Викендов што измина, инструкторот Игор Довезенски и ученичката Моника Ш., учествуваа на меѓународниот семинар за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, што се одржа во Атина – Република Грција. На настанот, покрај домаќините и преставниците од нашата земја, учествуваа и членови од Катори Шинто рју Холандија.
За време на петочниот тренинг, сенсеи Ерик предаваше кати од Омоте но Тачи, каде што се задржа на неколку детаљи во однос на изведбата и движењето на нозете. Во саботата, поголем акцент беше ставен на изведбата на техниките на извлекување на мечот од стоечка положба (Тачи аи Баттоџутсу), додека во неделата најмногу се вежбаа катите од Омоте но Иаи.
Последните два дена, Сенсеи Ерик, на Игор Довезенски му ги предаде и првите две кати од Омоте но Бо, со што се отвори уште „една врата“ во македонскиот огранок за Теншин Шоден Катори Шинто рју.
Следната средба со Сенсеи Ерик, ќе биде во мај, кога учителот ќе одржи меѓународен семинар во Македонија, секако во организација на Катори Шинто рју Македонија.