Викендов што измина, инструкторот Игор Довезенски одржа семинар во градот Јаши – Романија. Настанот беше организиран од страна на Каталин Сореану, водачот на „Буџинкан Шинган Доџо“. На семинарот учествуваа околу 30-тина учесници од неколку романски градови, практичари на различни боречки вештини, како и еден учесник од нашата земја кој допатува во Јаши специјално за овој настан.
За време на првата сесија во саботата, инструкторот Довезенски се задржа на основните положби на телото, како и на основните сечења и блокови со меч. Втората сесија беше резервирана за иаи џутсу, а потоа и за вежбање на основните форми на кенџутсу.
Во текот на вториот ден, тренингот започна со баттоџутсу, а потоа се пристапи кон повторување на целиот материјал што се изучуваше за време на семинарот.
Тоа што беше многу впечатливо за шидоши Довезенски е одличниот напредок на Каталин Сореану, стекнат во времето од последната средба во Македонија, па до сега. Едноставно не можеше, а да не се забележи дека во сето претходно научено, Сореану вложил многу љубов и труд, а со тоа и резултатите испливаа на површина. Исто така, не можеше да не се забележи и желбата на останатите учесници да навлезат подлабоко во тајните на традиционалното јапонско мечување. Многумина од нив, по завршувањето на семинарот изразија желба за повторна средба и за повторно изучување на кенџутсу.
На крајот, инструкторот Игор Довезенски сака да се заблагодари за поканата да предава, како и за одличната организација од страна на домаќините. Гостопримливоста на Каталин остави без зборови, а упатуваме благодарност и до неговите ученици Мариус, Нику, Ромео и Надја за љубезноста и за помошта околу организацијата на семинарот.