После минатогодишната авантура на локалитетот Цоцев Камен, оваа година Воините на Буџинкан Македонија имаа можност да ги усовршуваат своите вештини за преживување кај водопадот Длабочица на планината Козјак.
Сместен во недопрена природа, меѓу планини и шуми кои со својата убавина го одземаат здивот, водопадот беше идеално место за поврзување со природата, што всушност е главната цел на овој семинар.
По завршувањето на настанот, двајца од учесниците на Форум-от ги споделија своите импресии:
„Временската прогноза не ни беше благонаклонета за време на семинаров, но и тоа е дел од нашите настани. Но ако времето е пријатно и убаво, тогаш како ќе се искалиме во Воини?
Удобноста никогаш не го вадела вистинскиот карактер на виделина.
Во текот на целиот пат до местото каде што требаше да логоруваме вренеше дожд. Кал и вода на сите страни, а ние со насмевка и исчекување – да го видиме магичното место.
Самиот пат беше како од некој самурајски филм. Дождот, облаците и маглата правеа една волшебна атмосфера додека се движевме. Тие слики ми се врежани во меморијата и секогаш ќе ги носам со мене. Нема зборови да ја опишам таа убавина. После тричасовно пешачење, пристигнавме до местото кое беше навистина величествено. Застанав пред водопадот и останав занемен неколку минути, сакав да го запомнам овој миг засекогаш.
Полека сите се собравме и Сенсеи веднаш ни даде задачи бидејќи ситуацијата наложуваше работа и само работа за да може да се обезбедат услови за преживување на ова место. Направивме привремен камп и два огна кои ни зададоа доста мака додека ги запаливме.
Самата работа околу огнот, спремањето и градењето на засолништето не зближи уште повеќе и секој работеше непорно и вредно. Тука ќе ги пофалам сите членови кои за првпат присуствуваа на ваков настан. Придонесоа многу и се надевам ќе се гледаме почесто на ваквите семинари.
Ноќта не’ остави спокојни без дожд. Се помина во најдобар ред и сигурен сум дека сите уживаа и во сонот и додека чуваа стража.
Следниот ден не пречека прекрасно сонце. Повторно се фативме за работа и приготвување храна. Јадењето за време на овие семинари, можеби на останатите им изгледа како измачување и гладување, но за нас тоа претставува една гозба која неможе да ја замени апсолутно ништо на светов.
Пред враќањето назад, го исчистивме местото во кое престојувавме и го вративме во првобитна положба, а потоа полека тргнавме да собираме шумски плодови, билки за чаеви и печурки. Тука природата била многу дарежлива, како да истурала со кофи од небо разни шумски овошја. Цреши, малини, јагоди, сливи и што ти не уште друго. Се најадовме витамини за цела година.
Кога заврши ‘гозбата’ и предавањето на Сенсеи за билките, моравме да се упатиме назад (за жал)…
Патот за назад е потежок. Се разделуваш со едно преубаво место во кое си поминал толку кратко време, а толку многу ти дарило.
Следниот ден ми помина во мечтаење и желба повторно да се вратам назад. Мора да го посетиме повторно!
Буџинкан Македонија засекогаш во срцето!“ – Владимир Антовски
„Тешко е да се загуби чувството, како додека спиеш, од десната страна те гали распламтен оган, а од левата го слушаш жуборот на водопадот Длабочица. Тоа не се опишува! Едноставно треба да се отиде таму, за да се наполнат зениците со овие убавини.
Среќна сум што мојот прв семинар беше од овој карактер со тема која што мора барем еднаш во животот секој да ја искуси. Голем предизвик, при што, научив начини за одржување на огнот, но и како се прават највкусните безквасни нинџарски лепчиња со бибер и сол. А нивниот вкус беше посилен од се, бидејќи беа приготвени од рацете на група прекрасни луѓе кои што имаат неизмерна желба да те научат и топло срце спремно за секаква помош.
Научив и како се гради засолниште со материјали кои ти ги дава самата природа.
Учеството на ваков семинар, уште еднаш ја потврдува мојата одлуката за која што сметам дека е една од моите најдобри направени во животот – зачленувањето во Буџинкан Македонија.
Среќата што бев дел од оваа незаборавна авантура ја почуствував дури кога се вратив во Скопје, со изгорено лице од сонцето и милиони плускавци на рацете.“ – Јана Димитриевска