Откако претходно ги совладавме техниките на организирано живеење во заедница на ниски планини и покрај реки, оваа година се посветивме на изучување на вештините за преживување на поголема група луѓе во шума. А викендов што измина, докажа дека некои од членовите на Буџинкан Македонија незапирливо го впиваат сето знаење што со години се таложело во инструкторот Игор Довезенски, а кој секогаш несебично се обидува колку што може повеќе да пренесе дел од сопственото искуство и на своите ученици.
Семинарот се одржа во шумата Млака, во долината под планината Липац и тоа на две различни локации. За чувството да се биде дел од овој настан, ќе споделиме дел од импресиите на некои од учесниците.
„Пристигнавме во Хомбу Доџо-то во 08.00 часот, а Сенсеи веќе не чекаше подготвен. Пред да тргнеме кон шумата, рече дека од возбуда не можел да заспие и дека едвај не дочекал. Потоа дознав дека еден ден претходно го ’фатило’ стомачен вирус, но јас не забележав од негова страна ниту еден знак на слабост во текот на целиот семинар.
Кога ја пронајдовме бараната локација, Сенсеи најпрвин ни одржа предавање и ни ги кажа најважните работи кои треба да ги знаеме кога ќе се најдеме во ситуација да мора да организираме живот во шума на подолг период. На нашите прашања ни беше одговорено многу детално. Откако Сенсеи ни подели задачи, се фативме за работа. Ги спремивме леглата, го подготвивме огништето, а го расчистивме и целиот терен каде што требаше да логоруваме со следните два дена. Потоа почнавме да го подготвуваме ’ручекот’. Ископавме поголема дупка до огништето и ја наполнивме со компири кои потоа ги покривме со жар од сите страни. Само што се најадовме, веднаш почнавме со подготовката на следниот оброк. Како што секогаш не учи Сенсеи, обидите за преживување многу често се претвараат во борба за калории. Кога се стемни, почнавме да се подготвуваме за спиење. Стражата беше поставена, а од сите страни почнаа да ’доаѓаат’ звуците на шумата. Изгреа сонцето и Влатче веќе почна да не буди. Откако завршивме со утринската хигиена, го растуривме логорот и се преместивме на нова локација. Сенсеи и Таки отидоа да уловат по некој ’протеин’, а останатите повторно почнавме да ја средуваме опремата и местото. Ги исчистивме ’протеините’ од изнутрици, ги зготвивме и ги ’внесовме’ во себе. Потоа Сенсеи ни покажа како со примитивни алати можеме да направиме лакови и стрели за лов.
Вториот ден го завршивме со ’поховани’ полжави кои беа превкусни“. – Тодор Ангеловски
„Ќе почнам од крајот. Враќајки се кон дома си помислив колку малку луѓе имаат можност во време на мир и благосостојба да искусат како изгледа да се организира живот во дивината и да се преживее во едни навистина тешки услови. Кога немаш 99,9% од ресурсите што ги имаш на располагање кога си во градот. За да се разбере какво е чувството односно да се осети сето тоа на сопствена кожа, мора да се излезе на терен и да се осети директно колку е тешко да се преживее надвор од некое населено место.
Ваквите семинари секогаш ќе ги подржувам и ќе се трудам да присуствувам на колку е можно повеќе, бидејќи на овој начин освен што се учат многу корисни техники, учиш и како да го цениш животот во целина. И тоа не само својот, туку и на луѓето околу тебе, како и на целиот животински и растителен свет. Само во такви моменти можеш да разбереш дека ние не сме центар на Универзумот“. – Владимир Антовски