Одржан „Детскиот Нинџа Маратон IV“

Posted on Categories Почетна

Речиси триесет дечиња учествуваа на четвртиот по ред „Детски Нинџа Маратон“ што редовно се одржува во текот на зимските месеци во скопското доџо на Буџинкан Македонија.

Инструкторите Таки Гаковски и Сања Симонова беспрекорно се погрижија целиот настан да помине во најдобар ред, а истовремено децата постојано да бидат насмеани и среќни за време на семинарот.
Покрај редовниот нинџутсу тренинг, најмладите членови на доџото уживаа и во нинџа квизот, потоа во здравата овошна ужина, како и во проекцијата на детскиот филм за боречки вештини со најомилениот Џеки Чен.

За две недели се гледаме повторно.

ТантоЏутсу семинар во Скопје

Posted on Categories Почетна

Во одлична и динамична атмосфера вчера во скопското доџо на Буџинкан Македонија беше одржан редовниот зимски семинар за борба со нож – ТантоЏутсу.

Инструкторот Игор Довезенски паралелно со техниките се потруди на учесниците да им ја пренесе и филозофијата и психологијата (куден) кои стојат зад вештината на борење со нож. Истовремено, учесниците будно го следеа секое движење и до најмал детал се обидуваа да го впијат сето знаење акомулирано низ годините.

Веќе за следната недела закажан е нов семинар на тема Тогакуре рју Нинпо Таиџутсу, а во чест на роденденот на Соке Масааки Хатсуми.

Одржан интензивниот „Нинџа Ден“ семинар

Posted on Categories Почетна

Во шумата Млака, недалеку од Хомбу-то на „Пат кон Сонцето“, во неделата се одржа интензивниот „Нинџа Ден“ семинар.

Целта на овој настан беше да ги запознае членовите на Буџинкан Македонија со тајните вештини на легендарните Шиноби воини. За време на семинарот, учителот Довезенски демонстрираше неколку вештини од кои само ја „отргна прашината“ колку да може да се види што се понатаму ги очекува идните мајсторски кандидати.

Бешумно движење, одбрана и напад со Шуко, Кагинава, Тетсубиши, ЈумиЈа, беа само дел од техниките кои некои од учениците имаа можност за прв пат да ги вежбаат. Секако, по секоја прикажана вежба, учесниците ги пробуваа и увежбуваа покажаните техники.

Поради големиот интерес, на крајот беше договорено на пролет да се организираат неколку вакви настани на кои ќе може поединечно да се научат сите оружја кои беа презентирани за време на семинарот.

Тогакуре рју Шурикенџутсу во дворот на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во саботата на дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа семинар на тема Тогакуре рју Шурикенџутсу.
Временските услови беа прекрасни за изведување на ваков тип обука, а опкружувањето веќе познато – во единствениот тренинг центар во Македонија за класични јапонски боречки вештини.

На настанот земаа учество шесторица членови на Буџинкан Македонија кои под будното око на учителот Довезенски ги изучуваа техниките на гаѓање со Бо и со Сенбан шурикени од школата Тогакуре рју. Во текот на целиот ден, учесниците успеава да ги „поминат“ сите техники од деншото на оваа стара нинџа школа.

Уште еден Тоами семинар во дворот на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Уште еден настан на кој членовите на Буџинкан Македонија ги учеа и повторуваа техниките за ракување со мрежа (Тоами) се одржа во неделата во дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

Инаку, ова е првиот од трите нинџутсу семинари предвидени за овој месец. Како што секогаш се случува, учениците на учителот Игор Довезенски секогаш покажуваат голем интерес за се што е врзано со легендарните Тогакуре воини, па така во очекување сме Хомбу-то да биде преполно во октомври.

Веќе за оваа недела најавен е семинарот за шурикени, кагинава, шуко, како и други нековенционални нинџа техники.

Се гледаме.

Одржан „Патот на Шугенџа X“

Posted on Categories Почетна

Десетото јубилејно духовно патување познато под името „Патот на Шугенџа“ напиша уште една страница од историјата на Буџинкан Македонија. Овој пат актери беа осумина Воини на доџото кои за 10 саати успеава да изодат маршрута долга 42 километри. Ова издание понуди најкратка и најлесна рута до сега, со што овозможи сите учесници успешно да го завршат семинарот.

Прочитајте ги импресиите на членовите кои се одважија и се пријавија на јубилејниот настан.

„Да им честитам на семпаи Филип Трајановски, Ирина Милошеска и Кристина Костиќ кои за прв пат учествуваа на овој семинар и успешно го завршија. Особено и честитам на Кристина бидејќи таа само што почна да се запознава со вештините и со Воините на Буџинкан Македонија, а сепак го издржи ова искушение.
Што да се каже за овој легендарен семинар, а да не се започне со воодушевување од изборот на Сенсеи Игор Довезенски за маршрутите по кои се прочистуваме, осознаваме и уживаме во нашата прекрасна Македонија. Десет саати без прекин да пешачиш по ридови, низ села, по непристапни предели и преубави низини, толку богати и плодни, едноставно ти се полни душата од таа убавина“. – Владимир Антовски, семпаи

„Поради работните обврски, ноќта пред саминарот имав можност да спијам само четири саати.  Пред поаѓањето од Хомбу, забележав дека Сенсеи поткривнува со ногата, по што тој ни појасни дека претходниот ден нагазил на рѓосана шајка. По примените тетанус вакцини, докторот му кажал дека треба да одмара, но тој најверојатно не знае за силата, духот и храброста на Сенсеи.
Како и секоја година, додека пешачиме низ ридовите и планините, меѓусебно уште подобро се запознаваме, делиме прекрасни моменти и насмевки, но истовремено ги дознаваме и сопствените граници и слабости. Сакам да споделам и една случки која ми помогнаа уште повеќе да стекнам верба во другарството, во слогата и во животот воопшто. На едно ридче, на угорнината, Кики подзастана и изусти дека нема да може да го искачи. Но тогаш Таки се подврати и и подаде рака. Тогаш се виде, по не знам кој пат, дека искрено подадената раката мотивира и спречува неуспех. Се сетив дека на времето и мене ми доаѓаше да се откажам на ваквите стрмини“. – Михаил Дракалски, семпаи

„- Сенсеи, за Шугендо треба само 1,5 л. вода да носиме со себе?
– Не Ирина, тоа е за ‘Преживување во Природа’. Понеси што сакаш, се додека можеш да носиш. Ќе пешачиме низ планински предели без застанување и ќе посетуваме интересни места кои ја раскажуваат својата единствена приказна. Овој пат ќе биде најкратко.
Можеби затоа што така ми кажа, воопшто не ни размислував дали ќе биде тешко, дали ќе го завршам, каков подвиг ќе направам и што ли ќе раскажувам. Само бев среќна што Сенсеи има доверба и што ми дозволи да го следам. Чекоревме лесно како весела дружина која излегла на прошетка на убав сончев ден, отфрлајќи го секој слој од непотребни мисли, грижи за сегашноста, планови и страв од иднината. Магијата спонтано следеше. Секој камен, секоја контролна точка, крст на патот, пренесуваа историска приказна. И порака. И така до следното село, до следниот извор.

Од самовилските води  во селото Зубовце, па се до црквата Св. Тројца во Скачковце. Во што и да верувате, ништо не е посилно од убавината на зајдисонцето, грандиозноста на планината и понизноста на првата ѕвезда. А токму нејзиниот сјај те прави свесен за минливоста. Чувствуваш само благодарност до твоите соборци со кои го споделуваш необичното искуство. Поезија на духот. И чувство на чистота, после ова мое прво Шугендо. Благодарам Сенсеи“ – Ирина Милошеска

„Пат кон Сонцето“ на Health, Fitness & Wellness Expo

Posted on Categories Почетна

Членовите на Организацијата „Пат кон Сонцето“ учествуваа на четвртата по ред манифестација „Health, Fitness & Wellness Expo“, која викендов се одржа на терените на ФК Работнички во Градскиот Парк во Скопје.

Воините на доџо-ата кои ја сочинуваат Организацијата, демонстрираа Буџутсу, Аикиџуџутсу и Нинџутсу техники од школите Даито рју, Теншин Шоден Катори Шинто рју, Кото рју и Гјокко рју.

Публиката која што присуствуваше на Ембу-то, беше воодушевена од изведбата на нашите членови, а особено внимание привлекоа најмладите од групата Нинџа Клинци кои изнудија и најголем аплауз.

Членовите на Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето на националната МТВ

Posted on Categories Почетна

Шидоши хо Зоран Тодоровски, семпаи Владимир Антовски и семпаи Таки Гаковски, беа гости во „Неделниот Магазин“ на националната Македонска Телевизија. Пред широкиот аудиториум, тројцата ветерани на доџото зборуваа за историјатот и за активностите на нашата Организација „Пат кон Сонцето“.

Погледнете ја снимката од гостувањето на следниот линк:

Уписи во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна
Дваесет и трета година по ред, Организацијата за изучување самурајски и нинџа вештини „Пат кон Сонцето“ ги отвора вратите на доџо-то за новите кандидати кои имаат желба да навлезат во светот на традиционалните јапонски боречки традиции.
Нашата организација е единствената институција во Република Македонија каде што на едно место можете да вежбате буџутсу и нинџутсу, на начин како што векови наназад се вежбале во Земјата на Изгрејсонцето.Во состав на „Пат кон Сонцето“ се наоѓаат доџо-ата за нинџутсу „Буџинкан Македонија”, потоа „Корју Доџо“ во кое се изучува Даито рју Аикиџуџутсу, како и „Катори Македонија“ во кое што можете да ја вежбате најстарата документирана јапонска боречка вештина – Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.

Иако „Буџинкан Македонија“ врши уписи во текот на целата година, сепак месецот септември е најповолен момент за да отворите една нова страница од Вашата животна историја.

Ве известуваме дека првиот час за почетниците ќе се одржи на 4-ти септември, а воедно Ве покануваме во текот на месецот да не посетите и да извежбате еден бесплатен односно пробен час, колку да ја почуствувате атмосферата што владее во нашето доџо.

За тие што се уште не се запознаени со нашата работа, Буџинкан Македонија е основана на 02 јули, 1995 година и засега е единствениот клуб во нашата држава признаен од страна на поглаварот на Буџинкан, соке Масааки Хатсуми.

Важиме за еден од најдинамичните клубови во Европа со многубројно и активно членство и со најмногу активности организирани во текот на целата година. Во рамките на доџо-то постојат повеќе секции за возрасни (од 13 до 113 години), но и за деца (од 5 до 12 години).

Повеќе информации за нас можете да добиете на следниот линк: www.koryu.mk

Ве молиме доколку имате прашања, не двоумете се да не контактирате преку daito_macedonia@yahoo.com или на 072 307 442

Заврши јубилејниот „Летен Корју Камп X“

Posted on Categories Почетна

Десетиот и воедно јубилеен „Летен Корју/Нинџа Камп“ помина одлично и остави уште една неизбришлива трага во сеќавањата на Воините од Буџинкан Македонија.

Тема за оваа година беа самурајските вештини Даито рју Аикиџуџутсу и Кукишинден рју Нагината, а учесниците на крајот беа воодушевени од двете стари школи кои низ генерации се пренесувале од колено на колено.

Се разбира, силната динамика беше поткрепена и со нинџа техники како што се: Каџутсу, Метсубуши, Тетсубиши, Суи Рен, итн.

Сите девет дена поминати во семејна слога и заедничко усовршување ќе останат запаметени во текот на целиот живот.

На крајот од кампот, инструкторот Игор Довезенски најави дека теми за следната година ќе бидат школите Гјокко рју Кошиџутсу, како и неколку оружја од Тогакуре рју Нинџутсу (Кусари Гама, Кјокетсу Шоге и Кусари Фундо).