После одржани четириесет и пет семинари во текот на 2018-та, си го поставуваме прашањето: До кога ќе ги надминуваме границите кои всушност и никогаш не сме си ги поставиле?
А не сме си поставиле ниту граници, ниту пак сме се зарекле, туку благодарение на огромната љубов кон јапонските боречки вештини и со неверојатната посветеност која гори во нас, ги рушиме сите рекорди – дури и на светско ниво. За да биде појасно, во годината има 52 викенди, а ние за време на истите сме одржале 45 семинари односно толку пати сме имале дополнителни (покрај редовните во текот на работната седмица) специјализирани целодневни часови за Кобудо.
Да почнеме со ред. Можеби најважниот настан за 2018 година беше патувањето на инструкторот Игор Довезенски во Јапонија поради усовршување на Буџутсу и Нинџутсу во Земјата на Изгрејсонцето. На еден од тренинзите, шиханот Јукио Ногучи на водачот на Буџинкан Македонија му додели 10 дан, со што единственото признато македонско доџо сега има учител со највисок ранг. Истовремено, соке Масааки Хатсуми на Довезенски му даде Буго односно боречко име – Грмогласниот Тигар. При тоа, на Какеџику (висечки свиток) му напиша „Ехото на грмогласниот тигар одекнува низ планините“.
Тука повторно мора да се спомене и приемот на Довезенски кај Јасусада Иизаса, 20-тиот Соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу и тоа во доџото изградено од страна на неговите претци.
Но да се вратиме повторно на семинарите кои отприлика изгледаат вака. Дванаесет беа посветени на Даито рју Аикиџуџутсу, од кои шест беа одржани во Хомбу, а четири во доџото во Скопје. Два од нив беа организирани во природа.
Што се однесува до школите на Буџинкан, шест настани беа организирани во скопското доџо, додека дури 13 во Хомбу-то на „Пат кон Сонцето“. На ова треба да се додадат и седумте Нинџутсу семинари во природа, од кои за оваа година би ги издвоиле петиот по ред „Живот во Дивината“, вториот „10.000 години ПНЕ“, како и десетиот по ред „Патот на Шугенџа“.
Поради предвидениот пат во Јапонија на шидоши Игор Довезенски, оваа година учествувавме на само еден меѓународен семинар во Софија (Бугарија), каде што нашиот Учител за Даито рју Аикиџуџутсу, Сенсеи Черта предаваше на покана на Бугарската Аикидо Федерација.
Да не го заборавиме и најголемиот настан кој низ текот на годините се здоби со легендарен статус, а тоа е нашиот надалеку прочуен „Летен Нинџа Камп“, на кој инструкторот Довезенски, оваа година за прв пат предаваше и Даито рју Аикиџуџутсу (меѓу другите вештини). А претходница како и лани беше (вториот по ред) „Детски Нинџа Камп“.
Покрај сите овие настани, вредат да се споменат и следниве: Мега интервјуто на Водачот на Буџинкан Македонија дадено за единствениот македонски портал за боречки вештини ИПОН.МК. Потоа одличната демонстрација (Ембу) на постарите членови на „Пат кон Сонцето“ пред Конзулот на Јапонија во Република Македонија – Тојоказу Кубота. Учеството на Health, fitness and wellness Expo, како и интервјуто на Тодоровски, Антовски и Гаковски за „Неделниот магазин“ на Македонската Телевизија.
На крајот на годината добивме и еден нов Семпаи односно Сања Симонова успешно положи за втори кју, а семпаи Филип Трајановски стана носител на кафеав појас (први кју).
Како и секоја година, упатуваме најголема благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено кон постарите членови на Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу).
Го задржуваме епитетот на најдинамично европско доџо, а ќе се потрудиме тој епитет да го рашириме и во светски рамки. Затоа што ние храбро чекориме по „Патот кон Сонцето“. Остануваме сложно семејство. Остануваме синоним за Воинство. Буџинкан Македонија тече низ нашите жили. Вечно.
Нинпо Иккан!!!