Семинарот посветен на начините на борба со
копје, „Силата на Јари“, ги освежи спомените од претходните години и уште
повеќе го „зацементира“ знаењето за древната јапонска вештина Соџутсу.
Првичната локација предвидена за одржување на семинарот, беше заменета со Хомбу
Доџо-то, поради дождот што непрекинато паѓаше во текот на целиот ден.
Место извештај, ќе пренесеме дел од искуството на шидоши хо Марко Опачиќ –
ученик кој досега учествувал на сите семинари за борба со копје одржани под
водство на шидоши Довезенски:
„Досега се одржаа четири семинари за Јари, а првиот и последниот беа
посветени на основите. Си запишував забелешки (во форма на деншо) после секој семинар, но ми фалеше последното коцкиче од мозаикот кој го составив денес.
Беа потребни четири години за да ги разберам
начините на борба со копје. Но знаењето не би било комплетно без куденот
пренесен од страна на учителот. Како и секогаш, на кратките
паузи, сенсеи навлегуваше длабоко во детаљите и ги објаснуваше техниките односно каков
бил начинот на војување со копје во ’старите’ времиња. Посебно потенцираше
дека за да бидеме добри со копје, мораме да имаме перфектни моторни способности, кои ќе овозможат одлично таи сабаки.
Во корју работите ’се добиваат’ со напорен тренинг. Нема ’фаќање кривини’. Потребно е време за да се научи, разбере и усоврши некое оружје. Многу малку луѓе се подготвени да го прифатат ова, но најупорните ќе испливаат и ќе опстанат. Другите ќе талкаат и ќе се трудат преку ноќ да дојдат до диплома, а ветерот ќе ги однесе со се неа“.