Тогакуре рју ШурикенЏутсу

Posted on Categories Почетна

Неделниот Тогакуре рју Шурикенџутсу семинар не освежи во секој поглед и ни отвори надеж дека пред нас е уште една година исполнета со неверојатни тренинзи и духовни воински патувања.

Наместо регуларен извештај, ќе пренесеме дел од чувствата искажани од шидоши хо Марко Опачиќ на нашиот интерен Форум.

„Издржавме цели четири месеци чекајќи го март за да повторно ја почуствуваме магијата која во себе ја носи тренингот во Хомбу Доџо-то. Овој месец почнавме ’нинџарски’ уште од самиот старт, а ќе продолжиме самурајски веќе од следниот викенд.

Беше преубав сончев мирен селски ден, кога Сенсеи не нареди во линија и го отвори тренингот за ШурикенЏутсу од школата Тогакуре рју. Речиси никој претходно не беше убаво запознаен со начините на фрлање од оваа школа, а Сенсеи едноставно ни докажа дека треба многу години тренинг за да се совладаат овие егзотични вештини. Во неговите раце, Бо-шурикените изгледаа како да се дел од неговото тело и сосема природно се забодуваа во метата, чиниш се испалени од некаква направа, а не од човечка рака. Бевме воодушевени гледајќи го, па се обидовме и ние, но безуспешно, барем на самиот почетокот. Но како што се нижеа часовите, некои Монџини успеаа да покажат добри резултати (како за прв пат). По четири саати тренинг со Бо-шурикени, почнавме обука со Сенбан. Многу брзи, прецизни и елегантни ’нинџа движења’ збогатени со усните преданија со кои не почести Сенсеи.

Имаше прекрасни учесници на овој семинар кои неуморно се трудеа да научат, а особена почит искажувам кон Елеонора, која на влезот од осмиот месец од бременоста го издржа целиот тренинг, заедно со останатите поискусни Воини на Буџинкан Македонија.
На крајот, Сенсеи ги закачи табличките на кои беа испишани имињата на Саше и на Ксенија на ’Нафуда Каке-то’ во Хомбуто. Се поклонивме на нивните таблички, споделивме насмевки и среќа помеѓу себе и ги споменавме имињата на следните Монџини кои се на ред да се најдат на ’таблата на честа’. Непроценлив ден поминат во неверојатна атмосфера, наместо во некое скопско кафуле или пред телефон. Пат кон Сонцето, Школо за Воини и Воинки!“