Излезе од печат првата книга во Македонија за класични јапонски боречки вештини

Posted on Categories Почетна

Во просториите на скопската винарија „Картал“, вчера се одржа промоција на првата книга во Македонија посветена на класичните јапонски боречки вештини. На настанот присуствуваа речиси сите сегашни, но и многу поранешни членови на Буџинкан Македонија односно на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени школи – Пат кон Сонцето. 

Автор на книгата „Разговор со учениците“ е шидоши Игор Довезенски, кој досега се има потпишано на неколку книги и документарни филмови од областа на етнологијата, но ова е прв проект кој се однесува на старите јапонски борбени школи.

Промотор на „Разговор со учениците“ беше Александар Вучковски, долгогодишен член на Буџинкан Македонија и другар од детството на Довезенски, кој се наврати на почетоците на Пат кон Сонцето, но и даде кратко објаснување за содржината на книгата.

За време на настанот, атмосферата беше фантастична, а собата за дегустации на винаријата, претесна за да ги прими сите заинтересирани. Некои од учениците на шидоши Довезенски побараа од него да продолжи со пишување книги со слична тематика и во иднина. 


„Ова е прва книга посветена на класичните јапонски боречки вештини во Македонија. Во народната универзитетска библиотека Свети Климент Охридски досега имаше само категоризација за БУДО (модерни јапонски боречки вештини), но сега специјално за нас се направи нова подкатегоризација за БУЏУТСУ. Со ова, се испиша уште една страница во македонската историја и се отвори патот и за некои други автори. Пред повеќе од дваесет години, јас ги донесов класичните боречки вештини во Македонија, но сега сум пресреќен кога гледам дека многу од моите ученици се подготвени да ја продолжат традицијата понатаму и да ги пренесат на следните генерации“, истакна Довезенски на промоцијата.

По повод издавањето на книгата, многу пријатели на нашето доџо од земјите ширум светот упатија честитки до авторот, а некои од нив побараа истата да биде преведена и на англиски јазик.