Неверојатно – ама вистинито. И оваа година го повторивме минатогодишниот успех и повторно одржавме 29 семинари. Малку фалеше да го срушиме рекордот, бидејќи недостасуваше само еден пријавен учесник за настанот „Нинпо Не Ваза“, па поради тоа моравме да го откажавме семинарот кој ќе беше „30-ти во 2016-та“.
Да Ви презентираме мал дел од тоа што сработивме во текот на изминатата година.
И овој пат почнуваме со меѓународните семинари организирани во Македонија од страна на Организацијата „Пат кон Сонцето“.
Во април, повторно го имавме нашиот учител за Даито рју Аикиџуџутсу, шиханот Антонино Черта, кој го одржа својот редовен годишен семинар во нашето доџо, при што ни пренесе нови техники од оваа древна самурајска традиција.
Веќе во мај, во Хомбу Доџо-то ни допатува и Сенсеи Ерик Лоув, придружуван од еден свој ученик. За време на неколкудневната посета тој се потруди да ни пренесе колку што е можно повеќе од своето богато искуство во Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.
Што се однесува до семинарите на кои предаваше инструкторот Довезенски, листата изгледа вака: седум одржани семинари за Даито рју Аикиџуџутсу, од кои четири во Хомбу и три во доџото во Скопје. Осум нинџутсу семинари во Хомбу Доџо-то под Липац и два во скопското доџо. Седум во природа, меѓу кои, овој пат ќе го споменеме легендарниот „Патот на Шугенџа“, кој на барање на членовите на доџото повторно беше „оживеан“. При тоа, беше постигнат и еден неверојатен подвиг што долги години ќе се раскажува, бидејќи шидоши Довезенски и кохаи Гаковски успеава да изминат неверојатни 100 километри во еден ден, без одмор и паузи.
Оваа година, за прв пат од основањето на Организацијата, инструкторот Довезенски ги намали патувањата и усовршувањата во странство, па така учествуваше само на еден меѓународен семинар во странство односно во Милано (Италија) каде што предаваше шиханот за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – Нобутоши Отаке.
Покрај овие настани, вредат да се споменат и следниве: нашите
најмлади членови (Нинџа Клинци) на два пати вежбаа во Хомбу Доџо-то; одржавме семинар за организацијата
CEED Macedonia, за што на Буџинкан Македонија му беше доделена
благодарница за искажаната поддршка и особен придонес за развојот на
претприемачката програма за децата и младите во земјава; на
декемвриското полагање добивме двајца нови Семпаи (Владимир Антовски и
Михаил Дракалски).
Летото неизбежно беше резервирано за нашиот надалеку прочуен „Летен
Корју Камп“, на кој инструкторот Довезенски, меѓудругите вештини ја
предаваше и најстарата јапонска: Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.
Неизбежно е да споменеме, дека во 2016-та година, Буџинкан Македонија доби нов нидан (II дан) односно шидоши хо Марко Опачиќ положи за овој мајсторски степен.
Што се однесува до јавните настапи на медиумите, оваа година имавме едно гостување во емисијата „Урбан Таг“ на ТВ21, како и една сторија со интервју во дневниот весник „Вечер“.
На крајот, како и секогаш упатуваме голема благодарница до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено на нашите ученици од Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу). Не сме сигурни дали и следната година ќе можеме да го одржиме епитетот „најдинамично европско доџо“, меѓутоа ветуваме дека се додека нашите стапала ја газат оваа македонска земја, нашата љубов кон борбените јапонски класични вештини постојано ќе расте.
Пат кон Сонцето. Едно доџо – едно семејство. Буџинкан Македонија. Приказна на нашите животи.
Нинпо Иккан!!!