Одржан Зимскиот Нинџа Тренинг - Начини на Преживување во Природа VIII

Posted on Categories Почетна

Воините на Буџинкан Македонија по осми пат покажаа дека се мајстори за преживување во природа, без разлика на теренот или на временските услови. На температура од нула степени целзиусови проследени со ветер и снег, членовите на доџо-то без никаков проблем излегоа на крај со студеното време кое како да сакаше да ги стави на тест сите учесници на овој традиционален семинар.

Во неделата Воините имаа можност повторно да ги изучуваат тајните на зимското преживување на ридестите терени, а за таа цел инструкторот Довезенски ги избра вулканските возвишенија на Орљак, место идеално токму за вакви семинари. Станува збор за ридови кои се прекриени со магматски карпи кои изобилуваат со ниска вегетација, при што речиси постојано се изложени на ветер. Без разлика на суровиот терен, учесниците за кратко време изградија засолниште доволно големо за да прими и згрижи во текот на ноќта осум лица. Интересно е да се спомене дека целата градба беше направена без употреба на вештачки врзивни и единствено со употреба на природни материјали.

За време на семинарот, шидоши Игор Довезенски одлучи да тестира двајца од своите ученици, при што им зададе задачи и сценарио, според кое поединечно и за неколку саати требаше да направат сопствени засолништа кои ќе бидат доволно квалитетни да овозможат безбеден неколкудневен престој. За жал, ниту еден од кандидатите не ги помина високите стандарди на доџо-то, иако еден од нив беше близу да го оствари тоа, па како награда доби можност следната година да го повтори тестот.

На крајот да кажеме и дека сме горди што на овој семинар учество земаа и тројца членови на детската група (Косара, Ксенија, Петар) кои рамнопарвно учествуваа и ги делеа обврските со нивните постари соборци и ниту еднаш не се пожалија на лошите временски услови во текот на целиот ден.