На барање на членовите на Буџинкан Македонија, по тригодишна пауза, водачот на доџо-то Игор Довезенски одлучи да го оживее легендарниот подвиг „Патот на Шугенџа“.
Шугендо е древен јапонски метод кој ги истражува релациите помеѓу човекот и природата. Шугендо значи „Пат преку вежбање и тестирање“, односно тоа е аскетска дисциплина која има за цел да постигне самоусовршување преку повлекување во планина, медитација под водопади и ладни реки, вежби за дишење на недостапни терени, се до достигнување на неверојатни подвизи преку тестирање на телесната и менталната издржливост. Тие кои го практикуваат овој метод, познати се под името Шугенџа, а учењето се практикува во Јапонија се до денешни дни.
За основач на учењето се смета Ен но Гјоџа, кој живеел во близина на Кјото во 7 век од нашата ера. Другото име, по кое овие следбеници биле познати е Јамабуши или Планински Воини. Тие крстосувале по планинските сртови на јапонските острови посетувајќи и заштитувајќи ги многубројните храмови. Некои учени веруваат дека токму овие луѓе, здружени со пребегнатите кинески генерали по падот на династијата Танг, се сметаат за основоположници на вештината Нинџутсу.
Настанот ќе се одржи на 24 септември, а маршрутата е веќе определена:
Скопје – Хомбу Доџо „Пат кон Сонцето“
Должина: 62 км (сметано според должината на патот наменет за патнички сообраќај)
Тргнување: сабота во 07:00 часот.
Пристигнување: само Господ знае 🙂
Важно: пред учество секој од учеснициите во сопствена режија треба да си направи соодветни лекарски прегледи.
Опрема: Земете се што сакате. Се е на Ваша одговорност и совест.
п.с. Не е исклучена средба со диви животни, дожд, невреме и останати непредвидени работи. Секој доаѓа на сопствен ризик. Пред да се пријавите, проверете ги информациите на нашата веб-страница од минатите години.
Повеќе за настанот: http://hombu.koryu.mk/