Доделени признанија „Генин“ за двајца членови на Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

На 27 февруари (2017-та), учителот Довезенски им додели бронзени медали „Генин“ на помладите Учители Зоран Тодоровски и Марко Опачиќ, како признание за нивното десетгодишно редовно вежбање во доџо-то на Буџинкан Македонија.

Се надеваме дека оваа награда само ќе го зголеми поттикот и ќе биде уште поголем мотив за нивното понатамошно усовршување на Патот на јапонските традиционални боречки вештини.

Нинпо Иккан!!!

Одржан семинарот во природа - Харагеи IV

Posted on Categories Почетна

Ја дочекавме пролетта на најубавиот можен начин. Со семинар во природа на прекрасниот Еленац, под самите карпи кои надвиснуваат над стариот кладенец.

Вкупно 12 вежби за култивирање на внатрешната енергија успеавме да извежбаме за време на настанот кој привлече 12 учесници од сите возрасти на Буџинкан Македонија.

Посебно внимание привлекоа техниките за медитација кои имаа за цел да не научат како да ја концентрираме енергијата во точката Танден, која што се наоѓа околу три сантиметри под папокот.

Ниту техниките за забележување на промените во околината не ги оставија рамнодушни Воините на доџо-то, а забележлив беше нивниот напредок, пред се поради нивното редовно учество на настанот.

Следниот семинар во природа ќе се одржи во март, во месноста Слепо Коло на ридот Орљак, а темата ќе биде: Моќтта на Јари (Борба со Копје).

Харагеи IV - семинар во природа

Posted on Categories Почетна
Последниот викенд во февруари веќе четврта година по ред ќе биде осигуран за семинарот насловен како „Харагеи“.
Истовремено, Воините на Организацијата „Пат кон Сонцето“, го користат овој настан за да ја дочекаат пролетта како што доликува – во природа.Хара ( 腹 ) е јапонски збор за стомак, додека Геи ( 芸 ) означува уметност. Меѓутоа, во боречките вештини зад овој збор се крие комплетен принцип на внатрешна и надворешна комуникација преку самоспознавање и навремено откривање на промените кои се случуваат наоколу. Учителите за Зен, со векови наназад подучуваат дека дишењето со Хара (стомак) го чисти умот од секакви мисли и овозможува поглед длабоко во себе. Токму тоа согледување на внатрешните и на надворешните промени, се верува дека на воинот ќе му овозможи навреме да ја препознае опасноста и истовремено да реагира. Ваквиот тренинг за култивирање на внатрешната енергија, познатиот зен-монах Такуан Сохо го нарекувал „вежба на неподвижниот ум“.
 
Замислете ситуација, Вие и Вашиот противник сте одалечени два метра еден од друг со вперени катани во срцата. Тензијата се зголемува и само еден погрешен здив или едно трепкање со окото може да Ве дели од животот и смртта. Да го препознаете нападот, да го почуствувате моментот кога треба да се реагира, е од клучно значење.
 
Оваа година по четврти, инструкторот Игор Довезенски ќе ги подучува своите ученици како да ја зголемат будноста, а со тоа и да ја подобрат својата борбена вештина.
 
Ден: 26.02.2017 (недела)
 
Место: Еленац
 
Програма:
 
08.00 часот – поаѓање од Скопје
 
09.00 часот – пристигнување
 
09.00 – 16.00 часот – теоретски и практичен дел
 
17.00 – враќање назад
 
Семинарот е отворен  само за членовите на Пат кон Сонцето, но може да се присуствува на истиот и со препорака од личност што негува пријателски односи со нашето доџо. Прашања и пријавување на и-мејл, на телефон, во доџо или на Форум.

Одржан третиот по ред „Шиноби Таисо“ семинар во доџо-то во Скопје

Posted on Categories Почетна

Шидоши Игор Довезенски го одржа третиот по ред „Шиноби Таисо“ семинар во скопското доџо на Буџинкан Македонија.
Покрај членовите на Организацијата „Пат кон Сонцето“, на настанот учествуваа и професори од Природно-математичкиот Факултет од Скопје, како и студенти по медицина од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Дваесетината учесници на семинарот имаа можност детално да ги научат техниките за справување со болката во долниот дел од грбот, меѓутоа не беа занемарени ниту останатите делови од телото, вклучувајќи ги рамената, лактите, како и зглобовите на рацете.

Веднаш по настанот, семпаи Тодор Ангеловски ги објави своите импресии од настанот на интерниот Форум на Буџинкан Македонија. 

„Ова беше трет семинар на тема ‘Шиноби Таисо’ што беше одржан во Скопје. Сум присуствувал на сите и прилично добро се сеќавам на техниките. Пред да се одржи првиот ваков настан, Сенсеи одржа предавање во бараките на ПМФ, некаде во декември 2011-та година. Тоа беше после неговата повреда, а тој зборуваше за закрепнувањето и причините за создавањето на системот. 
Првиот семинарот се одржа во јануари, 2012-та година, во спортската сала на училиштето ‘Браќа Миладиновци’ и беше запознавање со системот преку презентација на многу различни вежби. Вториот настан беше во ноември, 2015-та, а темата беше ‘Џунан Таисо’ односно техники за растегнување на телото. И тогаш Сенсеи ни презентираше многу нови вежби, а не подучуваше и за мускулната рамнотежа, како и за огромната важност на флексибилноста на телото.
Завчера, бројот на вежбите беше помал, меѓутоа беа предадени најопширно досега и на највисоко стручно ниво. Детално се разработуваа проблемите со ‘хиперлордоза’ и ‘хиполордоза’, како и начините на превенција и на лекување на истите. Но морам да истакнам дека иако темата е секогаш иста, сепак секој семинар нуди различни информации и техники. Секој од нас може да стекне барем некое минимално знаење со кое ќе може самиот да си помогне. Да не споменувам колку е корисно за членовите кои веќе одбрале да го специјализираат овој систем и кои ги посетуваат интензивните семинари за Шиноби Таисо во Хомбу Доџо-то. Многу ми е мило за нив што се заинтересираа и што се усовршуваат и на ова поле. Како што честопати ни кажува Сенсеи, тој што е редовен и присутен доволно долго во доџо-то, ќе научи многу и ќе стекне навистина големо знаење“.

Уште една учесничка на настанот, преку и-мејл ги испрати и сподели своите импресии.

Восхитена сум од умешноста
на Сенсеи Довезенски, кој за време на семинарот опфати толку многу полиња,
презентирани и теоретски и практично. Едноставно знаеш дека си на вистинско
место и во вистински раце.
 Симбиоза од практично и
духовно искуство, претставена во најдобро светло“ – 
 Андријана Пецова, студент на Медицински
факултет – Скопје
 

Одржан уште еден семинар на тема: „Џиссен Хеихо - Следниот Чекор“

Posted on Categories Почетна

Во скопското доџо на Буџинкан Македонија, во неделата се одржа уште еден Џиссен Хеихо семинар, на кој присуствуваа околу

петнаесетина членови на „Пат кон Сонцето“.
Настанот всушност беше продолжение на декемврискиот Џиссен Хеихо, па затоа беше логично поднасловот да гласи „Следниот Чекор“.

За разлика од претходниот настан, кога инструкторот Довезенски предаваше повеќе за положбите на телото, како и за основните удари и блокови со раце и нозе, овој пат се вежбаа комбинации од веќе научените техники.

Цели четири часа, членовите на доџо-то немилосрдно и беспоштедно се посветија на тренингот, а на крајот сите среќни си заминаа дома, знаејќи дека својата вештина ја искачиле погоре за уште едно ниво.

Следниот семинар во доџото во Скопје ќе биде на тема: Шиноби Таисо.

Одржан Зимскиот Нинџа Тренинг - Начини на Преживување во Природа VII

Posted on Categories Почетна

Вчера се одржа седмиот по ред Зимски Нинџа Тренинг на кој членовите на Буџинкан Македонија имаа можност повторно да ги изучуваат начините на преживување во природа за време на најстудените месеци во годината.

Првите шест настани беа посветени на полирање на вештините за снаоѓање во шума во зимските месеци, додека од оваа година инструкторот Игор Довезенски го започна новиот циклус на предавање на вештините за зимско преживување на ридести терени односно предели.

Поради специфичноста на настанот, не би сакале преку овој извештај јавно да зборуваме за специфичностите на семинарот, бидејќи сметаме дека тие можат да се почуствуваат само преку директно учество, но затоа ќе Ви ги пренесеме импресиите на кохаи Таки Гаковски кои тој ги објави на нашиот интерен Форум.

„Уште една авантура во дневниците на боречките уметници од Буџинкан Македонија.
Времето одлично не послужи, иако не го посакувавме тоа. Беше топло во поголемиот дел од денот, а студот ни се придружи дури на крајот од семинарот. Но тоа најверојатно беше така и поради соодветното место за логорување и обука, избрано од Сенсеи..

Беше одлично да се видат златните ридови на Орљак, Еленац и на Липац, кои овој пат беа покриени со снег. Конечно им избегав на скопските магли. Бев на едно совршено место – со совршени луѓе.
После долгото пешачење по побелените ридови, пристигнавме на местото каде што се стациониравме. Веднаш почнавме со работа. Секој си имаше своја задача. Јас лично уживав во плетењето на дрвените ѕидови на засолништето. Рацете ми беа како ‘поминати низ
ренде’ и полни со трња, но тоа не предизвика да ми се смени прекрасното расположение. Откако целосно ја изградивме колибата, таа изгледаше одлично. Чувството кога ќе влезеш внатре не може да се опише со зборови.
Кога си заминавме кон Хомбу, видовме зајак како трча нагоре по ридовите. Брз и незапирлив. А небото чисто и само една ѕвезда на него. Со Шидоши Хо Марко заклучивме дека најверојатно тоа е ѕвездата на Хомбу Доџо-то. Таа што најсилно свети и го чува во ладните зимски ноќи.

На многу луѓе омилени места им се тие надвор од границите на нашата земја. Тоа се места каде можат да одат само еднаш годишно. А на мене омилено место ми е Хомбу Доџо-то, каде што можеме да одиме кога и да посакаме.

‘Нормалните луѓе’ вчерашниот ден го поминале во своите топли домови, со кафе пред мониторите. Само преку малите екрани тие можат да доживеат некаква авантура. Ги сакам семинарите во природа и затоа се толку значајни и важни бидејќи авантурите се доживуваат лично и реално!
Голема благодарност до Сенсеи за СЕ.

Уште една испишана приказна во историјата на Буџинкан Македонија“.

Извештај за 2016-та година

Posted on Categories Почетна

Неверојатно – ама вистинито. И оваа година го повторивме минатогодишниот успех и повторно одржавме 29 семинари. Малку фалеше да го срушиме рекордот, бидејќи недостасуваше само еден пријавен учесник за настанот „Нинпо Не Ваза“, па поради тоа моравме да го откажавме семинарот кој ќе беше „30-ти во 2016-та“.

Да Ви презентираме мал дел од тоа што сработивме во текот на изминатата година.

И овој пат почнуваме со меѓународните семинари организирани во Македонија од страна на Организацијата „Пат кон Сонцето“.
 
Во април, повторно го имавме нашиот учител за Даито рју Аикиџуџутсу, шиханот Антонино Черта, кој го одржа својот редовен годишен семинар во нашето доџо, при што ни пренесе нови техники од оваа древна самурајска традиција.

Веќе во мај, во Хомбу Доџо-то ни допатува и Сенсеи Ерик Лоув, придружуван од еден свој ученик. За време на неколкудневната посета тој се потруди да ни пренесе колку што е можно повеќе од своето богато искуство во Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.

Што се однесува до семинарите на кои предаваше инструкторот Довезенски, листата изгледа вака: седум одржани семинари за Даито рју Аикиџуџутсу, од кои четири во Хомбу и три во доџото во Скопје. Осум нинџутсу семинари во Хомбу Доџо-то под Липац и два во скопското доџо. Седум во природа, меѓу кои, овој пат ќе го споменеме легендарниот „Патот на Шугенџа“, кој на барање на членовите на доџото повторно беше „оживеан“. При тоа, беше постигнат и еден неверојатен подвиг што долги години ќе се раскажува, бидејќи шидоши Довезенски и кохаи Гаковски успеава да изминат неверојатни 100 километри во еден ден, без одмор и паузи.

Оваа година, за прв пат од основањето на Организацијата, инструкторот Довезенски ги намали патувањата и усовршувањата во странство, па така учествуваше само на еден меѓународен семинар во странство односно во Милано (Италија) каде што предаваше шиханот за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – Нобутоши Отаке.

Покрај овие настани, вредат да се споменат и следниве: нашите
најмлади членови (Нинџа Клинци) на два пати вежбаа во Хомбу Доџо-то; одржавме семинар за организацијата
CEED Macedonia, за што на Буџинкан Македонија му беше доделена
благодарница за искажаната поддршка и особен придонес за развојот на
претприемачката програма за децата и младите во земјава; на
декемвриското полагање добивме двајца нови Семпаи (Владимир Антовски и
Михаил Дракалски). 

Летото неизбежно беше резервирано за нашиот надалеку прочуен „Летен
Корју Камп“, на кој инструкторот Довезенски, меѓудругите вештини ја
предаваше и најстарата јапонска: Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.

Неизбежно е да споменеме, дека во 2016-та година, Буџинкан Македонија доби нов нидан (II дан) односно шидоши хо Марко Опачиќ положи за овој мајсторски степен.

Што се однесува до јавните настапи на медиумите, оваа година имавме едно гостување во емисијата „Урбан Таг“ на ТВ21, како и една сторија со интервју во дневниот весник „Вечер“.

На крајот, како и секогаш упатуваме голема благодарница до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено на нашите ученици од Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу). Не сме сигурни дали и следната година ќе можеме да го одржиме епитетот „најдинамично европско доџо“, меѓутоа ветуваме дека се додека нашите стапала ја газат оваа македонска земја, нашата љубов кон борбените јапонски класични вештини постојано ќе расте.

Пат кон Сонцето. Едно доџо – едно семејство. Буџинкан Македонија. Приказна на нашите животи.

Нинпо Иккан!!!    

Одржан семинарот Џиссен Хеихо

Posted on Categories Почетна

Петнаесет членови на Буџинкан Македонија учествуваа на вчерашниот „Џиссен Хеихо“ семинар. Повеќето од нив никогаш порано не се сретнале со овој систем на борба развиен од страна на шидоши Игор Довезенски, но импресиите после настанот им беа на највисоко можно ниво.

Поради ниските надворешни температури и динамичниот и жесток тренинг внатре во доџо-то, целата просторија беше исполнета со влага, а во одредени моменти, испарувањата од телата на вежбачите ја намалуваа видливоста предизвикувајќи завеса од ситни капки.

За време на настанот, се изучуваа и вежбаа техники од дакентаиџутсу, џутаиџутсу, нинпо не ваза и шиноби таисо. И покрај силниот ритам, ниту во еден момент тренингот не ја намали својата динамика односно сите учесници покажаа одлична воља за усовршување на телото и на умот.

Повеќе информации за Џиссен Хеихо ——> тука

Инаку, ова беше 28-иот по ред семинар за оваа година во „Пат кон Сонцето“, а последниот ќе се одржи следната недела.    

Одржан Наге Ваза семинарот

Posted on Categories Почетна

Во скопското доџо на Буџинкан Македонија, вчера се одржа семинар посветен на техниките на фрлање на противникот (Наге Ваза).

За време на настанот, шидоши Довезенски во најситни детали ги објаснуваше сите фази кои следат пред самото фрлање, почнувајќи од фатот со противникот (Куми Учи), па потоа преку исфрлувањето од рамнотежа (Кузуши), па се до самиот момент кога противникот под дејство на неколку взаемни сили ќе почне да се „одлепува“ од земјата. 

На крајот од семинарот, инструкторот Довезенски ја предаде техниката О Сото Гурума која предизвика силни реакции кај учесниците, особено што за прв пат се запознаа со ова навистина моќно фрлање. 

Следниот семинар ќе биде на тема: Не Ваза (Техники на земја).

Одржан семинарот на тема: Шурикенџутсу

Posted on Categories Почетна

Вчера во дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа семинар на кој инструкторот Игор Довезенски ги подучуваше своите ученици на нинџутсу вештината на гаѓање со метални сечива, инаку познати под името шурикени.
На семинарот присуствуваа девет членови на Буџинкан Македонија, но повеќето од нив беа од почетничката група која ја предводи шидоши хо Марко Опачиќ. По завршувањето на настанот, тој на Форум-от на доџо-то го објави следниот текст:

„Ова беше мојот педесети семинар во природа и можам да кажам дека уживав помеѓу моите ученици, но и дека конечно за прв пат сум задоволен од нивното залагање од кога ја преземав почетничката група во јануари, 2013 година.
На настанот присуствуваа шесторица од нив, а очекувам да се пријават и во јануари на ’зимското преживување’. На тие педесет семинари и безмалку десет години од моето членување во доџо-то, учестувале многу деца. Некои си заминале, малкумина останале и на некој начин секој си го одбрал својот пат. Некои си заминале со ’вградени’ воински карактеристики и одлики, додека некои заборавиле на тоа што доџото направило од нив и за нив.
Кога ќе ги соберам сите мисли кои за неколку секунди ќе ми поминат низ умот, сфаќам колку сме ние привилегирани и уникатни што сме членови на ова доџо.

Дали знаете колку деца пораснале трчајќи низ лисјата во дворот? На колку од нив им било стоплено срцето од каминот во доџото? Дали знаете дека врз тие татами се распослани сите чисти души на нашите најмлади членови и дека за нив не постои поголема сатисфакција од можноста да растат меѓу вистински Воини?

Деца мои, само да ви кажам нешто. Денес се возевте со Сенсеи во неговото возило, потоа вежбавте школа која што многу малку клубови во светот ја познаваат, гаѓавте со вистински шурикени што досега сте ги гледале само на филмови. Дали сте свесни колку Вие се разликувате од вашите врсници? Или дека сте иднината на нашето доџо? Дека сте го одбрале најдобриот Пат?

Вежбавте изложени на ладен есенски ветер. Сето тоа знаење стекнато на ваков начин останува засекогаш ’залепено’ за Вас. Тренингот во доџо и надвор од него не е ист и мило ми е што барем малку го почуствувавте тоа. Ова денес беше искушение за вашиот карактер, за упорноста, трпеливоста, истрајноста и издржливоста.

Јас сакам да му се заблагодарам на Сенсеи што повторно (како и секогаш) максимално се потруди да ни пренесе се што можеше за тие неколку саати, како и за новите детаљи околу техниките. На секој семинар има по нешто ново, по нешто различно, што не е претходно кажано и забележано од наша страна и во тоа лежи сета таа убавина на вештината“.