Еден ден по семинарот за КјокетсуШоге, се одржа уште еден традиционален семинар, овојпат посветен на изучувањето на Кусаригама – традиционално јапонско оружје кое, заедно со КјокетсуШоге, е дел од богатото наследство на школата Тогакуре рју Нинџутсу.

На семинарот учествуваа тринаесет вежбачи од кои поголем дел претходниот ден ги изучуваа тајните на КјокетсуШоге, со што овој викенд прерасна во заокружена целина посветена на една од најпознатите древни нинџутсу школи.

Под водство на учителот Игор Довезенски, водачот на Буџинкан Македонија, учесниците имаа можност да се запознаат со специфичните карактеристики на Кусаригама, како и со техниките и принципите на неговата употреба.

Работата со ова оружје бараше посветеност, прецизност и добро разбирање на движењето, растојанието и контролата. Преку кати-те, учениците ги продлабочуваа своите знаења и се обидуваа да ги разберат принципите што се пренесуваат низ генерациите во рамките на традиционалното јапонско воено наследство.

Двата дена, кои беа исполнети со интензивна работа, размена на знаења и дружење, овозможија учесниците да ја согледаат поврзаноста меѓу различните оружја и принципите на традицијата од која потекнуваат.
Така заврши уште еден незаборавен викенд во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија – викенд посветен на Тогакуре рју.