Одржан семинарот 10.000 П.Н.Е.

Posted on Categories Почетна

Семинарот што викендов за прв пат се одржа на локалитетот Цоцев Камен во селото Коњух, остави неверојатно силен впечаток кај сите Воини на Буџинкан Македонија кои учествуваа на истиот.
Веднаш после настанот, тие ги споделија своите импресии на нашиот интерен Форум.
Ова е сам мал дел од нивните впечатоци:


„Можам да испишам 10.000 страни после овој семинар. Уште кога го најави Сенсеи, знаев дека ќе биде нешто неповторливо, но дефинитивно ги надмина моите очекувања.
Би пишувал страници и страници за тоа што се не учи Сенсеи на овие семинари за животот и за преживувањето во природа, за распределбата на должностите, собирањето дрва, спремањето на храна, палењето оган и неговото одржување. Уште еднаш Сенсеи ме изненади со неговото огромно знаење кое со неверојатна скромност ни го пренесува.
Местото кое што всушност беше одбрано за овој семинар беше една огромна карпа, која во себе го носи животот оставен од генерациите пред нас. Таа енергија што ја поседува, се чувствува од моментот кога ќе ја здогледате оддалеку и кога изгледа како мало каменче кое што расте со огромна брзина како што и се доближувате. Колку сте поблизу до карпата, таа прераснува во едно здание кое зрачи со стравопочит и почнувате да се чувствувате толку мали во однос на неа и тоа што таа го носи како тежина оставена од милениумите и на претходниците кои живееле таму. А ние ја имавме таа чест да поминеме еден ден од нашите животи токму на таа карпа и можам да кажам дека тоа беше еденствено вакво доживување во мојот живот.


Јас сум неизмерно благодарен на Сенсеи што ни ги отвора очите и се обидува да ни покаже од што сме се отуѓиле.
Вториот ден заминавме на друг локалитет, уште по неверојатен од Цоцев Камен. Тврдина од пети век изградена на рид, со соби и балкони каскадно поставени. Каде и да стапнеш историја тешка илјадници години, а ние толку сме ослепени и со поматени умови што не можеме да го видиме сето тоа…“ – Владимир Антовски

„Дали животот е умешност за преживување или многу повеќе?
Семинарот 10000 П.Н.Е. како да сака да ни го покаже токму тоа. Се обидовме да дознаеме каков бил животот пред 12000 години кога луѓето живееле во издлабената карпа која беше прекриена со црн мов, а се уште изгледа величенствено. Замок со многу соби, вдлабнатини за столбови и греди, кои ни помаагат да замислиме што се имало некогаш и да си создадеме претстава како изгледале собите во карпата која беше наш дом овие два дена.
Меѓудругото, на семинарот научивме како да се снаоѓаме во природа – да направиме вкусни оброци, да запалиме оган, да најдеме дрва, да го истражиме релјефот, климата, ветровите, населението, флората и фауната, кои се од клучна важност за преживувањето.
Сенсеи многу трпеливо ни објаснуваше за се, беше тука да ни помогне и да ни објасни на сите, работеше заедно со нас без штедење ниту на енергијата, ниту на знаењето со кое изобилува. На сите прашања имаше опширен одговор, несебично ги споделуваше своите размислувања, ставови и знаење.
Времето беше прекрасно. Позитивната енергија се чувствуваше насекаде. На врвот на карпата Сенсеи ни кажа каде се наоѓаат нишаните преку кои предците можеле да видат кога е најдолгиот, а кога најкраткиот ден, но и кога денот и ноќта се подеднакво долги.
Ги научивме техниките на искачување и слегување од карпа со и без јажиња.


Попладнето пред зајдисонце уживавме на камењата од кои ја акумулиравме енергијата која ја насобрале од сонцето, беше прекрасно…
Првиот поглед во ноќтта беше кон ѕвездата вечерница, вториот поглед кон темното небо и многуте ѕвезди. Тоа е тој поглед повреден од милион долари! Единствениот звук во ноќта беше оној од птиците.
Вториот ден по прекрасниот доручек, ја освоивме и другата тврдина која беше од V век од н.е. Се забележуваше разлика во нејзината големина и изгледот на собите – беше доста помодерна, а под неа се гледаше градот кој беше делумно ископан од археолозите.
На крајот го посетивме и светото место ‘Четири Крста’ кое се наоѓа во селото Бељаковце, каде Сенсеи ни допредаде за животот, за вредностите од антрополошки, археолошки и историски аспект.
И да, ние навистина изучувавме ‘живот’. Тоа е тоа што денес ни недостасува, бидејќи сме заглавени во екрани, магли, нечистотии и гужви, во брз и неспокоен живот.
И нешто многу важно за мене. Научив по што се разликува Воинот од обичниот човек“. – Ивана Тодоровска

„Уф, каков семинар! За да го опишам целиот настан, ќе ми требаат добри 2-3 дена да ги соберам сите слики во глава (а ги има илјадници). Сеуште се чувствува таа неверојатна магија, која што е толку силна. Чувствувам некаков занес, вчудоневидувачки за мене, смирен дух, полн со енергија, сето тоа испреплетено со носталгија. По малку сум тажен, но истовремено имам некој спокој кој ми дава надеж дека пак ќе се навратам еден ден и тоа наскоро на тоа вонземско место.
Тргнавме рано сабајле од Скопје во 7 часот кон еден од најмистичните краеви на нашата преубава татковина Македонија. Кон селото Коњух, Кратовско. Целиот крај изобилува со остатоци од нашите претци кои отавиле континуирана трага од 10.000 години П.Н.Е. па до ден-денешен. Во атарот на селото може да се забележат многу мегалитни карпи, фортификаци и остатоци од антички градови. Целиот крај плени со својата мистичност, не те остава мирен ниту за момент, возбудата расте од миг во миг. Се чувствува духот, енергијата, неверојатниот набој на позитивна енергија.
Не ја знаевме деталната агенда на настанот, но и немаше потреба од тоа. Се беше совршено замислено до најситен детал во главата на Сенсеи, кој многу прецизно со неверојатно чувство за тајминг ни откриваше детал по детал.


Нашето патешествие започна на една од највпечатливите опсерватории во светот – Цоцев Камен. Тоа е мегалитна карпа, настаната за време на вулкански активности, впрочем целиот кратовски крај е со остатоци од вулканска активност.
Веднаш штом се стациониравме, Сенсеи ни направи детална тура околу карпата и низ неа. Како што Сенсеи ни ги пренесуваше информациите, имавме можност да го спознаеме теренот до најситен детал. Откако детално го обработивме теренот, се стациониравме, а Сенсеи ни предаде организациски план. Се поделивме во два тима. Првиот тим беше задолжен да снабди огревен материјал, додека вториот да започне со припрема на храна. Се функционираше беспрекорно, имаше некоја магија помеѓу нас, се чувствуваше огромна почит помеѓу сите членови. Не се чувствуваше надреденост, иако бевме организирани според хиерархија. Секој член совршено се вклопуваше во околината, сетилата ни беа изострени, мозокот отворен, бевме спремни да го почуствуваме и доживееме барем за момент животот кој што течел низ тој простор.
Некаде веднаш после вечерата, го организиравме просторот за спиење. Сенсеи грижливо го одбра најстратешкото место каде што можеме да преспиеме. Спиењето започна во 23 часот, откако Сенсеи претходно не подели во групи за чување стража, која што се менуваше на секои два саати се до 07 часот. Спиевме покрај оганот, кој што гореше цела вечер. Под вреќите за спиење се чувствуваше како продира топлината собрана во карпата. Немавме подметнувачи, а неверојатно колку добро спиевме. Во 07 часот се разбудивме сите наспани како никогаш претходно. Веднаш Сенсеи не изорганизира, направивме Џунан Таисо, се размрдавме и продолживме со следните активности.


Некаде околу 11 часот, откако детално ги исчистивме остатоците од нашиот престој на карпата, се упативме кон следниот мистичен локалитет. На некои два километри од Цоцев Камен, над Крива Река, се простираше рано-христијанска базилика од 5 век. Веднаш над базиликата се издигнуваше висок рид по кој насекаде беа распослани остатоци од керамика. На самиот врв на ридот имаше остатоци од фортификации, перфектно изработени во самите карпи. Во подножјето на фортификацијата, до Крива Река, се простираше антички град, кој што со патчиња беше врзан со фортификацијата на ридот. Како се движевме низ локалитетите, Сенсеи детално ни пренесуваше парчиња од историјата што се случувала на просторот. Некаде при крајот, за време на обиколката, не фати силен дожд. Бевме мокри, а карпите станаа лизгави, па наеднаш просторот стана опасен за движење. Сенсеи веднаш се прилагоди на времето и одлучи да се засолниме во една просторија сместена на самиот крај на локалитетот. Кога влеговме внатре, Сенсеи веднаш не запраша дали знаеме каде се наоѓаме. Сите започнавме детално да анализираме и наеднаш вчудонеевидност кај сите нас. Се наоѓавме во гробница на некој величенственик. Беше перфектно изградена, налик на оние рано-христијански гробници, но за жал гробот беше празен, веројатно одамна ограбен, а вредните работи изнесени.
Во текот на двата дена се чувствувавме постојано како телото да ни е одвоено од духот, мозокот отворен како никогаш до сега, со прашање кое лебди во главата: ‘Што ли следно ќе ни приушти Сенсеи?’
На крајот, седнати наспроти Учителот. Навидум изморени, но тоа само телото, бидејќи духот беше комплетно одлепен од него, а фокусот на највисоко ниво.
Се задлабочивме длабоко во темата: живот. Сенсеи говореше, ние слушавме, а секоја реченица беше отсечна, длабока, неверојатно осмислена со висока свесност. Едноставно во тој момент не бевме дел од земјата, бевме отсечени, лебдевме во просторот и времето. Аххх! До следно патешествие…….“ – Саше Гацев