Се одигра „Последната Битка“

Posted on Categories Почетна

29072013063048pre1.jpgЈа преживеваме последната битка со природата и со тоа ставивме крај на едно прекрасно дружење и себеспознавање. Ставивме крај на едно екстремно тестирање за кое ќе раскажуваат и следните генерации на нашето доџо.

Седум години по ред, воините на Буџинкан Македонија ја ставаа на тест својата издржливост и упорност преку невиден подвиг, познат под името „Преживување во природа“. Но се што е убаво има свој крај, па така го завршивме и ова патешествие.

За среќа повторно успешно!

Викендов што измина, за последен пат, единаесет членови на доџо-то земаа учество во „последната битка“  со природата и со самите себе. Од нив осуммина успеава да „преживеат“ и да ја добијат борбата со својот ум и со своето тело. Тројца од пријавените и покрај огромната желба, не успеава да ја издржат голготата под врелото сонце. Нивното тело попушти и мораа да се откажат пред време.

Семинарот започна во 08.00 часот во саботата, кога групата се упати кон местото викано С’мкнено. Станува збор за природно свлечиште сместено меѓу два речиси голи ридови, каде нема никаква сенка односно заштита од жешкото сонце. Целиот терен изобилува со песок, камења и карпи, а самата средина е примамлива единствено за некои видови инсекти и диви животни.

По пристигнувањето веднаш се започна со тренинг и средување на логорот и така наизменично до 23.00 часот, со цел да не се дозволи негативните мисли да преовладаат, а истовремено телото и духот да се стават под огромен притисок.
Првиот ден од семинарот, се откажаа двајца од пријавените. Напорниот тренинг и високата температура на воздухот, која изнесуваше 37 целзиусови степени, но и дехидрација поради малата дозволена количина на вода за пиење, си го направија своето. Кај нив се појави притисок во градите проследен со силно срцебиење, неконтролирано потење и нарушување на срцевиот ритам.

Ноќта помина во најдобар ред, со чување стража и со 29072013063057prez2.jpgтричасовно спиење, кое всушност е единствениот одмор каде е дозволено целосно седнување односно залегнување.

Во неделата во 05.00 часот пред изгрејсонце, воините веќе будни се упатија на ближниот рид каде се започна со кенџутсу тренинг. Околу 05.30 часот, учесниците го поздравија изгревањето на сонцето, а потоа продолжија со тренингот.
Во 09.00 часот, тие започнаа со медитација во коритото на исушениот водопад, а потоа со силен марш групата се упати кон местото „Стари Лозја“, каде што продолжи со вообичајните активности.

Вториот ден температурата на воздухот беше за еден степен помала (36 целзиусови), но заморот беше видно зголемен, па така уште еден член мораше да се откаже поради сончаница која почна да предизвикува проблеми со ориентацијата, а подоцна предизвика силна главоболка проследена со повраќање.

Во 16.00 часот, водачот на Буџинкан Македонија прогласи крај на семинарот, по што учесниците се вратија на стартната точка каде што добија вода и овошје со цел да ја повратат силата назад.

Така, заврши овој голем настан за Буџинкан Македонија, кој седум години по ред го организиравме и на кој секогаш со задоволство и гордост ќе се сеќаваме.

На сите учесници кои „преживеава“ им честитаме што станаа дел од историјата на доџо-то, а на останатите кои се откажаа, исто така им честитаме за покажаната храброст да земат учество на настанот.

Нинпо Иккан!!!

Преживување во природа® VII (Последната битка)

Posted on Categories Почетна

04072013134947183316_411856425543813_607Стигнавме до крајот. Дојдовме до последниот семинар (седми по ред) „Преживување во природа“ што ќе биде организиран од страна на организацијата Пат кон Сонцето и Буџинкан Македонија.

Минатата година шидоши Игор Довезенски пред учесниците на настанот изјави дека нема намера повеќе да организира семинар на кој се појавуваат исти ученици, кои се веќе докажани. Тој спомена дека во последните неколку години не гледа причина да организира настан на кој подмладите ученици немаат предизвик или храброст да учествуваат. Само вака, според инструкторот Довезенски, семинарот ќе се зачува во спомените како нешто недостижно за повеќето „обични луѓе“. 

За што станува збор? Пред седум години, Довезенски го создаде семинарот со наслов „Преживување во природа“ на кој членовите на Буџинкан Македонија требаше да ја тестираат својата воља и издржливост до крајните граници. Како што годините изминуваа, така секоја година стандардите и предизвиците беа поголеми, но истовремено и се помалку ученици се пријавуваа за учество. Во последните две-три години, само мала група на членови останаа доследни и бестрашно влегуваа во оваа авантура (и најчесто) успешно ја совладуваа. 

Шидоши Игор Довезенски отсекогаш велел дека Будо може да вежба секој и секаде. Дека сигурноста што ја овозможува атмосферата во доџо-то воопшто не дозволува некому за да се нарече воин. И најважно од се, Довезенски отсекогаш велел дека нинџутсу може да се вежба само со близок контакт со природата и преку тестирање на издржливоста (физичка и ментална) до крајните граници.

Епа, ова е последна прилика за тоа:

За храбрите, за одважните.

Два пеколни дена, далеку од цивилизација, без храна и само литар ипол вода, без дополнителна облека и хигиенски средства. Два дена вежбање, медитација и голо преживување.  

Место: С’мкнено (26 км. до најблискиот град и болница / пустински услови)

Време: 27 и 28 јули, 2013 година
Пријавување најдоцна до 18 јули, со цел да се избегне калкулирање со временските услови. 

Почеток: 07:00 часот (сабота)

Враќање: само Господ знае

Прочитај убаво и размисли!!!

Maкедонија е позната по пеколните летни температури предизвикани од таканаречените „африкански бранови“. Најтопло е во последните денови од јули, кога температурата се искачува и над 45 целзиусови, а индексот на сончевото зрачење е на максималното ниво.

Пред семинарот, секој учесник во сопствена организација треба да си направи соодветни лекарски прегледи и да добие усмена или писмена потврда од лекар дека е психофизички здрав и целосно подготвен за дводневен екстремен напор (под врелото летно сонце), без храна и вода, а проследен со тежок тренинг и тричасовен сон. 

Секој учесник доброволно се пријавува на семинарот и04072013120711Prezivuvanje9876pp9p.jpg сноси сопствена одговорност за евентуалните последици настанати по неговото здравје или живот!

Настанот е отворен за сите и на него можат да учествуваат сите граѓани на Македонија (и од надвор) со наполнети 18 години.

Дозволена опрема: вреќа за спиење, шаторско крило, војничка униформа (панталони и кошула), една маица, капа, еден пар гаќи (широки), еден пар чорапи, јаже, нож и шише од литро ипол (празно).

Важно: забрането носење храна, вода и останати работи кои не се наведени погоре. Пред поаѓање, ќе има задолжителна проверка.  

Најважно: семинарот е предвиден само за цврсти момци и девојки. Условите за тренинг ќе бидат исклучително тешки, а дисциплината ќе биде железна. Тие кои не се чуствуваат психофизички спремни за да „влезат во пеколот“ и кои не се подготвени да го убијат сопственото его, ги молиме да не се пријавуваат на семинарот. Имајте во предвид дека температурата на воздухот може да се искачи над 45 целзиусови. Забрането седнување на задник за време на семинарот (во текот на двата дена) и потпирање на сите четири екстремитети истовремено. Само три часа спиење, останатото време тренинг.

Забрането жалење, изговори и плачење за време на семинарот.

Појаснување: Дозволена количина на вода за пиење за двата дена: 1.5 литри.
Неколкупати досега сме слушнале дека „чим е дозволено литар ипол вода и не е толку страшно“. Должни сме да Ви појасниме дека таа количина на вода, под врелото сонце, се губи во првите неколку часови од тренингот. Течностите од Вашето тело испаруваат преку потење, дишење и зборување. Вие во текот на двата дена постојано имате активности кои предизвукуваат потење, а при тоа не смеете да седнете ниту за миг и да се одморите. Нема сенки, нема дополнителни количини вода. Размислете добро!!!

Се гледаме наскоро во „дупката“. 

Одржан Јуми Ја семинарот

Posted on Categories Почетна

02072013060640yumiya435.jpgЛошите временските прилики проследени со дожд и грмотевици го спречија одржувањето на неделниот семинар Суи Рен, па така тој беше заменет со интензивен тренинг за Иаиџутсу (брзо извлекување и симултано сечење со самурајски меч). 

Одржувањето на саботниот семинар за лак и стрела (Јуми Ја), донекаде беше успешно, иако дождот кој паѓаше за време на викендот го менуваше распоредот постојано. 
Така, учениците успеава да ја поминат обуката за изработка на лак и стрела, меѓутоа, учењето на техниките за гаѓање беше попречувано од молњите и дождот. 

За да не се случува ова и понатаму, беше договорено отсега овие две вештини да се предаваат за време на Летните Нинџа Кампови во август.

Дводневен семинар во природа на тема: Јуми Ја / Суи Рен

Posted on Categories Почетна

Шиноби воините кои ја изучувале школата Тогакуре рју Нинџутсу задолжително морале да бидат обучени во 18 воени дисциплини наречени Нинџа Јухаккеи (忍者十八系). Една од тие дисциплини е Суи Рен (水練) односно обуката во вода.

На 29/30 јуни, инструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, ќе одржи два семинари кои традиционално се организираат од страна на Школото за борбени вештини Пат кон Сонцето.

Првиот ден (сабота) ќе биде посветен на техниките на изработка и гаѓање со нинџа лак и стрела (јуми ја џутсу), додека за време на вториот (недела) ќе се вежбаат техниките во вода (суи рен).

На семинарот можат да присуствуваат само членовите на организацијата, но без разлика на рангот и звањето.

Во минатото, шидоши Довезенски овие две вештини ги предаваше секое лето, но пред две години одлучи овие настани да ги организира секоја втора година. Тие што ќе пропуштат сега, ќе мора да чекаат цели две години на нив.

Саботниот семинар ќе започне во 10.30, а неделниот во 10.00 часот. За сите учесници е обезбедено бесплатно спиење во Хомбу Доџо-то на Пат кон Сонцето.

Одржан семинарот „Кенџутсу под ѕвездите на Липац IV“

Posted on Categories Почетна

На падините на легендарната планина Липац, 0306201305305623r23.jpgвикендов се одржа семинарот што секоја година го одржуваме во чест на нашиот учител за Даито рју Аикибудо, шиханот Антонино Черта.

На настанот учествуваа 12 членови на Школото за борбени вештини Пат кон Сонцето, кои во текот на двата дена неуморно ги вежбаа техниките на јапонската традиционална боречка школа Оно ха Итто рју (Такеда ден).

Во саботата, се вежбаше шест, додека во неделата вкупно пет часа. Ако на ова се додадат искачувањата по планината во текот на двата дена, тогаш слободно може да се каже дека успешно ја одржуваме нашата борбена готовност и кондиција.

За разлика од минатите години, кога спиевме под отворено небо, оваа година преспавме во конаците на преубавиот манастир „Свети Ѓорѓија“.
Освен напорниот тренинг и уживањето во прекрасната и недопрена природа на Липац, неизбежно беше и гравчето во котле кое секогаш се приготвува за саботната вечера.

По завршувањето на семинарот, домаќинот на 03062013053116rtert.jpgманастирот ни понуди секоја година да ни ги отвора конаците за преспивање, а таквата понуда со задоволство ја прифативме со цел на настанот да ги привлечеме да учествуваат и нашите помлади членови кои се уште не се навикнати да спијат под отворено небо.

На крајот сите учесници уште веднаш го најавија своето присуство за следната година, што само говори за квалитетниот тренинг и убавината на оваа едноставна боречка школа која плени со својата едноставност и ефикасност.

Кенџутсу под ѕвездите на Липац IV

Posted on Categories Почетна

16052013173255vdf%20%282%29.jpgКако што самиот наслов кажува, оваа година по четврти пат ќе го одржиме семинарот посветен на нашиот Даито рју Аикибудо учител – шиханот Антонино Черта.

Ние од Школото за борбени вештини Пат кон Сонцето, целосно сме посветени на изучување на неколку традиционални јапонски буџутсу школи, меѓу која и Оно ха Итто рју (Такеда ден). 

Оваа моќна мечувалска школа  била задолжителна за сите членови на познатиот самурајски клан Такеда. Легендарниот воин Сокаку Такеда, познат како еден од последните јапонски самураи, добил менкјо каиден (лиценца за стекнато знаење) токму за оваа кенџутсу рју ха. 
Овој настан нашите членови со нетрпение го чекаат во текот на целата година. За време на дводневниот тренинг во природа, на врвот на мистичната планина Липац, учениците од сите степени се дружат и запознаваат меѓу себе.
Во текот на денот, ќе се одржуваат по три тренинзи, а вечерта ќе биде резервирана за дружење околу огнот, проследена со вкусно гравче и по некое пивце. 

Ден: 01/02 јуни, 2013 година (поаѓање од Скопје во 07.00)

17052013042549ken9087.jpgМесто: под ѕвездите на планината Липац.

Опрема: шатор (кој има), вреќа за спиење, кеико ги, кјахани или високи чорапи (против крлежи) бокуто (може и резервен), храна и вода.

За дополнителни информации јавете се на нашиот телефон.

Семинарот е отворен за сите, без разлика на стилот и вештината. 

Ако Ви е потребна опрема, слободно јавете се.

Настанот ќе се одржи без разлика на временските услови.

Запознавање со Теншин Шоден Катори Шинто Рју

Posted on Categories Почетна

Водачот на Буџинкан Македонија, шидоши Игор 05052013091514erik.jpgДовезенски, беше во неколкудневна посета на Холандија, каде што за прв пат имаше можност да ја вежба најстарата документирана традиционална јапонска боречка вештина – Теншин Шоден Катори Шинто рју.

За време на посетата, Довезенски беше прифатен за ученик од страна на сенсеи Ерик Лоув, кој е личен ученик и претставник на шиханот Рисуке Отаке.
Освен со сенсеи Ерик, водачот на организацијата Пат кон Сонцето, вежбаше и со неговите постари ученици, при што беше запознаен со основите на оваа древна боречка школа.

Бидејќи до неодамна, Катори Шинто рју беше речиси целосно затворена за јавност, овој извештај нема да содржи детаљи за тренинзите, но сите заинтересирани можат лично или преку и-мејл да се обратат до инструкторот Довезенски доколку имаат некакви прашања.  

Податоци од Википедија за школата:
http://en.wikipedia.org/wiki/Tenshin_Sh%C5%8Dden_Katori_Shint%C5%8D-ry%C5%AB

Одржан семинарот „Силата на Јари - почеток“

Posted on Categories Почетна

31032013163616yaride.jpgСеминарот посветен на начините на борба со
копје, „Силата на Јари“, ги освежи спомените од претходните години и уште
повеќе го „зацементира“ знаењето за древната јапонска вештина Соџутсу.

Првичната локација предвидена за одржување на семинарот, беше заменета со Хомбу
Доџо-то, поради дождот што непрекинато паѓаше во текот на целиот ден.

Место извештај, ќе пренесеме дел од искуството на шидоши хо Марко Опачиќ –
ученик кој досега учествувал на сите семинари за борба со копје одржани под
водство на шидоши Довезенски:

„Досега се одржаа четири семинари за Јари, а првиот и последниот беа
посветени на основите. Си запишував забелешки (во форма на деншо) после секој семинар, но ми фалеше последното коцкиче од мозаикот кој го составив денес.

Беа потребни четири години за да ги разберам
начините на борба со копје. Но знаењето не би било комплетно без куденот
пренесен од страна на учителот. Како и секогаш, на кратките
паузи, сенсеи навлегуваше длабоко во детаљите и ги објаснуваше техниките односно каков
бил начинот на војување со копје во ’старите’ времиња. Посебно потенцираше
дека за да бидеме добри со копје, мораме да имаме перфектни моторни способности, кои ќе овозможат одлично таи сабаки.

Во корју работите ’се добиваат’ со напорен тренинг. Нема ’фаќање кривини’. Потребно е време за да се научи, разбере и усоврши некое оружје. Многу малку луѓе се подготвени да го прифатат ова, но најупорните ќе испливаат и ќе опстанат. Другите ќе талкаат и ќе се трудат преку ноќ да дојдат до диплома, а ветерот ќе ги однесе со се неа“.

Силата на Јари - Почеток

Posted on Categories Почетна

Дојде време за одржување на овогодинешниот традиционален семинар за борба со копје (Со Џутсу).
Како што веќе знаете, за време на овој настан, учениците на Буџинкан Македонија ги изучуваат тајните на борба со копје (јари).

Секоја
година, инструкторот Игор Довезенски предава нови аспекти од вештината, откривајќи нови техники, начини и стратегии при користењето
на ова оружје.

15032013080339yari%20kjh.jpgОваа година, повторно ќе се вратиме на почетоците односно на основата, а тоа е одлична можност за сите кои досега не се запознале со копје-то.

„Школото Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу
ги користи следниве оружја: Јари (копје), Оно (воена секира), О Тсучи (голем
чекан), Тачи (меч) и Нагината. Легендата вели дека една вечер демон (Тенгу) му
дошол на сон на основачот на вештината и го научил како да се бори со Јари.
Овие техники и ден-денес се сметат за најголема тајна на школата.„

На семинарот можат да учествуваат сите ученици на
доџо-то Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето.

Потребна опрема за вежбање: бокуто и
јари

Тема: Силата на Јари – Почеток

Ден: 31.03.2013 (недела)

Место: Слепо Коло

Програма:

08.00 часот – поаѓање од Скопје

09.00 часот – пристигнување

10.00 -16.00 часот –
теоретски и практичен дел

17.00 враќање назад

Игор Довезенски - одговорен за развојот на Даито рју во Југоисточна Европа (Балкан)

Posted on Categories Почетна

Со одлука на мојот учител за Даито рју
Аикибудо, шиханот Антонино Черта, јас (Игор Довезенски, шидоин) сум
овластен да ја претставувам организацијата European Daito Kai во
регионот на Југоисточна Европа односно во земјите на Балканот.

Ги
повикувам сите заинтересирани лица кои сакаат да ја 01032013042627sga.jpgпреземат
одговорноста за ширењето на вештините Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха
Итто рју Кенџутсу (Такеда ден) во својата земја, да ме контактираат на мејлот: daito_macedonia@yahoo.com

Предност имаат водачите на клубовите кои се мои лични пријатели односно
негуваат пријателски односи со Буџинкан Македонија. Лицата кои се ловци
на дипломи и звања односно кои сакаат да постигнат успех преку ноќ, без
напорен тренинг, ги замолувам да не ме контактираат.

Инаку,
European Daito Kai е основана од страна на Антонино Черта, по барање на
неговиот учител Като Шигемитсу Соши, со цел да се шири учењето на Даито
рју Аикиџуџутсу низ земјите на Европа, на начин како што со векови
наназад се вежбалo во кланот Аизу.

Сенсеи Черта е единствениот
нејапонец во светот кои се здобил со титулата шихан, директно во доџо-то
Даитокан во градот Абашири. Тој најпрвин бил прифатен за ученик на
последниот соке Токимуне Такеда, а по неговата смрт, почнал да вежба со
сенсеи Като Шигемитсу.

Ова е одлична прилика да станете дел од
историјата на една од најстарите јапонски боречки вештини, која што е
позната како мајка на Аикидо-то. Бидете тој што ќе биде одговорен за
организирањето на Даито рју Аикиџуџутсу во својата земја и претставник
на European Daito Kai.

Игор Довезенски
шидоин, Даито рју Аикибудо
шидоши, Буџинкан Будо