Во скопското доџо на Буџинкан Македонија, во неделата се одржа уште еден Џиссен Хеихо семинар, на кој присуствуваа околу
петнаесетина членови на „Пат кон Сонцето“.
Настанот всушност беше продолжение на декемврискиот Џиссен Хеихо, па затоа беше логично поднасловот да гласи „Следниот Чекор“.
За разлика од претходниот настан, кога инструкторот Довезенски предаваше повеќе за положбите на телото, како и за основните удари и блокови со раце и нозе, овој пат се вежбаа комбинации од веќе научените техники.
Цели четири часа, членовите на доџо-то немилосрдно и беспоштедно се посветија на тренингот, а на крајот сите среќни си заминаа дома, знаејќи дека својата вештина ја искачиле погоре за уште едно ниво.
Вчера се одржа седмиот по ред Зимски Нинџа Тренинг на кој членовите на Буџинкан Македонија имаа можност повторно да ги изучуваат начините на преживување во природа за време на најстудените месеци во годината.
Беше одлично да се видат златните ридови на Орљак, Еленац и на Липац, кои овој пат беа покриени со снег. Конечно им избегав на скопските магли. Бев на едно совршено место – со совршени луѓе.