Во местото С’мкнено во близина на нашето Хомбу Доџо, вчера се одржа традиционалниот зимски семинар „Начини на Зимско Преживување“.
Смрзнатата вода во вировите кажуваше дека температурата во поголемиот дел од денот беше под нулата, меѓутоа блескавото сонце кое секогаш е дарежливо над македонската земја, направи да се чувствуваме како да е пролет.
Како и секоја година, повторивме дел од старите лекции, а секако научивме и нови. Истовремено, двајца наши членови се обидоа да го положат тешкиот тест за зимско преживување и едниот од нив успеа. Михаил Дракалски – ти честитаме. После толку обиди, конечно и заслужено успеа!
Оваа година повторно имавме солидна бројка на учесници. Дури 16. „Начините на Зимско Преживување“ се многу привлечни за членовите на Буџинкан Македонија, но и за луѓето од страна кои се пријавуваат за да бидат дел од нашата магија.
Инаку, учителот Игор Довезенски почнал да ги изучува техниките за преживување уште од својата седма година, од својот дедо Љубомир, кој за време на втората светска војна бил извидник во партизанскиот одред. По завршувањето на војната, тој служел уште три години во војската, обучувајќи вод со извидници кои требало да се движат пред тенковската дивизија, со цел да го извидуваат теренот и да собираат информации за непријателските единици. Па така, за Довезенски оваа година е јубилејна односно 40 години учење, вежбање, практикување и предавање техники за преживување.
Не пропуштајте следната година да бидете и Вие дел од овој традиционален семинар, единствен во нашата Македонија.