Вчера на падините на ридот Орљак се одржа деветиот по ред семинар „Начини на Зимско Преживување“. За разлика од минатата година, кога снегот заврна за време на самиот настан, овој пат го имаше во изобилие благодарение на врнежите од минатата недела. Сето тоа беше од голема корист за учесниците на семинарот, бидејќи можеа да искусат едни поразлични услови за зимско преживување.
Првиот семинар во 2019-та внесе силна возбуда уште пред самата најава, бидејќи уште минатата година беше познато дека на двајца од нашите постари членови и редовни учесници на семинарот, ќе им бидат тестирани вештините кои досега ги научиле. За таа цел, учителот Довезенски на своите ученици Михаил Дракалски и Таки Гаковски им одреди две осамени локации на кои тие во рок од пет саати требаше да ги истакнат сите вештини за зимско преживување кои досега ги научиле за време на учеството на претходните настани. На крајот на денот, семпаи Гаковски успешно го положи тестот за основите на зимско преживување, а со самото тоа стана вториот член на Буџинкан Македонија кому тоа му успеало.
По завршувањето на семинарот, Гаковски, заедно со шидоши хо Опачиќ, ги споделија своите чувства на интерниот Форум на „Пат кон Сонцето“.
Пред почетокот на искачувањето на Орљак, Сенсеи ни подели неколку совети, а потоа ги поведе останатите соборци во друг правец. Со семпаи Мики тргнавме во спротивна насока од другите, а потоа си подадовме рака и братски си посакавме среќа еден на друг, разделувајќи се.
Само што се искачив на брдото, налетав на едно добро место. Карпа од едната и грмушка од другата страна. Си реков ‘тука ќе престојувам’ и веднаш се зафатив со работа. Го оставив ранецот и
тргнав да барам сува трева и гранки за да запалам оган. Потоа неколку пати се поколебав да ја сменам локацијата и да се качам повисоко, но сепак останав бидејќи не ми се ризикуваше. Со помош на мало ашовче, го расчистив делот од снег каде требаше да престојувам и да запалам оган. Ми беше ужасно тешко и речиси невозможно да ги потпалам дрвцата. Само што ќе се кренеше пламен, веднаш се гасеше поради тоа што дрвата беа влажни. Тогаш кренав раце од намерата и одлучив да го оставам огнот за подоцна, по што почнав да го градам засолништето. Откако завршив со градбата, почнав да собирам сува трева. Имав среќа што над мојата локација ја имаше во изобилие. Во тие мигови бев толку многу мотивиран, што не мислев ниту на трњата, ниту на болката предизвикана од нив. Го искористив советот на семпаи Мики, да се однесувам како да треба да ги спасувам најблиските – да преживеат. Откако завршив со изградбата, се вратив на огнот. На крајот после многу обиди – успеав. Набргу забележав дека на ридовите е многу тешко да го одржуваш пламенот, бидејќи насекаде има само мали гранки, а никаде големи. Затоа трчав на сите страни. Штом ќе најдев неколку суви гранки веднаш се враќав назад за да ги ставам во огинот. Така постојано бев во трчање се додека не дојдоа Сенсеи и соборците. Се молев да дојдат што побрзо бидејќи бев целосно исцрпен и бев воден единствено од челичниот дух. Помеѓу мене и семпаи Михаил воопшто не стануваше збор за ривалство, туку за пријателство и соборство. Претходно постојано бевме во контакт, споделувавме идеи, записи и искуства, се со цел да го положиме тестот обајцата.
На крајот, сакам да се заблагодарам на Сенсеи за сето знаење што несебично ни го пренесува“. – Таки Гаковски