Место класичен извештај за посетата на Хомбу Доџо-то од страна на Нинџа Клинците на Буџинкан Македонија, ќе го објавиме текстот на кохаи Сања Симонова, што таа го напиша на нашиот Форум.
Сите беа на зборното место во договореното време. Којзнае и дали спиеле ноќта. По патот се чувствуваше неверојатно позитивна енергија и детски џагор (од нетрпение) да стигнат побрзо.
Кога стигнавме, по кратка пауза, Таки одма ги прошета низ дворот околу доџо-то и им раскажуваше за историјата на Пат кон Сонцето. Јас се зачудив со каква енергија, знаење и внимание им се обраќаше на клинците. Мислам дека секој сантиметар од доџото го познава, точно знае кога и што треба да каже или да покаже, со што го имаше нивното целосно внимание.
Додека бевме внатре, им раскажуваше за оружјата, за сликите, за се што може да се види на ѕидовите и се беше до тој степен магично, што мене на момент ми заличи на документарна емисија за деца.
Тренинзите поминаа одлично. Децата се златни, прекрасни… не знам како да кажам, многу ги сакам сите.
Не можеш да подучуваш, а истовремено да не бидеш подучен. Полека ми станува малку од малку јасно, како е да се работи со толку многу деца на таква возраст и навистина тоа е особено важен процес за сите нас.
Слободното време беше искористено за прошетки, запознавање со природата и со животинскиот свет.