слегување од карпа со и без јажиња.
Попладнето пред зајдисонце уживавме на камењата од кои ја акумулиравме енергијата која ја насобрале од сонцето, беше прекрасно…
Првиот поглед во ноќтта беше кон ѕвездата вечерница, вториот поглед кон темното небо и многуте ѕвезди. Тоа е тој поглед повреден од милион долари! Единствениот звук во ноќта беше оној од птиците.
Вториот ден по прекрасниот доручек, ја освоивме и другата тврдина која беше од V век од н.е. Се забележуваше разлика во нејзината големина и изгледот на собите – беше доста помодерна, а под неа се гледаше градот кој беше делумно ископан од археолозите.
На крајот го посетивме и светото место ‘Четири Крста’ кое се наоѓа во селото Бељаковце, каде Сенсеи ни допредаде за животот, за вредностите од антрополошки, археолошки и историски аспект.
И да, ние навистина изучувавме ‘живот’. Тоа е тоа што денес ни недостасува, бидејќи сме заглавени во екрани, магли, нечистотии и гужви, во брз и неспокоен живот.
И нешто многу важно за мене. Научив по што се разликува Воинот од обичниот човек“. – Ивана Тодоровска
„Уф, каков семинар! За да го опишам целиот настан, ќе ми требаат добри 2-3 дена да ги соберам сите слики во глава (а ги има илјадници). Сеуште се чувствува таа неверојатна магија, која што е толку силна. Чувствувам некаков занес, вчудоневидувачки за мене, смирен дух, полн со енергија, сето тоа испреплетено со носталгија. По малку сум тажен, но истовремено имам некој спокој кој ми дава надеж дека пак ќе се навратам еден ден и тоа наскоро на тоа вонземско место.
Тргнавме рано сабајле од Скопје во 7 часот кон еден од најмистичните краеви на нашата преубава татковина Македонија. Кон селото Коњух, Кратовско. Целиот крај изобилува со остатоци од нашите претци кои отавиле континуирана трага од 10.000 години П.Н.Е. па до ден-денешен. Во атарот на селото може да се забележат многу мегалитни карпи, фортификаци и остатоци од антички градови. Целиот крај плени со својата мистичност, не те остава мирен ниту за момент, возбудата расте од миг во миг. Се чувствува духот, енергијата, неверојатниот набој на позитивна енергија.
Не ја знаевме деталната агенда на настанот, но и немаше потреба од тоа. Се беше совршено замислено до најситен детал во главата на Сенсеи, кој многу прецизно со неверојатно чувство за тајминг ни откриваше детал по детал.
Нашето патешествие започна на една од највпечатливите опсерватории во светот – Цоцев Камен. Тоа е мегалитна карпа, настаната за време на вулкански активности, впрочем целиот кратовски крај е со остатоци од вулканска активност.
Веднаш штом се стациониравме, Сенсеи ни направи детална тура околу карпата и низ неа. Како што Сенсеи ни ги пренесуваше информациите, имавме можност да го спознаеме теренот до најситен детал. Откако детално го обработивме теренот, се стациониравме, а Сенсеи ни предаде организациски план. Се поделивме во два тима. Првиот тим беше задолжен да снабди огревен материјал, додека вториот да започне со припрема на храна. Се функционираше беспрекорно, имаше некоја магија помеѓу нас, се чувствуваше огромна почит помеѓу сите членови. Не се чувствуваше надреденост, иако бевме организирани според хиерархија. Секој член совршено се вклопуваше во околината, сетилата ни беа изострени, мозокот отворен, бевме спремни да го почуствуваме и доживееме барем за момент животот кој што течел низ тој простор.
Некаде веднаш после вечерата, го организиравме просторот за спиење. Сенсеи грижливо го одбра најстратешкото место каде што можеме да преспиеме. Спиењето започна во 23 часот, откако Сенсеи претходно не подели во групи за чување стража, која што се менуваше на секои два саати се до 07 часот. Спиевме покрај оганот, кој што гореше цела вечер. Под вреќите за спиење се чувствуваше како продира топлината собрана во карпата. Немавме подметнувачи, а неверојатно колку добро спиевме. Во 07 часот се разбудивме сите наспани како никогаш претходно. Веднаш Сенсеи не изорганизира, направивме Џунан Таисо, се размрдавме и продолживме со следните активности.
Некаде околу 11 часот, откако детално ги исчистивме остатоците од нашиот престој на карпата, се упативме кон следниот мистичен локалитет. На некои два километри од Цоцев Камен, над Крива Река, се простираше рано-христијанска базилика од 5 век. Веднаш над базиликата се издигнуваше висок рид по кој насекаде беа распослани остатоци од керамика. На самиот врв на ридот имаше остатоци од фортификации, перфектно изработени во самите карпи. Во подножјето на фортификацијата, до Крива Река, се простираше антички град, кој што со патчиња беше врзан со фортификацијата на ридот. Како се движевме низ локалитетите, Сенсеи детално ни пренесуваше парчиња од историјата што се случувала на просторот. Некаде при крајот, за време на обиколката, не фати силен дожд. Бевме мокри, а карпите станаа лизгави, па наеднаш просторот стана опасен за движење. Сенсеи веднаш се прилагоди на времето и одлучи да се засолниме во една просторија сместена на самиот крај на локалитетот. Кога влеговме внатре, Сенсеи веднаш не запраша дали знаеме каде се наоѓаме. Сите започнавме детално да анализираме и наеднаш вчудонеевидност кај сите нас. Се наоѓавме во гробница на некој величенственик. Беше перфектно изградена, налик на оние рано-христијански гробници, но за жал гробот беше празен, веројатно одамна ограбен, а вредните работи изнесени.
Во текот на двата дена се чувствувавме постојано како телото да ни е одвоено од духот, мозокот отворен како никогаш до сега, со прашање кое лебди во главата: ‘Што ли следно ќе ни приушти Сенсеи?’
На крајот, седнати наспроти Учителот. Навидум изморени, но тоа само телото, бидејќи духот беше комплетно одлепен од него, а фокусот на највисоко ниво.
Се задлабочивме длабоко во темата: живот. Сенсеи говореше, ние слушавме, а секоја реченица беше отсечна, длабока, неверојатно осмислена со висока свесност. Едноставно во тој момент не бевме дел од земјата, бевме отсечени, лебдевме во просторот и времето. Аххх! До следно патешествие…….“ – Саше Гацев
10.000 П.Н.Е.
Дали можете да си го замислите животот качени на една огромна мегалитна карпа без модерна технологија?
Да ли би сакале барем за момент да почуствувате како живееле нашите предци пред 12.000 илјади години?
Замислете да спиете под отворено небо со милион ѕвезди над Вас. Ветерот да ја мрси Вашата коса. Чистиот воздух да продира длабоко во Вашите бели дробови. И да ја почуствувате слободата.
Опкружени само со Вашите соборци.
Ќе се вратиме назад во историјата преку учество на овој необичен настан. Подобро ќе се запознаеме самите себе. Ќе дознаеме кои сме всушност ние и колку сме способни да преживееме без придобивките на модерната цивилизација. Ќе бидеме изложени на сонце, дожд, ветер, град, грмотевици односно Природата ќе биде таа која ќе ги носи одлуките за нашите животи. Наша обрска ќе биде да ги прифатиме нејзините закони и да се покориме на истите, но на начин што ќе ни овозможи преживување во условите кои Таа ни ги нуди.
Животот на карпа подразбира соочување со сите предизвици кои природата ги носи со себе.
Со овој настан, инструкторот Игор Довезенски на своите ученици сака да им ја покаже убавината на едноставниот живот. Да ги натера да ја почуствуваат корисноста од дружењето во природата. Да се свртат кон себе и кон своите внатрешни чувства. Да ги осетат благодатите на постот, на медитацијата. Учениците ќе научат како да изработат едноставни орудија кои ќе им го олеснат животот.
На семинарот понесете колку што можете помалку работи.
Не носете шатори, резервна облека, храна, спрејови, средства за хигиена.
Понесете вреќа за спиење, вода, нож, јажиња, пола килограм брашно, една рака сол и малку масло за готвење.
Ќе ги исчистиме умот и телото, а преку постот ќе се доближиме до нашето вистинско Јас.
На семинарот можат да учествуваат сите членови на доџо-то Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето, без разлика на нивното звање или знаење.
Ден: 20/21 мај (2017)
Тргнување од Скопје во сабота во 07.00 часот.
Враќање назад во недела во 18.00 часот.
Пријавување и информации преку инбокс, телефон или на Форум.
п.с. Престојувањето во природа носи одредени опасности. Сите учесници доаѓаат на сопствен ризик. Направете ги потребните лекарски испитување пред да се пријавите за учеството.
Нинџа Клинци-те на Буџинкан Македонија по четврти пат го окупираа Хомбу Доџо-то
И четвртата инвазија на Нинџа Клинците врз Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија заврши со успешна окупација.
Всушност, тие толку добро влегуваат во сите пори на нашиот клуб, што е речиси невозможно да ги извадиш од таму.
Вкупно 24 дечиња учествуваа во пролетната офанзива која не натера да ветиме дека овој настан и понатаму ќе продолжи да се одржува два пати годишно (пролет-есен).
За време на семинарот, идните воини на Буџинкан Македонија вежбаа техники на фрлање на противникот (Наге Ваза), при што покажаа дека со право ги сметаме за „иднината на нашето доџо и на нашата земја“.
Секако, не изостана ниту прекрасното дружење, разните „нинџа игри“, а клинците се покажаа доста одлучни и при справувањето со силниот ручек, кого го победија за неполни 20-тина минути, при што зад себе оставија само пустош во вид на празни тањири.
Догледање до „Детскиот Нинџа Камп“, кој ќе се одржи летово што ни доаѓа.
Одржан традиционалниот семинар ЈумиЈа Џутсу
Поминаа 15 години откако инструкторот Игор Довезенски за прв пат одржа семинар на тема ЈумиЈа Џутсу, а интересот за ова древно орудие се уште расте и привлекува нови заинтересирани членови на Буџинкан Македонија.
Се разбира, редовни посетители се и ветераните кои одлучиле на некој начин да се специјализираат во користењето на примитивните „нинџа лак и стрела“.
Идејата и желбата на шидоши Довезенски е да ги оспособи своите ученици да можат во рок од половина час да изработат примитивни лакови и стрели кои ќе им помогнат полесно да преживеат односно да се снајдат доколку се најдат во негостољубива средина.
За таа цел, тој внимателно ги подучува како да го одберат вистинското парче дрво, од кое ќе изработат солидни оружја кои ќе им ги зголемат шансите за опстанок во моментот кога животот ќе им биде загрозен.
Семинарот кој што се одржа во неделата започна со кратко предавање за историјата на лакот и стрелата, по што, откако им беше покажано како, членовите на доџото имаа задача самите да изработат лак со кој подоцна ќе можат да вежбаат.
Откако подготовките завршија, беше поставена мета, на која учениците имаа можност да вежбаат гаѓање од четири различни положби на телото, при тоа водејќи се од различни сценарија.
Како што тренингот изминуваше, воините на Буџинкан Македонија постигнуваа се подобри резултати, а евидентен беше напредокот кај тие кои редовно го посетуваат овој традиционален настан.
Задоволни од наученото, на крајот беше договорено семинарот и натаму да продолжи да се одржува во истиот термин како и секоја година односно последниот викенд во април.
Одржан семинарот за Чигирики
Членовите на Буџинкан Македонија кои земаа учество на неделниот семинар за Чигирики, повторно се стекнаа со предност и научија да користат уште една за нив нова, а сепак древна јапонска алатка за самоодбрана.
Дворот на Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“ беше местото каде што учителот Довезенски несебично на своите ученици им го предаваше знаењето стекнато низ годините поминати во практицирање класични јапонски самурајски и нинџа вештини.
Учесниците имаа можност да ги извежбаат сите основни форми со ова необично оружје кое се состои од стап, ланец и тег, меѓутоа за време на тренингот се користи дрвен реквизит поврзан со јаже отежнато со тениско топче, а секако, за да се избегнат можните повреди.
Се чини дека неколку од учениците на доџото се веќе цврсто решени сериозно да ја научат и оваа вештина, а многумина од почетниците исто така пројавуваат интерес, што ветува дека и во иднина ќе се одржуваат семинари на оваа тема.
Одржан семинарот „Силата на Јари VIII“
Како и минатата година, така и оваа, „Баба Марта“ ги изненади Воините на Буџинкан Македонија покажувајќи ја својата непредвидливост и моќ да ги менува временските услови по неколку пати во текот на еден ден.
Семинарот за борба со копје (Соџутсу), кој секоја година привлекува голем дел од членовите на Буџинкан Македонија, во неделата се одржа по осми пат, повторно на истата локација (Слепо Коло) на ридот Орљак. И овој пат, извиците на учесниците сведочеа за желбата да се навлезе што подлабоко во оваа древна јапонска боречка вештина.
Иако утрото ветуваше убави временски услови, кои во првиот дел
од денот навистина се остварија, качувајќи ја живата на термометарот на 25 степени целзиуосви, некаде после 13:00 часот температурата нагло падна симнувајќи се на околу 5 степени. Истовремено, заврна силен дожд што немилосрдно почна да ги накиснува учесниците на настанот. И покрај силниот студ, Воините одлучно ги завршија сите кати од првиот дел од деншото (Омоте), а потоа се упатија во Хомбу Доџо-то каде што имаа можност да гледаат снимки од поранешните тренинзи на кои шидоши Довезенски подучува техники од школата Кото рју Коппоџутсу.
На крајот на денот, инструкторот на Буџинкан Македонија најави дека овој традиционален семинар ќе продолжи и понатаму да се одржува секоја година во март, на истата локација.
Шурикен Џутсу во Хомбу
Во дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“, во саботата се одржа специјален семинар на тема Шурикен Џутсу. На настанот учествуваа над десетина членови на Буџинкан Македонија кои во текот на денот исфрлија повеќе од петстотини метални сечива, карактеристични за нинџа воините од времето на средновековна Јапонија. Учесниците, кои беа на најразлична возраст, имаа можност да гаѓаат со Сенбан и со Ига шурикени, а на крајот на денот дрвените мети беа речиси целосно оштетени од силните продорни удари на железните ѕвездести орудија. Некои од учениците на шидоши Довезенски, кои редовно и со години учествуваат на овој традиционален семинар, веќе постигнуваат одлични резултати во оваа стара јапонска вештина, додека тие кои допрва се запознаваат со истата се воодушевени од нејзината моќност.