Имавме многу интензивен викенд, исполнет со одлична дружба и тренинзи. Иако временските услови воопшто не беа благопријатно наклонети, сепак ниту за миг не не поколебаа да го правиме тоа во кое што најмногу уживаме.
Усовршувањето на јапонските традиционални боречки вештини започна во саботата наутро, со изучување и повторување на веќе научените техники на гаѓање со шурикени. Веќе следниот ден, започна семинарот за борба со копје, познат под името „Силата на Јари“, инаку настан кој редовно привлекува многу членови на Буџинкан Македонија.
За тоа како поминавме, ги пренесуваме чувствата на шидоши хо Марко Опачиќ:
– Уште еден во низата незаборавни викенд-семинари во Хомбу Доџо. Самото присуство во таков „храм“, Ве прави да се чувствувате некако отуѓено од сите проблеми што ги имате, да се соживеете со околината и да ги смирите умот и телото.
Саботниот ден не се „погоди“ баш за тренинг, поради лошите временски услови кои ги имавме, но тоа беше само еден дополнителен тест за нашата изджливост, трпение и снаодливост. Мислам дека има мал напредок кај тие што ова им беше второ или трето фрлање. Сенсеи се погрижи да ни го предаде целото деншо, а најмногу го очекував фрлањето додека правиш каитен истовремено. Прекрасно!!!
Вечерта како и секогаш беше резервирана за разговор со Сенсеи покрај каминчето во Хомбу. Додека ни ги раскажуваше неговите искуства од неговиот боречки живот, удираше печати на деншо-ата кои ни ги предаде на мене, на Зоки и на Мони. И тоа на „стар јапонски начин“, кој за прв пат го имав видено во животот. Потоа го отворивме и распославме макимоното за Гјокко рју (кое беше долго околу 30 метри). Внатре беа сите ставови, кати и нивоа. Тоа беше ден во кој што имаше многу што да се види, слушне и научи.
Следниот ден „лудилото пристигна“. Копје! Оружје кое што го обожувам и за кое сум се трудел најмногу од сите семинари во природа. Тешко е за ракување и потребно е многу тренинг и пот за да се совлада. Деншо-то за Јари за мене има најголема тежина од сите што сум ги добил од Сенсеи.
Што се однесува до самиот тренинг на Соџутсу и оваа година учениците навистина одлично извежбаа и сите се трудеа максимално да го совладат материјалот. Беа одлично мотивирани, никој не се откажа, и дефинитивно им се допадна, а тоа можеше да им се прочита на лицето. Среќен сум што и понатаму има ученици кои доаѓаат на семинари во природа, за време на викендите.
Сакам да го споменам и семпаи Зоки, кој секогаш ги корегираше помладите кога грешеа и секогаш ги караше ако не се трудеа доволно.