Сите деветмина Воини на Буџинкан Македонија, кои во неделата рано наутро тргнаа на легендарниот подвиг, познат под името „Патот на Шугенџа“, вечерта пристигнаа на целта поминувајќи во текот на денот 52 километри за единаесет ипол саати.

Првиот дел од маршутата се движеше по текот на рекичката Живуша, се до еден момент кога шидоши Игор Довезенски не ја измени со тоа што нареди да се скршне по стрмните карпести вулкански ридови кои се протегаат меѓу селата Стрезовце и западниот на Бељаковце. По средбата со дивиот елен кој уште повеќе ја засили љубопитноста за теренот, учесниците на подвигот навлегоа во атарот на селото Руѓинце, од каде што се спуштија во селото Сув Орах, по што почна искачувањето кон планината Козјак и крајната цел – Мокро Езеро.
Пред самиот финиш, беше направена и единствената мала пауза за ручек и за разгледување на Карпинскиот Манастир кој со својата неверојатна убавина ги освои срцата на Воините.
Средбата со Мокро Езеро исто така беше волшебна, а особено кога стадото од речиси 200 слободно пуштени крави се спушти од блиската шума за да се напои со вода.
Враќањето се одвиваше во спротивен лак од првичната рута, односно овој пат групата се движеше полукружно од запад кон исток, при тоа навлегувајќи во селото Облавце, од каде што преку западниот дел на Стрезовце се скршна кон исток и во паралелна линија со ридот Орљак се навлезе во Бељаковце. При самото спуштање кон северната страна на Орљак, кај неколкумина членови се појави и првата и единствена криза, која вклучуваше болки во задниот дел на коленото, меѓутоа истата набргу ја снема како што се ближеше целта.

На пет километри пред Хомбу, инструкторот Довезенски нареди да се направат традиционалните 20 склекови со полна „борбена опрема“, со цел да се демонстрира силината на духот на Воините на Буџинкан Македонија.
По пристигнувањето во Хомбу односно на почетната точка, само кај неколкумина учесници се јави мало покачување на телесната температура проследено со блага треска, што е вообичаен одговор на имунолошкиот систем кога телото е изложено на екстремни напори.
До следното патешествие!












Таа пракса да се предаваат сите необични вештини познати под името Нинџа Џухакеи, шидоши Довезенски ја продолжува и ден-денес, па така одвреме-навреме неговите ученици имаат можност да научат и да навлезат малку подлабоко во сржта на овој необичен метод на борба познат под името нинџутсу. За време на неделниот семинар, учесниците имаа можност да научат техники за тивко влегување во вода, како и начини на бешумно пливање низводно и узводно. Потоа се вежбаа и техники на поминување големи растојанија со стебло, камуфлирање и трчање во река, како и бешумно движење и следење на противникот кој се движи по самиот речен брег. Обуката во вода, освен на семинарите во природа, понекогаш се предава и на некои од летните кампови организирани во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“.
Според планот за работа, следната година предвидено е научените техники да се испробаат преку разни борбени сценарија, при што учесниците ќе бидат поделени во две групи.