Со полно доџо насмеани лица и по некоја модринка и гребнатинка на телото, вчера успешно се одржа семинарот за Нинпо Не Ваза.
На настанот присуствуваа петнаесет членови на Буџинкан Македонија, кои беа поделени во две групи: почетници и напредни. Додека почетниците ги совладуваа основните техники на преминување од положба во положба на земја, како и базичните зафати, напредните имаа можност да се запознаат со техниките на ослободување од зафат со нозе, како и преминување во контра-напад со цел да се совлада противникот во што е можно пократок период.
Како и секогаш досега, така и овој пат семинарот за Нинпо Не Ваза не остави никого рамнодушен и покрај тоа што на одредени моменти донесе тешкотии кај некои од учесниците, а пред се поради помалку грубата природа на самиот систем. Но, како што годините минуваат, се повеќе се забележува напредокот кај учениците кои покажуваат најголема упорност и желба за изучување на јапонските боречки вештини.