Начини на Зимско Преживување IX

Posted on Categories Почетна

Вчера на падините на ридот Орљак се одржа деветиот по ред семинар „Начини на Зимско Преживување“. За разлика од минатата година, кога снегот заврна за време на самиот настан, овој пат го имаше во изобилие благодарение на врнежите од минатата недела. Сето тоа беше од голема корист за учесниците на семинарот, бидејќи можеа да искусат едни поразлични услови за зимско преживување.

Првиот семинар во 2019-та внесе силна возбуда уште пред самата најава, бидејќи уште минатата година беше познато дека на двајца од нашите постари членови и редовни учесници на семинарот, ќе им бидат тестирани вештините кои досега ги научиле. За таа цел, учителот Довезенски на своите ученици Михаил Дракалски и Таки Гаковски им одреди две осамени локации на кои тие во рок од пет саати требаше да ги истакнат сите вештини за зимско преживување кои досега ги научиле за време на учеството на претходните настани. На крајот на денот, семпаи Гаковски успешно го положи тестот за основите на зимско преживување, а со самото тоа стана вториот член на Буџинкан Македонија кому тоа му успеало.

По завршувањето на семинарот, Гаковски, заедно со шидоши хо Опачиќ, ги споделија своите чувства на интерниот Форум на „Пат кон Сонцето“.

„Знајќи дека ќе бидам сам, оставен на некој од ридовите на Орљак, во првиот момент ми се јави страв. Тоа чувство дека ќе налетам на диви животни го имам секогаш кога ќе помислам да одам сам во природа. Не знам зошто тоа ми се случува, па затоа постојано во главата си ја испишував канџата за ‘празно’ односно Му – 無. Цела недела мислев на тестирањето. Ги прегледував старите Извештаи од семинарите и ги читав сите мои нотеси од настаните од ваков карактер.
Пред почетокот на искачувањето на Орљак, Сенсеи ни подели неколку совети, а потоа ги поведе останатите соборци во друг правец. Со семпаи Мики тргнавме во спротивна насока од другите, а потоа си подадовме рака и братски си посакавме среќа еден на друг, разделувајќи се.
Само што се искачив на брдото, налетав на едно добро место. Карпа од едната и грмушка од другата страна. Си реков ‘тука ќе престојувам’ и веднаш се зафатив со работа. Го оставив ранецот и
тргнав да барам сува трева и гранки за да запалам оган. Потоа неколку пати се поколебав да ја сменам локацијата и да се качам повисоко, но сепак останав бидејќи не ми се ризикуваше. Со помош на мало ашовче, го расчистив делот од снег каде требаше да престојувам и да запалам оган. Ми беше ужасно тешко и речиси невозможно да ги потпалам дрвцата. Само што ќе се кренеше пламен, веднаш се гасеше поради тоа што дрвата беа влажни. Тогаш кренав раце од намерата и одлучив да го оставам огнот за подоцна, по што почнав да го градам засолништето. Откако завршив со градбата, почнав да собирам сува трева. Имав среќа што над мојата локација ја имаше во изобилие. Во тие мигови бев толку многу мотивиран, што не мислев ниту на трњата, ниту на болката предизвикана од нив. Го искористив советот на семпаи Мики, да се однесувам како да треба да ги спасувам најблиските – да преживеат. Откако завршив со изградбата, се вратив на огнот. На крајот после многу обиди – успеав. Набргу забележав дека на ридовите е многу тешко да го одржуваш пламенот, бидејќи насекаде има само мали гранки, а никаде големи. Затоа трчав на сите страни. Штом ќе најдев неколку суви гранки веднаш се враќав назад за да ги ставам во огинот. Така постојано бев во трчање се додека не дојдоа Сенсеи и соборците. Се молев да дојдат што побрзо бидејќи бев целосно исцрпен и бев воден единствено од челичниот дух. Помеѓу мене и семпаи Михаил воопшто не стануваше збор за ривалство, туку за пријателство и соборство. Претходно постојано бевме во контакт, споделувавме идеи, записи и искуства, се со цел да го положиме тестот обајцата.
На крајот, сакам да се заблагодарам на Сенсеи за сето знаење што несебично ни го пренесува“. – Таки Гаковски
„Го испишавме и деветиот по ред зимски нинџа тренинг и повторно, како и секоја година, ја почуствуваме одличната атмосфера која секогаш е присутна на овој семинар. Денот летна навистина брзо, верувам дека ниту еден монџин не почуствува некаква потешкотија, ниту некаков поголем студ, иако постојано бевме на отворено. Овој пат направивме огромно засолниште, дури за 12 луѓе, кое беше херметички затворено од сите страни и многу цврсто изградено. Огнот го запаливме многу брзо, за разлика од минатите години, а истиот успешно беше одржуван до крајот на обуката. Сенсеи и овој пат не поткрепи со нови знаења, кои се од исклучителна важност при вакви настани. Неговото искуство е огромно и секогаш има по нешто ново да сподели со нас. Што се однесува до тестирањата на нашите семпајци, сакам да им честитам и на двајцата, иако само едниот го положи тестот. Меѓутоа не смееме да заборавиме дека секој неуспех е дополнително искуство, но и мотив за понатамошен труд и макотрпна работа. Не се сомневам дека успехот ќе стигне, но како и секогаш – некогаш порано, а некогаш подоцна“. – Марко Опачиќ

Извештај за 2018-та година

Posted on Categories Почетна

После одржани четириесет и пет семинари во текот на 2018-та, си го поставуваме прашањето: До кога ќе ги надминуваме границите кои всушност и никогаш не сме си ги поставиле?
А не сме си поставиле ниту граници, ниту пак сме се зарекле, туку благодарение на огромната љубов кон јапонските боречки вештини и со неверојатната посветеност која гори во нас, ги рушиме сите рекорди – дури и на светско ниво. За да биде појасно, во годината има 52 викенди, а ние за време на истите сме одржале 45 семинари односно толку пати сме имале дополнителни (покрај редовните во текот на работната седмица) специјализирани целодневни часови за Кобудо.

Да почнеме со ред. Можеби најважниот настан за 2018 година беше патувањето на инструкторот Игор Довезенски во Јапонија поради усовршување на Буџутсу и Нинџутсу во Земјата на Изгрејсонцето. На еден од тренинзите, шиханот Јукио Ногучи на водачот на Буџинкан Македонија му додели 10 дан, со што единственото признато македонско доџо сега има учител со највисок ранг. Истовремено, соке Масааки Хатсуми на Довезенски му даде Буго односно боречко име – Грмогласниот Тигар. При тоа, на Какеџику (висечки свиток) му напиша „Ехото на грмогласниот тигар одекнува низ планините“.
Тука повторно мора да се спомене и приемот на Довезенски кај Јасусада Иизаса, 20-тиот Соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу и тоа во доџото изградено од страна на неговите претци.

Но да се вратиме повторно на семинарите кои отприлика изгледаат вака. Дванаесет беа посветени на Даито рју Аикиџуџутсу, од кои шест беа одржани во Хомбу, а четири во доџото во Скопје. Два од нив беа организирани во природа.
Што се однесува до школите на Буџинкан, шест настани беа организирани во скопското доџо, додека дури 13 во Хомбу-то на „Пат кон Сонцето“. На ова треба да се додадат и седумте Нинџутсу семинари во природа, од кои за оваа година би ги издвоиле петиот по ред „Живот во Дивината“, вториот „10.000 години ПНЕ“, како и десетиот по ред „Патот на Шугенџа“.

Поради предвидениот пат во Јапонија на шидоши Игор Довезенски, оваа година учествувавме на само еден меѓународен семинар во Софија (Бугарија), каде што нашиот Учител за Даито рју Аикиџуџутсу, Сенсеи Черта предаваше на покана на Бугарската Аикидо Федерација.

Да не го заборавиме и најголемиот настан кој низ текот на годините се здоби со легендарен статус, а тоа е нашиот надалеку прочуен „Летен Нинџа Камп“, на кој инструкторот Довезенски, оваа година за прв пат предаваше и Даито рју Аикиџуџутсу (меѓу другите вештини). А претходница како и лани беше (вториот по ред) „Детски Нинџа Камп“.

Покрај сите овие настани, вредат да се споменат и следниве: Мега интервјуто на Водачот на Буџинкан Македонија дадено за единствениот македонски портал за боречки вештини ИПОН.МК. Потоа одличната демонстрација (Ембу) на постарите членови на „Пат кон Сонцето“ пред Конзулот на Јапонија во Република Македонија – Тојоказу Кубота. Учеството на Health, fitness and wellness Expo, како и интервјуто на Тодоровски, Антовски и Гаковски за „Неделниот магазин“ на Македонската Телевизија.
На крајот на годината добивме и еден нов Семпаи односно Сања Симонова успешно положи за втори кју, а семпаи Филип Трајановски стана носител на кафеав појас (први кју).

Како и секоја година, упатуваме најголема благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено кон постарите членови на Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу).

Го задржуваме епитетот на најдинамично европско доџо, а ќе се потрудиме тој епитет да го рашириме и во светски рамки. Затоа што ние храбро чекориме по „Патот кон Сонцето“. Остануваме сложно семејство. Остануваме синоним за Воинство. Буџинкан Македонија тече низ нашите жили. Вечно.

Нинпо Иккан!!!

Одржан хуманитарниот Кеико Осаме 稽古納め - последниот семинар за 2018та

Posted on Categories Почетна

На еден ден пред збогувањето со 2018-та година, инструкторот Игор Довезенски го одржа последниот семинар за оваа година.

Настанот на кој се вежбаа Танто Дори техники  имаше хуманитарен карактер, а сите собрани парични средства беа уплатени на сметката на Неделка Чукчуковска. Оваа девојка оставена да се грижи самата за себе, боледува од потешка форма на парализа, а нашето доџо како и многупати досега се обиде да помогне во рамките на своите можности.

На Неделка и посакуваме да ја продолжи својата борба, а истовремено ги повикуваме сите добри луѓе да уплатат парични средства на нејзината сметка.