КјокетсуШоге во есенски амбиент на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во саботата, во дворот на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија, се одржа традиционалниот семинар посветен на изучувањето на КјокетсуШоге – необично и специфично оружје од школата Тогакуре рју Нинџутсу.

За време на семинарот, учесниците имаа можност да се запознаат со техниките и принципите на употреба на ова оружје, кое зазема посебно место во богатото наследство на древната нинџа традиција.

Посебен белег на семинарот му даде прекрасната есенска идила во дворот на Хомбу. Жолтите лисја паѓаа од многубројните дрвја, создавајќи живописен амбиент, додека нивното крцкање под нозете на вежбачите ја надополнуваше атмосферата на овој несекојдневен тренинг.

Вечерта продолжи во Хомбу Доџото, каде што учителот Игор Довезенски одржа предавање на тема Чорјаку/Борјаку (Воена стратегија и тактика). Собрани околу топлиот камин, учениците со внимание ги следеа неговите предавања и имаа можност да навлезат подлабоко во принципите и значењето на оваа тема.

Уште еден прекрасен ден во Хомбу, исполнет со тренинг, нови сознанија, есенски убавини и дружење. Ден што уште еднаш потврди дека патот на традиционалното Будо не се состои само од изучување техники, туку и од заедништво, почит и постојано продлабочување на знаењето.