Специјален еднодневен семинар за CEED EDU

Posted on Categories Почетна

Во Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување традиционални јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, во саботата се одржа специјален еднодневен семинар, на кој инструкторот Игор Довезенски ги подучуваше учесниците околу начините за стекнување трпение, дисциплина, дефинирање на целта, за успехот и неуспехот, како и за придобивките од тимската работа.

Настанот беше организиран на барање на кординаторите од CEED Macedonia кои процениле дека токму Довезенски е личноста од која младите што учествуваат во нивната програма ќе можат да научат нови техники кои ќе им помогнат понатаму да ги развијат своите претприемачки вештини.

Всушност, ЦЕЕД Едукација (ЦЕЕД ЕДУ) е програма која го доближува претприемачкиот дух до децата и младите преку пренесување, доживување и практикување успешни приказни од светот на бизнисот притоа хранејќи ги нивните уметнички и духовни потреби. Тоа е програма која е изградена врз основа на знаењата и искуствата на експерти од областа на едукацијата, како и на искуствата од разните претприемачи и менаџери. 

Иако далеку од светот на бизнисот, Игор Довезенски со помош на своите ученици успеа да им пренесе на младите учесници дел од филозофијата и од психологијата која што била користена од страна на јапонските самураи и нинџи, а токму тие вештини се неопходни за сите млади луѓе кои понатаму сакаат да напредуваат во својата кариера во полето што ќе го изберат како своја идна професија.
Освен предавањето на горе споменатите техники, но и за историјата и традицијата на јапонските витези, Довезенски доста време посвети и на хиреархијата што владеела во едно организирано општество какво што било јапонското. Потоа тој, заедно со своите ученици, демонстрираа и техники од вештините кои се вежбаат во „Пат кон Сонцето“, најпрвин од нинџа школите на Буџинкан Доџо, а потоа и од Даито рју Аикиџуџутсу и Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.
Денот беше исполнет со убава енергија и прекрасна атмосфера, а поради неверојатната хармонија што се создаде меѓу домаќините и гостите, беше договоено соработката да продолжи и во иднина.