Вчера во дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа семинар на кој инструкторот Игор Довезенски ги подучуваше своите ученици на нинџутсу вештината на гаѓање со метални сечива, инаку познати под името шурикени.
На семинарот присуствуваа девет членови на Буџинкан Македонија, но повеќето од нив беа од почетничката група која ја предводи шидоши хо Марко Опачиќ. По завршувањето на настанот, тој на Форум-от на доџо-то го објави следниот текст:
„Ова беше мојот педесети семинар во природа и можам да кажам дека уживав помеѓу моите ученици, но и дека конечно за прв пат сум задоволен од нивното залагање од кога ја преземав почетничката група во јануари, 2013 година.
На настанот присуствуваа шесторица од нив, а очекувам да се пријават и во јануари на ’зимското преживување’. На тие педесет семинари и безмалку десет години од моето членување во доџо-то, учестувале многу деца. Некои си заминале, малкумина останале и на некој начин секој си го одбрал својот пат. Некои си заминале со ’вградени’ воински карактеристики и одлики, додека некои заборавиле на тоа што доџото направило од нив и за нив.
Кога ќе ги соберам сите мисли кои за неколку секунди ќе ми поминат низ умот, сфаќам колку сме ние привилегирани и уникатни што сме членови на ова доџо.
Дали знаете колку деца пораснале трчајќи низ лисјата во дворот? На колку од нив им било стоплено срцето од каминот во доџото? Дали знаете дека врз тие татами се распослани сите чисти души на нашите најмлади членови и дека за нив не постои поголема сатисфакција од можноста да растат меѓу вистински Воини?
Деца мои, само да ви кажам нешто. Денес се возевте со Сенсеи во неговото возило, потоа вежбавте школа која што многу малку клубови во светот ја познаваат, гаѓавте со вистински шурикени што досега сте ги гледале само на филмови. Дали сте свесни колку Вие се разликувате од вашите врсници? Или дека сте иднината на нашето доџо? Дека сте го одбрале најдобриот Пат?
Вежбавте изложени на ладен есенски ветер. Сето тоа знаење стекнато на ваков начин останува засекогаш ’залепено’ за Вас. Тренингот во доџо и надвор од него не е ист и мило ми е што барем малку го почуствувавте тоа. Ова денес беше искушение за вашиот карактер, за упорноста, трпеливоста, истрајноста и издржливоста.
Јас сакам да му се заблагодарам на Сенсеи што повторно (како и секогаш) максимално се потруди да ни пренесе се што можеше за тие неколку саати, како и за новите детаљи околу техниките. На секој семинар има по нешто ново, по нешто различно, што не е претходно кажано и забележано од наша страна и во тоа лежи сета таа убавина на вештината“.