Во изминативе години, годишните
извештаи за нашата организација покажуваа постојан напредок и развој. Оваа
година, иако во глобала беше доста успешна, за прв пат можеме да кажеме дека стопроцентно
не сме задоволни од резултатите.
Да почнеме со меѓународните семинари.
Организиравме и поканивме само еден
мајстор со светско реноме да подучува во нашето доџо. Станува збор за Марио Де
Мол од Белгија, инаку највисок ранг во организацијата Џиненкан. Иако ние сме
членка на организацијата Буџинкан, отворени сме и имаме желба да соработуваме и
да разменуваме искуство со сите квалитетни будоки кои имаат капацитет и знаење.
Инаку, Марио Де Мол е посебна приказна. Станува збор за личен пријател на
водачот на Буџинкан Македонија, шидоши Игор Довезенски, со кого речиси и да нема
ден да не контактираат и да разменат мислење на одредена тема. Техниката на
Марио е на многу високо ниво, што е дополнителна мотивација во секое време да
се покани овој мајстор да одржи предавање во нашата земја.
Што се однесува до домашните семинари,
во 2012 година организиравме и одржавме вкупно 12. Шест беа семинари во
природа, додека шест се одржаа во доџо. Од нив, на 11 подучуваше шидоши
Довезенски, додека на еден, предаваа асистентите Марјан Прошев и Марко Опачиќ.
Шидоши хо Прошев, заедно со кохаи Маја
Илиевска, одржаа предавање за првачињата во Основното училиште „Љубен Лапе“, на
тема: Класичните јапонски самурајски и нинџа школи. Нивното предавање, дечињата
го прогласија за најдобро во учебната година.
Најголем успех за 2012-та е
завршувањето на изградбата на Хомбу Доџо-ото под Липац и неговото пуштање во
употреба. Со напорна работа и многу залагање и жртвување, го завршивме за рекордни 13
месеци. Во него одржувавме дополнителни интензивни тренинзи речиси секој викенд.
Секцијата за Даито рју Аикибудо, која
што работи под закрила на Европската Даито Организација (European
Daito Kai), прерасна во
доџо рамноправно на останатите членки. Како што веќе знаете, во Пат кон Сонцето,
покрај вештините на Буџинкан, се негуваат и други корју школи. Даито рју
Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден) се едни од нив и ние сме
среќни што сме единствена организација во Југоисточна Европа каде што може да
се научат овие јапонски класични вештини.
Интерна тема во Буџинкан Македонија беше
Шинден Фудо рју Таиџутсу. Ги „поминавме“ сите кати од сите нивоа и навистина
уживавме во техниките на оваа школа.
Во 2013 година, ќе се фокусираме на Гјокко рју Кошиџутсу, како и на Џутте и Тессен Џутсу.
Во август, го одржавме надалеку
познатиот Летен Нинџа Камп, со 22 учесници од нашата земја и од странство.
Времето поминато на кампот останува засекогаш врежано во спомените, а знаењето
стекнато таму е од непроценлива вредност.
Јавниот интерес за нашата работа останува
голем, но ние и понатаму ги одбиваме сите покани за учество во медиумите.
Нашиот квалитет го докажуваме во доџо и немаме потреба јавно да се експонираме.
При крајов на годинава, Буџинкан
Македонија подготви за работа уште едно доџо во Скопје. Сместено е во
просториите на „Рударски Институт“ во населбата Аеродром, а првиот тренинг е
закажан за 4 јануари (2013 година). Доџото е уредено по сите стандарди и
условите во него се навистина одлични.
Во секцијата во Тафталиџе засега
вежбаат петнаесетина ученици. Отсега, па натаму, задолжен за работата во овој
огранок ќе биде семпаи Антон Перчинков (1кју).
Секцијата во Градско, за жал, моравме
да ја затвориме. Причина за тоа, е што нашиот ученик, кој го раководеше овој
огранок, беше повикан да работи во специјалните полициски единици на МВР. Му
посакуваме среќа и успех во работата.
На вчерашното полагање за ученички
степени, нашите членови покажаа огромен напредок. Од напредната група, Антон
Перчинков положи за прв, а Мирон Цали за втор кју. Во главното доџо на Буџинкан Македонија членуваат околу 30-тина ученици.
Тогаш, каде потфрливме?
Оваа година „загубивме“ неколку
постари ученици. Некои од нив заминаа поради лични причини, а некои ги измори
долгогодишниот напорен тренинг. Со сите нив имаме постојан контакт и го
негуваме пријателството. Посакуваме да соберат сила и да ги продолжат
тренинзите во доџо-то, а вратата за нив ќе биде засекогаш отворена. Токму
нивната загуба ја сметаме за лош резултат и нереализирана цел. Кога со години вложуваш
напор да го подигнеш нивото кај ученикот на секој можен начин, не е сеедно кога
ќе ја слушнеш одлуката дека си заминува.
Но, тоа е составен дел од животот.
Едни заминуваат, други доаѓаат, а тие што остануваат ги делат сите моменти од
Патот.
Иккан!