Харагеи II - семинар во природа

Posted on Categories Почетна

Хара ( 腹 ) е јапонски збор за стомак, додека Геи ( 芸 ) означува уметност. Меѓутоа, во боречките вештини зад овој збор се крие комплетен принцип на внатрешна и надворешна комуникација преку самоспознавање и навремено откривање на промените кои се случуваат наоколу. Учителите за Зен, со векови наназад подучуваат дека дишењето со Хара (стомак) го чисти умот од секакви мисли и овозможува поглед длабоко во себе. Токму тоа согледување на внатрешните и на надворешните промени, се верува дека на воинот ќе му овозможи навреме да ја препознае опасноста и истовремено да реагира. Ваквиот тренинг за култивирање на внатрешната енергија, познатиот зен-монах Такуан Сохо го нарекувал „вежба на неподвижниот ум“. 

Замислете ситуација, Вие и Вашиот противник сте одалечени два метра еден од друг со вперени катани во срцата. Тензијата се зголемува и само еден погрешен здив или едно трепкање со окото може да Ве дели од животот и смртта. Да го препознаете нападот, да го почуствувате моментот кога треба да се реагира, е од клучно значење. 
Минатата година, шидоши Игор Довезенски за прв пат „отворено“ го одржа овој семинар, кој досега беше достапен само за понапредните ученици. На нивно барање, истата тема повторно ќе биде обработена на 1 март, при што ќе бидат предавани и дополнителни вежби. Оваа можност им се нуди на сите наши членови кои сакаат да ги научат техниките за зголемување на будноста и да ја зголемат својата борбена вештина. 
Ден: 01.03.2015 (недела)
Место: Еленац
Програма:
08.00 часот – поаѓање од Скопје
09.00 часот – пристигнување
09.00 – 16.00 часот – теоретски и практичен дел
17.00 – враќање назад 
Семинарот е отворен  само за членовите на Пат кон Сонцето, но може да се присуствува на истиот и со препорака од инструктор кој негува пријателски односи со нашето доџо. Прашања и пријавување на и-мејл, на телефон, во доџо или на Форум.

Линк од минатогодишниот извештај за семинарот —–> тука