Одржан семинарот „Борба со Нож и Пиштол“

Posted on Categories Почетна

Во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, викендов што измина се одржа семинар на тема „Борба со нож и пиштол“.
На настанот учествуваа единаесет членови на Буџинкан Македонија кои во текот на двата дена изучуваа начини на справување со напаѓач кој атакува низ различни сценарија.

За време на семинарот, учителот Игор Довезенски постојано ги потенцираше најважните аспекти на борбата, а особено внимание посвети на психолошката и филозофската подготвеност кои еднакво се важни во ситуација кога сме нападнати и животот ни е во опасност.

По завршувањето на настанот, учесниците го изразија задоволството и се заблагодарија на учителот за деталноста околу предавањето на техниките.

 

По 12-ти пат одржан „Летниот Нинџа Камп“

Posted on Categories Почетна

Во периодот од 4-ти до 12-ти август, во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, по дванаесети пат се одржа легендарниот и надалеку проучениот настан на Буџинкан Македонија – Летниот Нинџа Камп.

Поради ситуацијата со корона вирусот и почитувањето на мерките предвидени од властите на Република Македонија, оваа година бевме принудени учеството да го ограничиме на само 15 учесници. Како и да е, дури и во услови на пандемија и економска криза, целосно беа  задржани квалитетот, како и содржините на кампот.

Им благодариме на сите учесници за подршката, а воедно го изразуваме нашето задоволство поради сите прекрасни зборови искажани и упатени на нашата адреса.

Се гледаме следната година!

Големата самурајска секира Оно - семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во неделата во дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа семинар посветен на големата самурајска секира (Оно) на Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу.

За време на настанот, учесниците имаа можност да ги вежбаат техниките со Оно, кои се неверојатно интересни, особено што за да се работи со ова орудие, треба да се поседува снага и контрола во мускулите.

На крајот на семинарот, членовите на Буџинкан Македонија побараа на есен да биде организиран уште еден семинар на истата тема.

Одржан семинарот 10.000 П.Н.Е.

Posted on Categories Почетна

Заврши и четвртото издание на традиционалниот семинар за преживување, познат под името 10.000 П.Н.Е.
Колку за потсетување, целта на овој настан е да се запознаеме подобро самите себе си и да дознаеме колку сме способни да преживееме без придобивките на модерната цивилизација.
Наместо класичен Извештај, Ви пренесуваме дел од импресиите на учесниците објавени на нашиот интерен Форум.

„Cеминарот 10.000 П.Н.Е., кој за прв пат cе одржа пред четири години, полека но сигурно cе претвори во еден од традиционалите настани на Буџинкан Македонија. Карактериcтично за овој семинар е изборот на локацијата која по правило е мистична и изобилува со необична убавина. Овој пат изборот падна на месноста Оброчито Долче, сместено под ридот Олтоманац.
Ceнcеи ни раcкажа дека на тоа меcто во минатото cе извршувале различни обреди и дека cпоред месните преданија во долчето ce coбирале cамовили.

По пристигнувањето на локацијата, како и секогаш веднаш се фативме со работа. Најпрво го раcчиcтивме меcтото, а потоа почнавме cо подготовка на највкуcниот оброк. И овој пат успеавме да уловиме змија, а Сенсеи не научи како да приготвиме едноставно јадење наречено клин-чорба. Тој ни појасни дека за време на втората светска војна неговиот дедо успеал да нахрани цела чета со помош на овој едноставен рецепт.
Интересно е да се напомене дека ‘Оброчито Долче’ изобилува со живот, како со растителен, така и со богат животински свет. Освен разните видови змии, под дабовите лисја можеа да се сретнат мали скорпии. За време на семинарот Cенcеи несебично ни предаваше и за македонcката митологија. Според него, секој Воин треба да има широки познавања од многу области, ако сака да биде комплетен во своето знаење“ – семпаи Таки Гаковски

„Сенсеи неколку пати досега има кажано дека доколку можеше нашава земја да биде раководена според принципите на Буџинкан Македонија, таа би била пример во светот и би ја нарекувале ‘Јапонија на Балканот’.
Најлесен начин за да се уверите во овие зборови е да дојдете на некој семинар во природа.
Инаку да признам, овој настан ми стана еден од омилените поради мистичните локации кои ги одбираме и поради богатата историја на истите, која дури ни луѓето кои живеат во околината денес не ја познаваат. Сигурен сум дека сите семинари на кои учиме техники за преживување, се вистински предизвик за воините на Буџинкан Македонија. Истовремено секогаш сум сигурен во способноста на Сенсеи да не изорганизира и мотивира, дури и кога се соочуваме со најтешките предизвици.

Местото беше навистина магично, особено додека ги гледавме сите тие вагончиња кои некогаш служеле за пренос на руда. Паднати во долот, исполнет со карпи на кои расте зелена мов, му даваа филмска атмосфера на целиот предел.
На крајот да додадам дека семинарот ми остави толку силен впечаток, што следниот ден додека работев, пред очите ми минуваа сликите од Оброчито Долче“ – семпаи Владимир Антовски

25 години Пат кон Сонцето и Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Во топла и семејна атмосфера и со скромна веселба и ограничен број гости, во дворот на Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“ на 2 јули беше прославен 25-тиот роденден од основањето на Организацијата, како и на првото нинџа доџо во нашата земја – Буџинкан Македонија.
Истовремено основачот и првиот човек кој ги донесе класичните јапонски боречки вештини во државава – учителот Игор Довезенски, прослави 32 години од влегувањето во светот на Нинџутсу и Буџутсу.

Им се заблагодаруваме на сите наши поранешни и сегашни членови и ученици кои се дел од ова прекрасно семејство, како и на сите наши пријатели и симпатизери, а најмногу на постарите ученици (семпаи) кои сесрдно му помагаат на учителот Довезенски во работата на најдинамичното Доџо во Европа.

Одржан семинарот за Лак и Стрела

Posted on Categories Почетна

Во неделата, во новиот двор на Хомбу Доџо-то на Организацијата Пат кон Сонцето, се одржа семинар за лак и стрела. Притоа, учесниците имаа можност да вежбаат гаѓање со три ралични видови на лакови.

На настанот учествуваа седуммина членови на Буџинкан Македонија, кои неуморно во текот на шест саати, се трудеа да постигнат најдобри резултати, усовршуваќи го своето стекнато знаење.

Учителот Игор Довезенски најпрвин им предаваше техники на гаѓање од два стоечки ставови, како и два различни начина на држење на тетивата на лакот (со показалец и среден прст и со палец). Потоа се премина на техники на гаѓање од клекната положба, со едното колено назад или напред.

На крајот на семинарот, учениците на Буџинкан Македонија си заминаа среќни и полни со импресии од настанот, со желба што побрзо да се организира следниот на истата тема.

Одржан 11-тиот по ред „Силата на Јари“

Posted on Categories Почетна

Традиционалниот семинар за борба со копје насловен како „Силата на Јари“, во организација на Доџото за самурајски и нинџа вештини „Буџинкан Македонија“, се одржа по единаесети пат. На настанот учествуваа десет Воини на Буџинкан Македонија, меѓу кои и трите деца на учителот Игор Довезенски.

И овој пат, како и минатата година, поле беше на работ на шумата Млака во селото каде што е сместено Хомбу Доџо-то. Местото е одбрано за да наликува на бојните полиња од средновеновна Јапонија. Претходно, „Силата на Јари“ се одржуваше на местото Слепо Коло, поради специфичниот ридест и нерамен терен, а се со цел учениците да научат да се борат на секакви теренски услови.

На семинарот, учителот Довезенски со особено внимание ги следеше техниките изведени од страна на семпаите Владимир Антовски и Михаил Дракалски. По кратката анализа одлучи дека нивниот развој се одвива поволно и дека е време да добијат деншо во кое се пишани сите техники од вештината Соџутсу кои се вежбаат во нашето доџо. Малата церемонија на доделување на деншо-то ќе се одржи за време на традиционалниот семинар „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“.

После двомесечна пауза одржан семинар за Шурикени

Posted on Categories Почетна

После подолга двомесечна пауза предизвикана поради корона вирусот (ковид 19), конечно во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа семинар посветен на вештината на гаѓање со метални сечива – Шурикенџутсу.

Настанот се одржа во дворот на доџото, а на истиот присуствуваа неколкумина членови на Буџинкан Македонија кои ги вежбаа техниките на фрлање и гаѓање со шурикени.

Атмосферата за време на тренингот беше одлична, а најмногу поради фактот што конечно почнавме да го правиме тоа што најмногу го сакаме и во кое што најмногу уживаме.

Буџинкан Македонија во време на кризата предизвикана од вирусот корона

Posted on Categories Почетна

Поради кризата предизвикана од вирусот корона, нашето Доџо како и сите други во земјава, беше принудено привремено да паузира со својата работа. На нашите членови им беа дадени насоки и предлози за тоа како да ја одржуваат својата кондиција и своето здравје, а слободното време поради карантинот во кој што се најдовме беше искористено за да се завршат обврските околу новиот двор во Хомбу Доџо-то.

Како што веќе знаете, стожерот (хомбу) на Буџинкан Македонија се прошири за нови 1800 м2, кои ќе бидат претворени во еден вид „светски нинџутсу центар“ односно место кое ќе може да прима ученици и заинтересирани за изучување на Нинџутсу, Буџутсу и Аикиџуџутсу од сите страни на земјината топка.

Земјата која што инструкторот Довезенски ја купи, се наоѓа веднаш зад Хомбу-то и граничи со таканареченото „летно доџо“. На проширениот дел, предвидено е да се изградат четири мали куќички во кои нашите членови односно посетителите, додека се на обука, ќе можат да престојуваат заедно со своите партнери/партнерки или со членови на своето семејство. Останатиот дел ќе биде хортикултурно уреден и претворен во пријатно катче за одмор и рекреација.

Очекуваме наскоро мерките за заштита од короната да се ублажат односно полека да се укинуваат како што вирусот слабее и да почнеме со нормална работа и активирање на нашите тренинзи во Скопје.

„Прва помош“ - совети и практики за боречки уметници

Posted on Categories Почетна

Под водство на учителот Игор Довезенски, во неделата во скопското доџо на Буџинкан Македонија се одржа семинар за прва помош.
За време на настанот, членовите на Организацијата за изучување
класични јапонски боречки вештини „Пат кон Сонцето“ беа подучувани за начините на давање прва помош на лица кои се повредени во сообраќајни или друг вид на незгоди, на лица со изгореници или жртви на давење во вода, но и при разни ненадејни акутни состојби опасни по животот на најблиските.

Ви пренесуваме дел од импресиите на семпаи Владимир Антовски.

„Среќни сме што Сенсеи денес ни одржа уште еден од оние семинари каде се изучува и другата страна на боречките вештини. Давањето прва помош при повреди, несреќни случаи и разни незгоди е навистина многу важна вештина која може да спаси нечиј живот или да го спаси сопствениот. Поминавме неколку најважни и најчести ситуации како што се давање помош при срцев удар, мозочен удар, задушување, внатрешно и надворешно крварење, труење од издувни гасови и храна, електричен удар, но и помош при разни видови скршеници на коските. Ситуациите беа детално разработени и објаснети од страна на Сенсеи, кој на неверојатен начин ни го пренесе своето огромно знаење“.