Извештај за 2018-та година

Posted on Categories Почетна

После одржани четириесет и пет семинари во текот на 2018-та, си го поставуваме прашањето: До кога ќе ги надминуваме границите кои всушност и никогаш не сме си ги поставиле?
А не сме си поставиле ниту граници, ниту пак сме се зарекле, туку благодарение на огромната љубов кон јапонските боречки вештини и со неверојатната посветеност која гори во нас, ги рушиме сите рекорди – дури и на светско ниво. За да биде појасно, во годината има 52 викенди, а ние за време на истите сме одржале 45 семинари односно толку пати сме имале дополнителни (покрај редовните во текот на работната седмица) специјализирани целодневни часови за Кобудо.

Да почнеме со ред. Можеби најважниот настан за 2018 година беше патувањето на инструкторот Игор Довезенски во Јапонија поради усовршување на Буџутсу и Нинџутсу во Земјата на Изгрејсонцето. На еден од тренинзите, шиханот Јукио Ногучи на водачот на Буџинкан Македонија му додели 10 дан, со што единственото признато македонско доџо сега има учител со највисок ранг. Истовремено, соке Масааки Хатсуми на Довезенски му даде Буго односно боречко име – Грмогласниот Тигар. При тоа, на Какеџику (висечки свиток) му напиша „Ехото на грмогласниот тигар одекнува низ планините“.
Тука повторно мора да се спомене и приемот на Довезенски кај Јасусада Иизаса, 20-тиот Соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу и тоа во доџото изградено од страна на неговите претци.

Но да се вратиме повторно на семинарите кои отприлика изгледаат вака. Дванаесет беа посветени на Даито рју Аикиџуџутсу, од кои шест беа одржани во Хомбу, а четири во доџото во Скопје. Два од нив беа организирани во природа.
Што се однесува до школите на Буџинкан, шест настани беа организирани во скопското доџо, додека дури 13 во Хомбу-то на „Пат кон Сонцето“. На ова треба да се додадат и седумте Нинџутсу семинари во природа, од кои за оваа година би ги издвоиле петиот по ред „Живот во Дивината“, вториот „10.000 години ПНЕ“, како и десетиот по ред „Патот на Шугенџа“.

Поради предвидениот пат во Јапонија на шидоши Игор Довезенски, оваа година учествувавме на само еден меѓународен семинар во Софија (Бугарија), каде што нашиот Учител за Даито рју Аикиџуџутсу, Сенсеи Черта предаваше на покана на Бугарската Аикидо Федерација.

Да не го заборавиме и најголемиот настан кој низ текот на годините се здоби со легендарен статус, а тоа е нашиот надалеку прочуен „Летен Нинџа Камп“, на кој инструкторот Довезенски, оваа година за прв пат предаваше и Даито рју Аикиџуџутсу (меѓу другите вештини). А претходница како и лани беше (вториот по ред) „Детски Нинџа Камп“.

Покрај сите овие настани, вредат да се споменат и следниве: Мега интервјуто на Водачот на Буџинкан Македонија дадено за единствениот македонски портал за боречки вештини ИПОН.МК. Потоа одличната демонстрација (Ембу) на постарите членови на „Пат кон Сонцето“ пред Конзулот на Јапонија во Република Македонија – Тојоказу Кубота. Учеството на Health, fitness and wellness Expo, како и интервјуто на Тодоровски, Антовски и Гаковски за „Неделниот магазин“ на Македонската Телевизија.
На крајот на годината добивме и еден нов Семпаи односно Сања Симонова успешно положи за втори кју, а семпаи Филип Трајановски стана носител на кафеав појас (први кју).

Како и секоја година, упатуваме најголема благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено кон постарите членови на Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу).

Го задржуваме епитетот на најдинамично европско доџо, а ќе се потрудиме тој епитет да го рашириме и во светски рамки. Затоа што ние храбро чекориме по „Патот кон Сонцето“. Остануваме сложно семејство. Остануваме синоним за Воинство. Буџинкан Македонија тече низ нашите жили. Вечно.

Нинпо Иккан!!!

Одржан хуманитарниот Кеико Осаме 稽古納め - последниот семинар за 2018та

Posted on Categories Почетна

На еден ден пред збогувањето со 2018-та година, инструкторот Игор Довезенски го одржа последниот семинар за оваа година.

Настанот на кој се вежбаа Танто Дори техники  имаше хуманитарен карактер, а сите собрани парични средства беа уплатени на сметката на Неделка Чукчуковска. Оваа девојка оставена да се грижи самата за себе, боледува од потешка форма на парализа, а нашето доџо како и многупати досега се обиде да помогне во рамките на своите можности.

На Неделка и посакуваме да ја продолжи својата борба, а истовремено ги повикуваме сите добри луѓе да уплатат парични средства на нејзината сметка.

Одржано декемвриското полагање во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Во петокот во скопското доџо се одржа полагање за ученички степени во Буџинкан Македонија, при што добивме еден носител на кафеав појас, како и еден нов Семпаи.

Церемонијата започна со тестирање на најмалите членови на доџото – Нинџа Клинци, при што седум од нив се здобија со девети кју, а со тоа и право да носат обоен појас, како и мон (амблем) на „Пат кон Сонцето“.
Истовремено, Ксенија Довезенска положи за пети кју со што нејзиното име напишано на дрвена табличка ќе биде закачено на Нафуде Каке (таблата на честа) во Хомбу-то на Организацијата.

Кај возрасните, Сања Симонова положи за втори кју и со тоа доби звање Семпаи, додека Филип Трајановски положи за први кју (кафеав појас). Кохаи Саше Гацев положи за пети кју, па и неговото име отсега ќе биде закачено на Нафуда Каке-то во централното доџо во долината под Липац.

На крајот да напоменеме дека атмосферата за време на церемонијата како и секогаш беше крајно свечена, позитивна и семејна, а кандидатите одлично подготвени.

2018 Хуманитарен Кеико Осаме 稽古納め

Posted on Categories Почетна

Кеико Осаме 稽古納め или последниот тренинг (семинар) во годината ќе има хуманитарен карактер.
Имено, сите собрани средства на име семинарска такса, а наменети за одржување на доџото, ќе бидат искористени како помош за лекување на Неделка Чукчуковска.

Оваа млада девојка цели 14 години сосема сама се бори со тешката болест со која живее од својата втора година, а нејзината воља да успее е за секаква почит.

Истовремено ги повикувам сите пријатели на Буџинкан Македонија и сите добри луѓе да донираат преку телефонските броеви на Телеком и на Вип (ќе ги видите подолу).

Темата на семинарот е ТАНТО ДОРИ (Одбрана од напад со нож), а сите учесници треба да донираат по 300 денари преку своите мобилни телефони (143-454 ТЕЛЕКОМ или 143-464 ВИП/ОНЕ) (еден повик 100 денари) или пак, да донесат уплатница со уплатени 300 денари на трансакциската денарска с-ка 210-5016724851.07 или девизна с-ка NEDELKA CUKCUKOVSKA, NLB BANKA AD SKOPJE, IBAN:МК07210501672485107 SWIFT:TUTNMK22

Се гледаме на 30.12.2018 (недела) на татамите!

Одржан семинарот за Јапонска Масажа „Анма“

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина, инструкторот Игор Довезенски го искористи за да пренесе дел од своето искуство поврзано со техниките на јапонската масажа – Анма.

Учесниците имаа можност да ги научат движењета потребни за релаксација и рехабилитација на грбот, а потоа да ги повторат и веќе научените техники за масажа на главата и на лицето.

За два месеци отсега, предвиден е следниот Анма семинар, на кој заинтересираните членови на доџото ќе можат да ги повторат сите досега научени манипулации врз телото на пациентите.

Нинпо Таиџутсу семинар во чест на роденденот на соке Масааки Хатсуми

Posted on Categories Почетна

Во чест на 87-иот роденден на водачот на Буџинкан Доџо – соке Масааки Хатсуми, вчера во скопското доџо на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа семинар на тема „Нинпо Таиџутсу“.

Учителот Игор Довезенски за време на целиот настан ја зголемуваше борбената готовност на своите ученици, наметнувајќи им динамична атмосфера при што техниките се менуваа брзо, а катите беа кратки и брзи.

Сите учесници беа крајно задоволни од наученото, па на крајот воопшто не бираа зборови да ја искажат својата благодарност.

Одржан „Детскиот Нинџа Маратон IV“

Posted on Categories Почетна

Речиси триесет дечиња учествуваа на четвртиот по ред „Детски Нинџа Маратон“ што редовно се одржува во текот на зимските месеци во скопското доџо на Буџинкан Македонија.

Инструкторите Таки Гаковски и Сања Симонова беспрекорно се погрижија целиот настан да помине во најдобар ред, а истовремено децата постојано да бидат насмеани и среќни за време на семинарот.
Покрај редовниот нинџутсу тренинг, најмладите членови на доџото уживаа и во нинџа квизот, потоа во здравата овошна ужина, како и во проекцијата на детскиот филм за боречки вештини со најомилениот Џеки Чен.

За две недели се гледаме повторно.

ТантоЏутсу семинар во Скопје

Posted on Categories Почетна

Во одлична и динамична атмосфера вчера во скопското доџо на Буџинкан Македонија беше одржан редовниот зимски семинар за борба со нож – ТантоЏутсу.

Инструкторот Игор Довезенски паралелно со техниките се потруди на учесниците да им ја пренесе и филозофијата и психологијата (куден) кои стојат зад вештината на борење со нож. Истовремено, учесниците будно го следеа секое движење и до најмал детал се обидуваа да го впијат сето знаење акомулирано низ годините.

Веќе за следната недела закажан е нов семинар на тема Тогакуре рју Нинпо Таиџутсу, а во чест на роденденот на Соке Масааки Хатсуми.

Одржан интензивниот „Нинџа Ден“ семинар

Posted on Categories Почетна

Во шумата Млака, недалеку од Хомбу-то на „Пат кон Сонцето“, во неделата се одржа интензивниот „Нинџа Ден“ семинар.

Целта на овој настан беше да ги запознае членовите на Буџинкан Македонија со тајните вештини на легендарните Шиноби воини. За време на семинарот, учителот Довезенски демонстрираше неколку вештини од кои само ја „отргна прашината“ колку да може да се види што се понатаму ги очекува идните мајсторски кандидати.

Бешумно движење, одбрана и напад со Шуко, Кагинава, Тетсубиши, ЈумиЈа, беа само дел од техниките кои некои од учениците имаа можност за прв пат да ги вежбаат. Секако, по секоја прикажана вежба, учесниците ги пробуваа и увежбуваа покажаните техники.

Поради големиот интерес, на крајот беше договорено на пролет да се организираат неколку вакви настани на кои ќе може поединечно да се научат сите оружја кои беа презентирани за време на семинарот.

Тогакуре рју Шурикенџутсу во дворот на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во саботата на дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа семинар на тема Тогакуре рју Шурикенџутсу.
Временските услови беа прекрасни за изведување на ваков тип обука, а опкружувањето веќе познато – во единствениот тренинг центар во Македонија за класични јапонски боречки вештини.

На настанот земаа учество шесторица членови на Буџинкан Македонија кои под будното око на учителот Довезенски ги изучуваа техниките на гаѓање со Бо и со Сенбан шурикени од школата Тогакуре рју. Во текот на целиот ден, учесниците успеава да ги „поминат“ сите техники од деншото на оваа стара нинџа школа.