Извештај за работата во 2022 година

Posted on Categories Почетна

Со 34 семинари во текот на 2022 година, иако далеку под нашиот рекорд од 45 семинари во 2018-та, се уште со сигурност го задржуваме епитетот „Најдинамично Доџо во Европа“.

Еве како изгледаше изминатава година претставена во бројки.

Учителот Игор Довезенски, како водач на Буџинкан Македонија, организираше и предаваше на вкупно 27 семинари за Нинџутсу односно техники од школите кои Масааки Хатсуми Сенсеи ги наследил од Тошитсугу Такаматсу Сенсеи. Од нив, 12 биле во дворот или во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“, 10 во скопското доџо, три во природа, како и на два меѓународни семинари надвор од Македонија.

Тука ќе ги споменеме семинарите одржани во Србија и во Турција, на кои Довезенски беше поканет да пренесе дел од своето знаење во нинџутсу школите, но и организацијата на меѓународниот семинар во нашата земја, на кој водачот на „Пат кон Сонцето“ предаваше заедно со својот пријател од Турција – Ерџан Шарбат.

Уште попрецизно, годината на Буџинкан Македонија изгледаше вака: два детски нинџа маратони, еден детски нинџа самит, три семинари во природа, еден семинар за Шиноби Таисо, една работилница за самоодбрана за жени, три семинари во Скопје, седум семинари во Хомбу, два тим билдинзи за фирми на кои Довезенски предаваше сегменти од нинџа вештините, еден домашен меѓународен семинар, два меѓународни семинари во странство, еден детски како и еден летен камп за возрасни.

Што се однесува до „Даито рју Македонија – Корју Доџо“, во 2022 година одржавме вкупно седум семинари од кои шест за Даито рју Аикиџуџутсу и еден за Оно ха Итто рју Кенџутсу.

Покрај сите овие настани, имавме и неколку медиумските презентации и интервјуа за национални телевизии и портали, како и учество и донации во неколку хуманитарни акции.

Вреди да се забележи и учеството на учителот Игор Довезенски и на неговата ќерка Косара, во првиот македонски акционен игран филм (со нинџа тематика) во кој се користат нинџутсу техники. Имено, во завршна фаза е филмот со работен наслов „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец, кој го ангажираше учителот Довезенски како кореограф на боречките сцени, додека Косара беше каскадер/дублер на главниот лик во филмот – Матеа. Истовремено, Довезенски беше консултант во деловите на сценариото поврзани со јапонските боречки вештини, а дел од својата домашна колекција на јапонски предмети со задоволство позајми на продукцијата за да се збогати сценографијата во филмот.

Треба да се спомене и бронзениот медал „Генин“ доделен на семпаи Таки Гаковски за десетгодишно неуморно вежбање во Буџинкан Македонија, како и издавањето на македонската верзија на вториот број од мангата Такаматсу во Кина, овој пат со поднаслов „Мисијата во Шилијнхот“.

На крајот, како и секогаш, упатуваме најголема благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено на постарите членови на Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции.

За 2023 година, имаме големи планови и најави и повторно ветуваме дека ќе го дадеме најдоброто од себе за да го задржиме високиот стандард кој го поставивме не само во регионов, туку и во светски рамки. Продолжуваме во најдобро светло да ја претставуваме нашата татковина – Република Македонија каде и да се појавиме.

Буџинкан Македонија – Една љубов, едно семејство!

Полагање за ученички степени во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Еден ден пред новогодишната вечер, во скопското Доџо на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа полагање за повисоки степени за учениците на Буџинкан Македонија.

Свечениот настан почна во 17 часот, при што најпрво беа тестирани најмладите членови од секцијата „Нинџа Клинци“, а потоа и членовите од почетничката и од напредната група.

Им честитаме на сите ученици кои успешно положија за повисок степен, а посебно го истакнуваме полагањето на Ведран Чичов, кој беше тестиран за највисоко звање од останатите кандидати (за трети кју).

По завршувањето на тестирањето (Шикен), во 22.0о часот започна новогодишната прослава (БоненКаи), која има за цел да се заборават и да се простат сите неубави настани од старата и да се влезе чист во новата година.

Излезе од печат вториот дел од мангата „Такаматсу во Кина“

Posted on Categories Почетна

Неколку дена пред крајот на 2022 година, излезе од печат вториот дел од првата буџинкан манга во светот, овој пат насловена како „Такаматсу во Кина – Мисијата во Шилијнхот“.

Ова издание на Организацијата „Пат кон Сонцето“, чиј автор е учителот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, а илустрирано од страна на неговиот ученик Таки Гаковски, се заврши точно за година и половина од издавањето на првиот стрип „Такаматсу во Кина – Борбата со Чо Ширју“.
Првото издание се продаде во тираж од над 500-тини примероци од кои 400-тини беа на англиски јазик. „Такаматсу во Кина – Борбата со Чо Ширју“ најде дом и пристигна на сите населени континенти.

Во моментов се работи на организирање на официјална промоција на македонското издание, а истовремено членот на Буџинкан Македонија – Ксенија Довезенска, работи на преводот на англиската верзија, по што ќе се испечати истата и ќе почне продажбата на глобално ниво.

Одржан Џиссен Хеихо семинар

Posted on Categories Почетна

Како за крај на 2022 година, во Буџинкан Македонија се оддржа Џиссен Хеихо семинар, со намера да се потсетиме на фанатичните тренинзи кои во нашето Доџо редовно се практикуваа во минатото. Не дека и сега сме заслабнале, меѓутоа го следиме пулсот на генерациите и на времето, па во некои аспекти од тренингот се прилагодуваме кон нив.

На вчерашниот семинар, воглавно учествуваа Семпаите односно постарите ученици кои на времето редовно вежбале Џиссен Хеихо. За тие кои не знаат, тоа е систем развиен од страна на учителот Игор Довезенски, со цел максимално да се искористи борбената стратегија на традиционалните јапонски борбени вештини и полесно да се прилагоди на денешниот начин на борба.

Веќе во петок не очекува годишното полагање за звања, по што следува мала новогодишна прослава (БоненКаи).

Шинкен Гата - Тора но Маки

Posted on Categories Почетна

На 27 ноември, во скопското Доџо на Буџинкан Македонија, се одржа семинар на тема Шинкен Гата – Тора но Маки.

Овој систем на борба кој потекнува од традиционалната школа Кукишинден рју Дакентаиџутсу е познат по својата динамичност и борбеност. Тоа секако е доволна причина за интерес кај членовите на Организацијата „Пат кон Сонцето“, кои се познати по желбата за тежок и напорен тренинг исполнет со болка.

За време на настанот. учителот Довезенски предаваше техники од првото и од второто ниво на Тора но Маки.

Одржан третиот меѓународен „БуЈуКаи“ семинар

Posted on Categories Почетна

На 29-30 октомври, во Истанбул (Турција) се одржа третиот по ред меѓународен БуЈуКаи семинар. На настанот, учество земаа околу 40-тина практиканти од Македонија и од земјата домаќин.

Инаку, овој меѓународен семинар се одржува два пати годишно, а како предавачи се учителите Игор Довезенски (Буџинкан Македонија) и Ерџан Шарбат (Буџинкан Турција). Замислен како собор и споделување на искуството на инструкторите, како и меѓусебно дружење и запознавање на учесниците, семинарот секоја година привлекува се повеќе практичари на јапонските боречки вештини.

Следниот БуЈуКаи ќе се одржи во Македонија во мај (2023), а на истиот се очекува да се придружи уште ден реномиран учител од Буџинкан Доџо.

Одржан есенскиот „Тогакуре рју Нинџа Викенд“

Posted on Categories Почетна

Со есенскиот „Тогакуре рју Нинџа Викенд“, Доџото за класични јапонски боречки вештини Буџинкан Македонија ја затвори сезоната на тренинзи во Хомбу за 2022 година. На семинарот учествуваа 14 членови на нашето Доџо, како и еден учесник од Турција, со што семинарот доби меѓународен карактер.

За време на настанот, учителот Игор Довезенски динамично го подигнуваше ритамот, менувајќи ги често техниките, како и оружјата со кои учесниците ги вежбаа разните одбрани и напади. Многубројните комбинации и варијанти, само ја зголемуваа возбудата, а тренингот се повеќе наликуваше на боено поле.

Како и секогаш, слободното време беше предвидено за дружба и друштвени игри, со цел што повеќе да се зближат членовите на најдинамичното европско Доџо.

Важен момент за време на семинарот, беше доделувањето на бронзен медал „Генин“ на семпаи Таки Гаковски, за неговата посветеност и служба во Буџинкан Македонија. Му честитаме и му посакуваме понатамошен напредок на Патот.

Учителот Довезенски како предавач на српскиот БуЈуКаи

Posted on Categories Почетна

На покана на Александар Дујин од нинџутсу клубот Буџинкан Нови Бечеј, чие доџо е полноправен член на Буџинкан Србија, викендов што измина водачот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, одржа предавање на школата Гјокко рју Кошиџутсу на настанот насловен како БуЈуКаи Србија.

На семинарот учествуваа и предавачи од Хрватска, Австрија, како и неколкумина од земјата домаќин, а заедно со учителот Довезенски од Македонија отпатуваа и седуммина негови ученици кои со своето знаење и енергија предизвикаа огромен интерес кај останатите.

Презадоволни од начинот на предавање и интерпретирање на катите од страна на учителот Довезенски, домаќините веднаш го поканија да подучува и следната година, при што поканата со задоволство беше прифатена.

На крајот, упатуваме благодарност до организаторот кој се погрижи целиот престој да помине во најдобар ред и истовремено го истакна своето гостопримство кон членовите на Буџинкан Македонија.

Одржан семинар за Јуми Ја (Лак и Стрела)

Posted on Categories Почетна

Еден ден по семинарот за Оно (самурајска воена секира), засилени со уште неколкумина учесници, членовите на Буџинкан Македонија уживаа во уште еден семинар, овој пат за Лак и Стрела (Јуми Ја).

За време на настанот, воините на Буџинан Македонија ги тестираа своите вештини во гаѓање, во три мети и со пет различни видови лакови.

Семинарот за Јуми Ја е еден од најстарите во Буџинкан Македонија и редовно се одржува уште од самото основање на Доџото, во 1995 година.

Се гледаме на следниот настан.

Семинар за Оно (Самурајска воена секира) во дворот на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во дворот на Организацијата „Пат кон Сонцето“, во саботата се одржа одличен семинар за Оно.

На настанот учествуваа десет членови на Буџинкан Македонија, од кои некои од нив, за прв пат се сретнаа со ова необично оружје од арсеналот на јапонските средновековни воини.

Вечерта, како и секогаш, помина во одлична атмосфера и дружба меѓу соборците, зачинета со заедничка Окономијаки вечера и друштвени игри.