Одржан „Живот во Дивината IV“

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина, шестмина Воини на Буџинкан Македонија успешно ги совладуваа техниките за групно преживување во пустински улови. На температура повисока од 42 степени, учесниците на „Живот во Дивината“ се справија со сите предизвици кои следеа во текот на двата дена.

Иако Македонија нема пустини во класична смисла на зборот, сепак инструкторот Игор Довезенски одбра карпест и каменет терен познат по скромната вегетација, како и по малата годишна количина на врнежи. Вулканските ридови меѓу селата Коњух и Шопско Рударе, одлично ја доближија атмосферата на пустинска клима.

За време на семинарот, Довезенски ги подучуваше своите ученици како да го изберат најповолното место за изградба на привремено живеалиште, потоа на кои места можат да најдат вода и храна, но и како истите да ги подготват за да бидат исправни за конзумирање. Покрај ова, членовите на Буџинкан Македонија научија и многу други техники, меѓу кои: пружање прва помош при повреди, изработка на орудија и оружја за лов, за риболов и за одбрана, итн.

Техниките за преживување во природа, во најголем дел Довезенски ги има научено од својот дедо, кој бил учесник во втората светска војна и одликуван со повеќе заслуги, меѓу кои и за ослободување на градот Скопје. За време на војната и после неа, тој бил извидник во тенковски батаљон и техниките на преживување во природа многу пати му помогнале да преживее во опасните ситуации низ кои минувал за време на тие тешки години.

Следното лето односно сценариото на „Живот во Дивината V“ ќе се одвива на планина повисока од 1000 метри.