„Таи Сабаки и Каеши Ваза“ семинар во Скопје

Posted on Categories Почетна

По најавата за првиот семинар во природа, еве ја и најавата за првиот семинар во доџо.

Сите кои сакаат да го усовршат своето движење, како и да научат како да го избегнат нападот на противникот и при тоа да контрираат на неговата техника, ова е одлична можност.

Овој семинар ќе понуди многу повеќе од Вашата првична замисла. Всушност, сфатете го како длабинско копање низ тајните на основите на корју-то.

Време:

12/13 јануари
11:00-13:00 / 15:00-17:00 (двата дена)

Место:

Буџинкан Македонија

(Хигаши Шибу Доџо-Скопје)

Опрема: бокуто или шиноби гатана со саја

Повеќе информации на: daito_macedonia@yahoo.com
или кај Вашите инструктори.

Начини на преживување во природа III / Зимски нинџа тренинг

Posted on Categories Почетна

Традиционално, како и секоја година, ова е првиот клупски семинар во природа.
Познавањето на начините на зимско преживување се од исклучително значење, а нивното совладување е обврзно за секој вистински воин.

Покрај повторувањето на техниките од минатата година, на 27 јануари (2013) учесниците на семинарот ќе имаат можност да научат:

-засолништа и колиби04012013120345prez.jpg

-психологија на преживување

-палење оган

-пренесување оган

-изработка на оружје

-острење нож

-прва (медицинска) помош

-повик за спас

-чворови

-обезбедување вода и храна
-стапици

Потребна опрема: нож.

Предупредување:
температурите најверојатно ќе бидат во минус. Теренот е отворен и
ветровит. Присуство на диви животни во овој период од годината е
нормална појава. Најмалку седум часа без престан ќе бидете изложени на
екстремно ладно време.

Понесете со себе топла облека.

Ден: 27.01.2013 (недела)

Место: Млака

Програма:

08.00 часот – поаѓање од Скопје

09.00 часот – пристигнување

09.00 -16.00 часот – теоретски и практичен дел

17.00 враќање назад

Семинарот е отворен за сите. Прашања и пријавување на и-мејл, на телефон, во доџо или на Форум.

Извештај за 2012 година

Posted on Categories Почетна

Во изминативе години, годишните
извештаи за нашата организација покажуваа постојан напредок и развој. Оваа
година, иако во глобала беше доста успешна, за прв пат можеме да кажеме дека стопроцентно
не сме задоволни од резултатите.

Да почнеме со меѓународните семинари.

29122012182755mario.jpgОрганизиравме и поканивме само еден
мајстор со светско реноме да подучува во нашето доџо. Станува збор за Марио Де
Мол од Белгија, инаку највисок ранг во организацијата Џиненкан. Иако ние сме
членка на организацијата Буџинкан, отворени сме и имаме желба да соработуваме и
да разменуваме искуство со сите квалитетни будоки кои имаат капацитет и знаење.
Инаку, Марио Де Мол е посебна приказна. Станува збор за личен пријател на
водачот на Буџинкан Македонија, шидоши Игор Довезенски, со кого речиси и да нема
ден да не контактираат и да разменат мислење на одредена тема. Техниката на
Марио е на многу високо ниво, што е дополнителна мотивација во секое време да
се покани овој мајстор да одржи предавање во нашата земја.

Што се однесува до домашните семинари,
во 2012 година организиравме и одржавме вкупно 12. Шест беа семинари во
природа, додека шест се одржаа во доџо. Од нив, на 11 подучуваше шидоши
Довезенски, додека на еден, предаваа асистентите Марјан Прошев и Марко Опачиќ.

Шидоши хо Прошев, заедно со кохаи Маја
Илиевска, одржаа предавање за првачињата во Основното училиште „Љубен Лапе“, на
тема: Класичните јапонски самурајски и нинџа школи. Нивното предавање, дечињата
го прогласија за најдобро во учебната година.

Најголем успех за 2012-та е
завршувањето на 29122012182810293298_404730226256433_159изградбата на Хомбу Доџо-ото под Липац и неговото пуштање во
употреба. Со напорна работа и многу залагање и жртвување, го завршивме за рекордни 13
месеци. Во него одржувавме дополнителни интензивни тренинзи речиси секој викенд.

Секцијата за Даито рју Аикибудо, која
што работи под закрила на Европската Даито Организација (European
Daito Kai), прерасна во
доџо рамноправно на останатите членки. Како што веќе знаете, во Пат кон Сонцето,
покрај вештините на Буџинкан, се негуваат и други корју школи. Даито рју
Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден) се едни од нив и ние сме
среќни што сме единствена организација во Југоисточна Европа каде што може да
се научат овие јапонски класични вештини.

Интерна тема во Буџинкан Македонија беше
Шинден Фудо рју Таиџутсу. Ги „поминавме“ сите кати од сите нивоа и навистина
уживавме во техниките на оваа школа.
Во 2013 година, ќе се фокусираме на Гјокко рју Кошиџутсу, како и на Џутте и Тессен Џутсу.

Во август, го одржавме надалеку
познатиот Летен Нинџа Камп, со 22 учесници од нашата земја и од странство.
Времето поминато на кампот останува засекогаш врежано во спомените, а знаењето
стекнато таму е од непроценлива вредност.

Јавниот интерес за нашата работа останува
голем, но ние и понатаму ги одбиваме сите покани за учество во медиумите.
Нашиот квалитет го докажуваме во доџо и немаме потреба јавно да се експонираме. 

29122012182828shibu.jpgПри крајов на годинава, Буџинкан
Македонија подготви за работа уште едно доџо во Скопје. Сместено е во
просториите на „Рударски Институт“ во населбата Аеродром, а првиот тренинг е
закажан за 4 јануари (2013 година). Доџото е уредено по сите стандарди и
условите во него се навистина одлични.

Во секцијата во Тафталиџе засега
вежбаат петнаесетина ученици. Отсега, па натаму, задолжен за работата во овој
огранок ќе биде семпаи Антон Перчинков (1кју).

Секцијата во Градско, за жал, моравме
да ја затвориме. Причина за тоа, е што нашиот ученик, кој го раководеше овој
огранок, беше повикан да работи во специјалните полициски единици на МВР. Му
посакуваме среќа и успех во работата.

На вчерашното полагање за ученички
степени, нашите членови покажаа огромен напредок. Од напредната група, Антон
Перчинков положи за прв, а Мирон Цали за втор кју.  Во главното доџо на Буџинкан Македонија членуваат околу 30-тина ученици.

Тогаш, каде потфрливме?

Оваа година „загубивме“ неколку
постари ученици. Некои од нив заминаа поради лични причини, а некои ги измори
долгогодишниот напорен тренинг. Со сите нив имаме постојан контакт и го
негуваме пријателството. Посакуваме да соберат сила и да ги продолжат
тренинзите во доџо-то, а вратата за нив ќе биде засекогаш отворена. Токму
нивната загуба ја сметаме за лош резултат и нереализирана цел. Кога со години вложуваш
напор да го подигнеш нивото кај ученикот на секој можен начин, не е сеедно кога
ќе ја слушнеш одлуката дека си заминува.

Но, тоа е составен дел од животот.
Едни заминуваат, други доаѓаат, а тие што остануваат ги делат сите моменти од
Патот.

Иккан!

Ново доџо во скопската населба Аеродром

Posted on Categories Почетна

19122012053428Rudarski.jpgШколото за
класични јапонски борбени вештини Буџинкан Македонија, отвори уште едно доџо во скопската населба Аеродром. Во него ќе работат неколку секции, а првиот тренинг е закажан за 03.01.2013 година.

Во новото доџо, за прв пат ќе се отвори специјална група наменета исклучиво за работа со деца од 6 до 12 годишна возраст. Ние веруваме дека децата се најголемото богатство на нашата земја и сме убедени дека здравата младина ќе донесе просперитет на идните поколенија на нашиот народ.

Покрај оваа, ќе работат и секциите за Шиноби Таисо (техники за заврстување и зајакнување на телото), како и секции за возрасни каде што ќе се изучуваат класичните јапонски самурајски и нинџа вештини.

Доџо-то е лоцирано во просториите на „Рударски Институт“ (веднаш до ’Веро’) и ги има сите услови за одржување на тренинзи, како и на викенд-работилници на одредени теми.

Пред да се одлучите да станете наши членови, Ве молиме да прочитате неколку
факти, но и да размислите дали Буџинкан Македонија е вистинското место за Вас.

Нашето доџо (школо) е основано во 1995 година од страна на шидоши (учител) Игор
Довезенски, единствениот признат инструктор кај нас од страна на меѓународната
организација Буџинкан Доџо и нејзиниот соке (поглавар) Масааки Хатсуми. Шидоши
Довезенски има полагано за годан (5 дан) пред 20 шихани (мајстори од највисок
ранг) и е првиот и единствениот Македонец во светот носител на ова високо
признание. Тој поседува менкјо (лиценца) која му дозволува да раководи со
единственото доџо за класични самурајски и нинџа вештини во Македонија.

Буџинкан Македонија е еден од најголемите и најдинамични Буџинкан клубови во
целиот свет. Ние се согласуваме дека квалитетот е поважен од квантитетот, но
сме убедени дека квалитетот неминовно носи квантитет. Полното доџо е само
потврда за големото знаење и напредокот кои се стекнуваат кај нас.

Доколку сте подготвени на промени, новата 2013-та година започнете ја со тренинг на класични јапонски самурајски и нинџа вештини. Сите заинтересирани
треба да го најават своето присуство на и-мејл или на телефоните: 071 277 457
или 077 976 906.

Распоредот на тренинзи можете да го видите тука.
Корисни информации за тренингот – тука.

Секцијата за Даито рју Аикибудо прерасна во доџо

Posted on Categories Почетна

11122012163342ukjh.jpgПри денешниот разговор со шиханот Антонино Черта официјално бевме известени дека нашата секција прераснува во доџо.
Сенсеи Черта, нашиот учител за Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден), на ваков начин ја награди нашата одлучност и подготвеност да ја вежбаме и негуваме вештината, на
ист начин, како што тој ја вежбал кај соке Токимуне Такеда. 
Ова се случува по тригодишно членување во неговата организација како придружен член односно после тригодишно тестирање на нашата воља и решителност. Даито рју Македонија – Корју Доџо, од денес е рамноправен член со останатите доџо-а во организацијата European Daito Kai.
http://www.daito-ryu.com/association.html

Интересно е дека поради својата скромност, денес малкумина луѓе го познаваат сенсеи Черта, иако станува збор за еден од најголемите мајстори за традиционални јапонски боречки вештини во Европа.
Во 1991 година, како мајстор за Аикидо, тој заминува за Јапонија и директно се упатува во Хомбу
доџо-то во градот Абашири, каде што станува личен ученик на Токимуне
Такеда (36-тиот соке на Даито рју). Сенсеи Черта е првиот нејапонец кој бил
прифатен за личен ученик на Токимуне, но и првиот и единствениот
нејапонец кој се здобил со титулата шихан (мајстор учител). По смртта на
Токимуне Такеда, Антонино Черта продолжува да вежба како личен ученик
на најдобрите мајстори во Абашири: шиханите Като, Сано и Арисава.

По сугестија на соши Като Шигемитсу, сенсеи Черта во 2006 година ја основа организацијата European Daito Kai, со цел да го негува и да го пренесе во Европа учењето на соке Токимуне Такеда. 

Сенсеи Черта целиот свој живот го посветил на јапонските боречки вештини, а автор е на книгата: „Daito-ryu Aikibudo, History and technique“
http://www.budovideos.com/shop/customer/product.php?productid=23778

На крајот му се заблагодаруваме на сенсеи Черта за укажаната чест, а ние и понатаму ќе продолжиме со напорна работа со цел да ја оправдаме неговата доверба.

Одржан семинарот за Џиссен Хеихо®

Posted on Categories Почетна

121120120742422.jpgИнструкторот Игор Довезенски викендов го промовираше
системот Џиссен Хеихо (Реални борбени стратегии), при што предизвика голем
интерес кај членовите на Буџинкан Македонија.
Дводневниот тренинг се одржа во Хомбу Доџо-то на
организацијата Пат кон Сонцето, а учество земаа десет ученици.

Наместо извештај за настанот, ќе пренесеме само дел од импресиите на учесниците,
а кои беа објавени на службениот Форум на Пат кон Сонцето.

„Точката што
можеби недостасуваше е токму Џиссен Хеихо. Барем јас така го почуствував тоа, после она што го видов и слушнав.
Од оправдани причини бев единствениот што не вежбав, но верувајте уживав, иако ми се плачеше што седев до каминот.
Камаето беше фајтерско,
агресивно и ’шизички’. Тренинзите напорни, динамични, убави за око, а уште поубави за тело.121120120743024.jpg
Се ’лупаа’ убаво, не се ’даваа’ до последен момент, се жртвуваа и трудеа
максимално. Беа
среќни и задоволни, иако
беа изудирани речиси секаде. Кондицијата им скокна уште
повеќе, бидејќи Џиссен Хеихо е таков – динамичен, брз, агресивен.
Што се однесува до содржината, секој удар или техника, сенсеи детаљно ја образложи. Која
била причината да се ’вметне’, од каде доаѓа и кога се користи. Се има причина. Ништо не е на ’тепка’ или на памет. Тоа многу помогна учениците подобро да го разберат Џиссен Хеихо. Го прашав сенсеи дали планира да го ’вметне’ ова на тренинзите во Скопје? Ми рече: ’НЕ, ова е само за тие што сакаат повеќе,
што сакат да се усовршат и на ова поле. Јас сум инструктор за Корју, така и ќе остане. Ова е само надополнување’.
Ви препорачувам дека
Џиссен Хеихо ќе ве подобри многу како борци. Во секој поглед.“ – Марко О.

„Џиссен Хеихо е забавно до коска! Тие пет минути рандори мислиш дека траат вечност и те трошат физички и психички
како за еден цел тренинг во доџо, ама чуството после тоа е ФАНТАСТИЧНО!
Два дена со една супер дружина, многу ’млатење’ и смеење, далеку од градот и проблемите. Од главата, па до нозете, мислам дека нема дел на
моето тело што не е во болка, но чуството е прекрасно.“ – Мирон Ц.
121120120742563.jpg„Добро
е што прстиве не ме болат, па можам да ’тапкам’ по тастатурата, после семинарот Џиссен Хеихо!
Ова ми е прв семинар во Хомбу Доџо-то и импресии имам премногу. Техникава што ја ’склопил’ сенсеи е многу поразлична од тоа што
се работи на регуларните тренинзи. Иако самите удари ги има во корју, ставот, динамиката и кондицијата што
е потребна, се дефинитивно нешто
ново.
Се запознавме со дел од основите на Џиссен Хеихо и мислам дека ќе биде уште позабавно и понатаму, поточно не се знае колку ќе биде забавно, уште не сме почнале со вистински спаринг :).
Фантастичен тренинг и викенд со фантастични борци.„ – Владо А.

По завршувањето на дводневниот тренинг, на барање на
учениците, беше договорено за Џиссен Хеихо да биде резервиран секој втор викенд
во месецот.

Џиссен Хеихо® семинар: Претставување

Posted on Categories Почетна

05112012043318Jissen-Heiho.jpgЏиссен (実戦) е борба. Хеихо
(兵法) е стратегија.

Џиссен Хеихо е борбена стратегија развиена од страна на шидоши Игор Довезенски, со цел да се прилагодат традиционалните јапонски борбени вештини на времето во кое живееме.

Џиссен Хеихо не е вештина!!!

Шидоши Довезенски никогаш немал,
ниту ќе има желба да создава вештини, или, пак, да се прогласува за нивни основач. Тој никогаш не се сомневал во практичноста на корју вештините.
Напротив, тој верува дека традиционалните борбени вештини се најдобриот начин да се заштитиме себеси и другите.

Зошто тогаш потреба од Џиссен Хеихо?

„Џиссен Хеихо е систем на самоодбрана, во кој се инкорпорирани најпрактичните техники од сите традиционални борбени вештини кои досега сум ги проучувал и вежбал. Јас не сум измислил ништо ново, а и немам потреба за такво нешто. Според мене,
корју нуди сето тоа што е потребно на една индивидуа ефикасно да се одбрани. Јас само сакам да го соберам сето мое искуство на едно место и да го прилагодам на новото време. Денес, пред органите на правосудството е многу тешко да докажеш што е самоодбрана. Начинот на борба се менува односно се употребуваат крајно валкани трикови. Борбата се менува под влијание на модерните мешани борачки вештини
(ММА). Во такви услови редно е да се развие систем кој се потпира на корју техники и кој ќе овозможи одбрана подготвена во најкракот можен рок.
Повторувам, базата на Џиссен Хеихо не е ништо друго освен најдоброто од корју. Џиссен Хеихо се роди од корју. ЏиссенХеихо е корју.
Без вежбање корју не е можно да се вежба Џиссен Хеихо.“

За време на тренингот, се користи заштитна опрема со цел да се намалат повредите.

Тренингот е поделен на:

-Шиноби Таисо® (кондиционирање на телото, класични и модерни методи)
-Дакентиџутсу (положби, удари и блокови)
-Џутаиџутсу (зафати, фрлање,
давење, контрола)
-Нинпо Не Ваза® (борба на земја)

Се вежба и контролирана слободна борба (рандори)
и Атеми но Танрен
(кондиционирање на ударните површини).

Тренингот изгледа како комбинација од стариот „олд скул“ начин на вежбање во Буџинкан, но со примена на нови методи и техники.

Потсетување !!!

Шидоши Игор Довезенски не „бега“ од таканаречените Такаматсу-ден традиции, од школите кои се изучуваат во Буџинкан, ниту од учењето на соке Масааки Хатсуми.
Како и секогаш, основата на неговиот тренинг се состои од знаењето стекнато преку Буџинкан. Сите кои што вежбале во неговото доџо знаат дека таму се вежбаат единствено корју вештини и дека ретко кој толку многу внимава на детаљите на школите.

Џиссен Хеихо е само начин на вежбање како практично да се примени наученото. Всушност, како што шидоши Игор Довезенски сака да порача на душегрижниците: „ова е само еден од интерните начини како да се ’размлатиме’ чесно меѓу нас и да ги испотиме задниците. Џиссен Хеихо е стратегија, не е вештина. Корју-то е секогаш наш императив“!!!

п.с. Тренингот во доџо-то во Скопје, како и во секциите, останува ист – вежбање на класичните јапонски борбени школи на традиционален начин.
Џиссен Хеихо ќе се вежба секој втор викенд во месецот во Хомбу Доџо-то и посетувањето на часовите ќе биде на доброволна основа.

Датум: 10/11.11.2012

Место: Пат кон Сонцето – Хомбу Доџо

Одржана Работилницата за самоодбрана за жени

Posted on Categories Почетна

29102012055400zeni_1.jpg„Јас не се предавам“ – под ова мото се одржа овогодишната традиционална Работилница за самоодбрана за жени, организирана од Школото за класични јапонски борбени вештини Буџинкан Македонија.

Оваа година, настанот се одржа во Хомбу Доџо-то на Пат кон Сонцето, а учествуваа десетина девојки кои во текот на двата дена неуморно ги совладуваа техниките за самоодбрана во ситуација кога напаѓачот ќе ја собори жртвата на земја.

За време на Работилницата, инструкторот Игор Довезенски се обиде на најреален начин да ја доближи ситуацијата на напад, а воедно и да ги истакне најважните точки на дејствување за успешна одбрана. Тој посвети доволно време и на менталната подготовка која што е потребна при соочувањето со насилникот, а 29102012055338zeni2.jpgистовремено на учесничките им задаваше најразлични сценарија на напад кои што се случуваат при обид за силување и улично насилство.

Покрај исцрпувачкиот тренинг, слободното време беше искористено за дружење покрај каминот во доџо-то, како и за прошетки низ прекрасната природа во долината на планината Липац. 

На крајот, девојките со тешко срце го прифатија фактот дека Работилницата заврши и дека до следната ќе мора да почекаат цела година.

Работилница за самоодбрана за жени

Posted on Categories Почетна

2709201205512148957.jpgДосега на секои две, а од сега секоја година, Школото за класични јапонски
борбени вештини Буџинкан Македонија ја организира својата надалеку
позната:

Работилница за самоодбрана за жени.

Темата на овогодинешниот семинар носи наслов:

Јас не се предавам!!!

Во работилницата посветена за самоодбрана на

понежниот пол ќе добиете одговор на

следното прашање:

Што ако ме собори на земја?

Работилницата
се организира специјално за нашите ученички, но добредојдени се сите, без разлика на нивото на знаење.

Потребна опрема: тренерки и маица (без патенти и копчиња). Се вежба на душеци (боси).

Датум на одржување:

27/28 октомври, 2012 година

Место: Пат кон Сонцето – Хомбу доџо

Дополнителни информации: 077 976 906 или на е-маил: daito_macedonia@yahoo.com

Интервју со инструкторот Игор Довезенски за „Дневник“ на оваа тема:

http://www.bujinkan.org.mk/index.php?page=magazine#1192c497ffb4389c4ded8a10fca07e05

Одржан семинарот „Патот на Шугенџа ® VI“

Posted on Categories Почетна

240920120317207895.jpgПеторица ветерани и еден почетник на Буџинкан Македонија, оваа година учествуваа на духовното патување наречено Патот на Шугенџа.

Според мерењето базирано на старата воена мапа, во текот на вчерашниот ден изминавме околу 45 километри. За тој подвиг ни беа потребни околу десет ипол часа.
Како и секоја година, така и овој пат избравме непознат терен, а при неговото совладување се потпиравме на чуството за ориентација, сонцето и воената мапа.

Патувањето започна околу 08:00 часот со искачување на Липац од неговата северо-западна страна. Првата препрека се појави при совладувањето на врвот Кула, поради големата стрмнина односно речиси вертикална линија.
Потоа се упативме на југ и по еден час пешачење стигнавме во Пезово. Од тука, го сменивме правецот кон исток и движејќи се кон источниот дел на К’шање, влеговме во атарот на Татомир. Пред да влеземе во селото, „пресековме“ кон север и движејќи се меѓу Шопско Рударе и Коњух наидовме на прекрасен кањон (кој го искористивме како пат кој не однесе на почетната точка). По околу два часа пробивање низ непроодните карпи стигнавме до Крива Река, а подоцна се беше полесно.

Како и секоја година, за време на Патот имавме 240920120317429485.jpgможност да уживаме во неверојатните пејсажи што го одземаат здивот. Видовме места на кои со години нема стапнато човечка нога, наидовме на непознати за нас видови растенија и животни, кањони и потоци, кладенци и стари чешми.

Ние во Буџинкан Македонија честопати на шега го употребуваме изразот
„салонски нинџи“. Тој израз означува постојано вежбање во доџо, без
испробување на вештините во дивина, на непознат терен, без соочување со
опасности од непознатото. 

На крајот честитки за ветераните кои без поголеми проблеми го изодеа Патот на Шугенџа-та за 2012 година, но и за почетникот кои имаше храброст да се пријави за учество на настанот. Иако тој на моменти доживуваше кризи и тешкотии, сепак успешно го заврши семинарот.