Членовите на Буџинкан Македонија, семпаи Тодор Ангеловски и кохаи Мартин Гачевски, на покана од педагогот Снежана Тодоровска, денес одржаа предавање и демонстрација на нинџутсу, наменета за дечињата од градинката „Срничка Бамби“ во општината Аеродром.
На најмладите, најпрвин им беше одржано предавање за потеклото и улогата на нинџите и на самураите во средновековна Јапонија, а потоа им беа покажани некои основни техники на борба без и со оружје. На крајот, дечињата имаа можност да поставуваат прашања, како и одблиску да ги разгледаат реквизитите наменети за тренинг.
Инаку, Доџо-то за класични јапонски борбени вештини „Буџинкан Македонија“, во секое време стои на располагање на сите заинтересирани институции кои сакаат да научат повеќе за боречките вештини кои доаѓаат од Земјата на изгрејсонцето.