Заврши 18-тото издание на Летниот Нинџа Камп

Posted on Categories Почетна

Уште еден легендарен Летен Нинџа Камп е зад нас, во организација на најдинамичното Доџо во светот – Буџинкан Македонија.

Повторно, 18-ти пат по ред, учителот Игор Довезенски ги собра сите искрени љубители на јапонските традиционални боречки вештини, продолжувајќи ја традицијата на пренесување на знаењето, искуството и тајните на древните нинџа школи.

Кампот и оваа година привлече голем број учесници, а покрај Македонците, имавме учесник и од Турција, со што настанот повторно доби свој препознатлив меѓународен карактер.

Тренинзите беа силни, динамични и исполнети со предизвици, а атмосферата, како и секогаш, беше величенствена. Деветте дена поминаа во знакот на интензивно тренирање, дружење и создавање нови незаборавни спомени.

Иако 18-тиот Летен Нинџа Камп штотуку заврши, интересот за следното издание веќе започна. Пријавите и следната година ќе стартуваат уште на новогодишната ноќ, па затоа навреме подгответе се за уште една нинџа авантура.

Ви благодариме за довербата!

Одржан јубилејниот 10-ти по ред Детски Летен Нинџа Камп

Posted on Categories Почетна

Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија повторно беше домаќин на јубилејниот десетти по ред Детски Летен Нинџа Камп, кој како и секоја година се одржа во периодот меѓу 27 јули и 2 август.

На настанот, покрај дечињата од Македонија, учествуваа и наши млади нинџи од Италија, Франција и Кина (Хонг Конг), со што и овој јубилеен камп го задржа својот меѓународен карактер.

Десеттото издание беше посебно по тоа што ја одбележа една цела деценија исполнета со дружење, тренинг, забава и нови нинџа предизвици за најмладите. Во текот на седумте дена, дечињата имаа можност да ги усовршуваат своите вештини, но и да стекнуваат нови пријателства и незаборавни спомени.

И оваа година интересот за кампот беше исклучително голем, што уште еднаш потврди дека Детскиот Летен Нинџа Камп прерасна во традиционален и препознатлив настан, не само кај нас, туку и пошироко.

Им благодариме на сите учесници и родители за довербата и поддршката, а на сите наши млади нинџи им посакуваме уште многу успешни тренинзи и нови авантури до следниот, единаесетти по ред Детски Летен Нинџа Камп!

Семинар за Кенџутсу во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Еден ден по семинарот за Нагината, во неделата, во дворот на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија се одржа и семинар посветен на изучувањето на Кенџутсу – традиционална јапонска вештина на борба со меч.

Под водство на учителот Игор Довезенски, учесниците имаа можност да ги вежбаат техниките на брзо извлекување на мечот, како и да работат на основните принципи на движење и борба. Како и секогаш, неговото долгогодишно искуство и начинот на кој ги пренесува знаењата овозможија сите учесници да бидат исполнети со нови сознанија и практични детали што ја збогатуваат личната обука на секој ученик.

Покрај интензивниот тренинг, не изостана ниту дружењето кое е препознатлив дел од ваквите семинари. Во паузите, под сенките на столетните ореви во дворот на Хомбу Доџото, учесниците заеднички уживаа во кафе, какао и разговори, разменувајќи искуства и впечатоци од тренингот во пријатна и опуштена атмосфера.

Уште еден успешен семинар кој потврди дека вистинското Будо не се гради само преку техниката, туку и преку заедништвото, почитта и искреното другарство кое се создава на секое заедничко вежбање.

НагинатаЏутсу во дворот на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во саботата, во дворот на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија се одржа редовниот семинар посветен на изучувањето на вештината со Нагината – традиционално јапонско оружје кое со векови било составен дел од самурајската боречка традиција.

За време на семинарот беа обработени положбите на телото, основните принципи на движење, правилното користење на дистанцата, како и неколку кати и нивната практична примена. Преку повеќечасовниот тренинг, учениците имаа можност дополнително да го продлабочат своето разбирање на техниките и специфичностите на ова оружје.

Во паузите и слободното време учесниците уживаа во убавините на јапонската зен градина што се наоѓа во дворот на Хомбу Доџото. Пријатната атмосфера беше дополнета со дружење и друштвени игри на дрвената платформа, сместена во сенките на дрвјата, каде што продолжија разговорите и размената на впечатоци од тренингот.

Семинарот уште еднаш потврди дека покрај стекнувањето нови знаења и вештини, ваквите собири претставуваат можност за зацврстување на пријателствата и негување на вредностите што ги носи традиционалното јапонско Будо.

Се одржа 62-рото полагање за ученички степени

Posted on Categories Почетна

Вечерва се одржа 62-рото полагање за ученички степени во Доџото за традиционални јапонски нинџа и самурајски боречки вештини – Буџинкан Македонија.

Веќе 31 година создаваме многу повеќе од вештина – создаваме луѓе. Воспитуваме генерации, градиме карактер, поттикнуваме самодоверба и нудиме поддршка, пријателство и чувство на припадност за деца и возрасни.

Зад секое полагање стојат години посветеност, труд, истрајност и заедништво. Зад секој ученик стои една приказна за растење.

Буџинкан Македонија – повеќе од боречка вештина. Повеќе од љубов.
Буџинкан Македонија – моја утеха, моја приказна, мој дом.

Тоами (Нинџа мрежа) семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Овој викенд во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија во Довезенце се одржа семинар посветен на изучување и продлабочување на принципите и техниките на Тоами.

За време на настанот, беа обработени клучни елементи на движењето, контролата на дистанцата, тајмингот и поврзувањето на техниките низ природен тек на движење. Учесниците имаа можност да ги истражат техниките на фрлање на мрежата, како и аспектите на формата и да работат на подобрување на чувството за рамнотежа и адаптација во различни ситуации.

Во паузите и слободното време уживавме во убавините на јапонската зен градина, каде што покрај кафе и пријатен разговор продолжи размената на искуства и впечатоци од тренингот во опуштена атмосфера.

Благодарност до сите учесници за нивниот придонес и енергија.

Одржан специјален мастерклас во Верона - Италија

Posted on Categories Почетна

Учителот на Буџинкан Македонија одржа специјален мастер-клас по кенџутсу, шиноби таисо, медитација, како и за нинџа-психологија и филозофија, наменет за членовите на организацијата Келеутос од италијанскиот град Верона.

За време на предавањето, Довезенски посвети особено внимание на неколку значајни принципи, меѓу кои Фудошин („неподвижно срце“) и Мушин („празен ум“).

Сите учеснички изразија големо задоволство од настанот и веднаш го поканија учителот Довезенски повторно да ги посети по летниот период, со цел да им пренесе уште дел од своето богато искуство и знаење.

Одржан десеттиот по ред БуЈуКаи

Posted on Categories Почетна

Изминатиот викенд, во Македонија се одржа јубилејниот десетти по ред БуЈуКаи семинар, традиционален настан кој од година во година обединува сè поголем број љубители на традиционалните јапонски боречки вештини.

Иако првично беше најавено дека како и секогаш семинарот ќе го предводат долгогодишните пријатели и соработници Игор Довезенски и Ерџан Шарбат од Турција, поради оправдани причини Ерџан во последен момент беше спречен да допатува во Македонија.

Честа и одговорноста да го води семинарот овојпат целосно му припаднаа на учителот Игор Довезенски, кој за темата на десеттиот БуЈуКаи ги избра Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу и Иаиџутсу. Во текот на повеќечасовните тренинзи беа обработени принципите, катите и практичната примена на техниките од оваа древна школа, со посебен акцент на природното движење на телото, правилното користење на дистанцата и разбирањето на боречките концепти кои ја прават Шинден Фудо рју толку посебна меѓу класичните јапонски традиции.

Особено нè радува фактот што годинашниот БуЈуКаи постави нов рекорд по посетеност. На семинарот учествуваа вкупно 40 вежбачи, што претставува најголем број учесници во историјата на овој настан. Големиот интерес уште еднаш покажа дека идејата за БуЈуКаи како место за дружење, размена на знаења и заедничко усовршување продолжува успешно да живее и да се развива.

Како и секоја година, покрај тренинзите, значителен дел од времето беше посветен и на запознавање со културното и историското богатство на Македонија. Учесниците повторно го посетија Кратово, еден од најстарите и најживописни градови во нашата држава, каде имаа можност да ги разгледаат неговите препознатливи кули, мостови и стара архитектура.

Посебен впечаток остави и прошетката низ селото Довезенце, каде гостите се запознаа со повеќе историски и културни знаменитости од овој крај. Во пријатна атмосфера исполнета со дружење, разговори и споделување искуства, учесниците можеа подобро да ја почувствуваат традицијата и гостопримството по кои е препознатлива Македонија.

Десеттиот БуЈуКаи уште еднаш покажа дека вистинските вредности на боречките вештини не се ограничени само на тренинг-салата. Пријателството, заемната почит, желбата за учење и заедничките спомени остануваат најголемото богатство што секој учесник го носи со себе по завршувањето на семинарот.

Се гледаме повторно на следниот БуЈуКаи – во Истанбул.

Едно Доџо – Една Љубов. Нинпо Икан!

Одржан семинарот за Оно - големата самурајска секира

Posted on Categories Почетна

Придружени од пријатен пролетен дожд, вчера во дворот на Хомбу Доџото на организацијата „Пат кон Сонцето“, членовите на Буџинкан Македонија го одржаа редовниот семинар за Оно – големата самурајска секира.

На настанот учествуваа неколку членови на доџото, кои уживаа во техниките на оваа вештина, која е дел од школата Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу.

Веќе следната недела ќе се одржи десеттиот по ред меѓународен нинџутсу-семинар „БуЈуКаи“, за кој досега се пријавени 43 учесници, односно тројца повеќе од предвидениот максимум.

ХоЏутсу во јапонската градина во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Само еден ден по враќањето од Франција, каде што одржа серија предавања во два Аикидо клуба од Малцевил и Бленвил, учителот Игор Довезенски одржа ХоЏутсу семинар во јапонската градина во Хомбу за своите македонски ученици.

На настанот се вежбаа техники на гаѓање од осум различни положби, а учесниците за многу кратко време ги совладаа и покажаа одлични резултати.

Следниот семинар според редовната програма на Буџинкан Македонија е за Отсучи и за Оно.