Под водство на водачот на Организацијата „Пат кон Сонцето“ – Игор Довезенски, викендов што измина се одржа вториот од серијата интензивни курсеви за „Шиноби Таисо“. Тројцата ученици на Буџинкан Македонија кои одлучија да го изучуваат овој систем, овој пат се запознаа со вежбите и начините за зајакнување на телото познати под името Џунан Ундо.
По завршувањето на семинарот, една од учесничките ги сподели своите импресии на интерниот Форум.
„Го завршивме и второто ниво на Шиноби Таисо. За време на двата дена поминавме многу теорија преку која Сенсеи детално и систематски ни ги објасни сите работи кои се важни за нас, најпрвин од аспект на вежбачи на боречки вештини, а потоа и како идни предавачи на системот.
Сега сфаќам дека се што правиме во доџо за време на редовните тренинзи си има своја поврзаност од почеток до крај и дека Сенсеи преку овој систем одржува неделен, месечен, па дури и годишен кондициски баланс кај сите нас. Во многу наврати зборувавме за триаголникот ’тренинг-исхрана-одмор’ и како треба да се конципира еден тренинг, во зависност од резултатите што сакаме да ги постигнеме. Научивме и како треба да се балансира исхраната за да се видат резултатите, но и колку и како треба да се одмара, затоа што мускули се ’прават’ со тренинг, а благодарение на исхраната односно за време на одморот!
Во однос на практичниот дел, поминавме еден изометриски тренинг за зголемување на издржливоста, а потоа и тренинг со помош на хидраулична справа, каде посветивме внимание на тоа какви резултати се добиват кога се оптоваруваат конкретни мускули на телото и како треба да се програмираат сериите и повторувањата. Во продолжение на семинарот одржавме тренинг при што ја користевме само сопствената тежина, а таквиот начин на вежбање има огромна предност бидејќи може да се изведе секогаш и секаде.
Семинарот го завршивме со тренинг на отворено каде што вежбавме со реквизити кои нудат огромна можност за зголемување на издржливоста и силата. Тука особено внимание посветивме на правилниот начин на движење при самата изведба.
И на крајот да ви повторам дека Хомбу доџо-то е право место за освежување на телото и на духот. Внатре е како музеј, а надвор како од бајка. А овошната каша што ја пиевме не можете ниту да замислите каква беше. Секој витамин и минерал од тие природни и непрскани плодови толку силно се чувствуваше“.