Крајот на 2023та ќе го паметиме по одржани 44 семинари, што е само за еден помалку од рекордната 2018та, кога прокниживме вкупно 45 семинари. Со ваквиот резултат, повеќе од сигурно е дека се уште го држиме епитетот на „најдинамично нинџутсу доџо“ во светот.
Да почнеме со меѓународните семинари. Оваа година водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, предаваше на четири интернационални настани. Првиот се одржа во Македонија, каде што заедно со својот пријател од Турција (Ерџан Шарбат), предаваше на добропознатиот БуЈуКаи. По ова следуваше предавањето на БуЈуКаи Србија, што се одржа во Нови Бечеј, а потоа следеше гостувањето во Истанбул каде што учителот Довезенски го споделуваше своето знаење со членовите на Буџинкан Турција. Меѓународните настани завршија со предавањето на Даито рју Аикиџуџутсу во Доџото Сатори во Нови Сад (Србија). Вреди да се напомене дека на БуЈуКаи семинарите бројката на учесници секогаш се исполнува до максимум, па така на пример на БуЈуКаи V, иако беа предвидени 40 слободни места, моравме да ја „пробиеме“ крајната бројка и да дозволиме уште двајца да учествуваат, поради силните молби од страна на блиски и важни пријатели на Доџото.
Годината 2023та, ќе остане запаметена и по тоа што за време на редовното усовршување во Јапонија, учителот Игор Довезенски со себе го зема и својот син Петар, со што тој доби можност да вежба и да го почуствува духот на јапонските нинџутсу учители. Двонеделниот престој и успесите постигнати во Хомбу Доџото во Нода (Јапонија) е невозможно да се опишат во ваков краток извештај, па затоа ќе ги оставиме да бидат прераскажувани на некој од нашите семинари во природа.
За време на летото, ги одржавме и нашите легендарни Летни Нинџа Кампови, како за децата, така и за возрасните. Тука треба да се спомене дека на петнаесетото издание на кампот за возрасни, се постигна нов рекорд од 25 души, па така за 2024-та година бројката на дозволени учесници ја зголемуваме на 33ца.
Од другите настани во изминатава година, ќе ги одбележиме: јануарската промоција на новата Такаматсу манга на Довезенски и на Гаковски со наслов „Мисијата во Шијлинхот“, „Работилницата за Самоодбрана за Жени“ што се одржа во февруари (сечко), рекордните 23ца учесници на традиционалниот семинар „Силата на Јари“, тројца нови носители на бронези медали Генин (Косара Довезенска, Ксенија Довезенска и Кристијан Митевски), еден организиран тим билдинг (ТГГ – МК) и едно ново име на Нафуда Каке во Хомбу-то (Марко Петрушевски).
За целосно да го сумираме резултатот на семинари во 2023та година, ќе дадеме краток преглед по бројки: 7 одржани нинџутсу семинари во скопското Доџо, 21 во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија, 4 меѓународни, два летни кампови, двонеделна посета во Јапонија, девет Даито рју Аикиџуџутсу семинари во Хомбу, во скопското Доџо или во странство.
На крајот, сакаме да се заблагодариме на сите членови на Буџинкан Македонија, Даито рју Македонија и на Организацијата „Пат кон Сонцето“ кои со својата макотрпна работа овозможија и оваа година да уживаме во прекрасното патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции. Не можеме да ветиме дека следната година ќе постигнеме уште подобри резултати од оваа, но можеме да гарантираме дека се додека дишеме воздух на земјава, нема да ја намалиме љубовта кон борбените класични вештини наследени од генерациите пред нас.
Темата за првото полугодие на 2024 година ќе биде Такаги Јошин рју Џутаиџутсу.
Едно Доџо – едно семејство. Буџинкан Македонија – лојалност, посветеност, чест.
Моја приказна – мој живот.
Нинпо Иккан!!!