Со 34 семинари во текот на 2022 година, иако далеку под нашиот рекорд од 45 семинари во 2018-та, се уште со сигурност го задржуваме епитетот „Најдинамично Доџо во Европа“.
Еве како изгледаше изминатава година претставена во бројки.
Учителот Игор Довезенски, како водач на Буџинкан Македонија, организираше и предаваше на вкупно 27 семинари за Нинџутсу односно техники од школите кои Масааки Хатсуми Сенсеи ги наследил од Тошитсугу Такаматсу Сенсеи. Од нив, 12 биле во дворот или во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“, 10 во скопското доџо, три во природа, како и на два меѓународни семинари надвор од Македонија.
Тука ќе ги споменеме семинарите одржани во Србија и во Турција, на кои Довезенски беше поканет да пренесе дел од своето знаење во нинџутсу школите, но и организацијата на меѓународниот семинар во нашата земја, на кој водачот на „Пат кон Сонцето“ предаваше заедно со својот пријател од Турција – Ерџан Шарбат.
Уште попрецизно, годината на Буџинкан Македонија изгледаше вака: два детски нинџа маратони, еден детски нинџа самит, три семинари во природа, еден семинар за Шиноби Таисо, една работилница за самоодбрана за жени, три семинари во Скопје, седум семинари во Хомбу, два тим билдинзи за фирми на кои Довезенски предаваше сегменти од нинџа вештините, еден домашен меѓународен семинар, два меѓународни семинари во странство, еден детски како и еден летен камп за возрасни.
Што се однесува до „Даито рју Македонија – Корју Доџо“, во 2022 година одржавме вкупно седум семинари од кои шест за Даито рју Аикиџуџутсу и еден за Оно ха Итто рју Кенџутсу.
Покрај сите овие настани, имавме и неколку медиумските презентации и интервјуа за национални телевизии и портали, како и учество и донации во неколку хуманитарни акции.
Вреди да се забележи и учеството на учителот Игор Довезенски и на неговата ќерка Косара, во првиот македонски акционен игран филм (со нинџа тематика) во кој се користат нинџутсу техники. Имено, во завршна фаза е филмот со работен наслов „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец, кој го ангажираше учителот Довезенски како кореограф на боречките сцени, додека Косара беше каскадер/дублер на главниот лик во филмот – Матеа. Истовремено, Довезенски беше консултант во деловите на сценариото поврзани со јапонските боречки вештини, а дел од својата домашна колекција на јапонски предмети со задоволство позајми на продукцијата за да се збогати сценографијата во филмот.
Треба да се спомене и бронзениот медал „Генин“ доделен на семпаи Таки Гаковски за десетгодишно неуморно вежбање во Буџинкан Македонија, како и издавањето на македонската верзија на вториот број од мангата Такаматсу во Кина, овој пат со поднаслов „Мисијата во Шилијнхот“.
На крајот, како и секогаш, упатуваме најголема благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено на постарите членови на Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции.
За 2023 година, имаме големи планови и најави и повторно ветуваме дека ќе го дадеме најдоброто од себе за да го задржиме високиот стандард кој го поставивме не само во регионов, туку и во светски рамки. Продолжуваме во најдобро светло да ја претставуваме нашата татковина – Република Македонија каде и да се појавиме.
Буџинкан Македонија – Една љубов, едно семејство!