ШурикенЏутсу семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Вештината на гаѓање со метални сечива позната како ШурикенЏутсу, беше првиот Нинџутсу семинар што се одржа во новата 2023-та, во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија.

На семинарот присуствуваа дваесетина учесници кои во саботата ги увежбуваа техниките со шурикени, а гаѓањето се одвиваше на три различни мети.

Вечерта по семинарот, соборците од Буџинкан Македонија уживаа во заедничката дружба покрај топлиот камин во Хомбу, а не изостанаа ниту редовните друштвени игри.

 

Одржана дванаесеттата „Работилница за Самоодбрана за Жени“

Posted on Categories Почетна

Над дваесет учеснички беа дел од традиционалната „Работилница за Самоодбрана за Жени“, која викендов се одржа во Доџото на Буџинкан Македонија.

На настанот, се изучуваа разни техники за самоодбрана од насилници и тоа според различни сценарија кои најчесто се случуваат низ улиците во урбаните средини.

За време на семинарот, учителот Игор Довезенски инсистира на подеднаква застапеност како на физичките, така и на менталните техники за подготовка на жените при можни несакани дејствија, па затоа неговите помошници од доџото се во улога на разбојници, со цел учесничките да можат пореално да се соочат со стравот и со силата која доаѓа при нападот.

Да потсетиме дека Буџинкан Македонија е првото Доџо во Република Македонија што започна да предава специјализирани техники за самоодбрана за жени и тоа во 2008 година и уште оттогаш стана синоним за квалитетна обука на припадничките на поубавиот пол.

Сите заинтересирани за тренинзи во нашето доџо или за специјални курсеви за самоодбрана, можат да се јават на некои од нашите телефони или да пишат на нашата електронска адреса.

Одржан Шиноби Таисо семинар

Posted on Categories Почетна

Викендов што помина беше искористен за Шиноби Таисо семинар, на кој учителот Игор Довезенски го предаваше четвртиот модул од третото ниво (Окуден), а кој се однесува на Анма (јапонска масажа).

За време на настанот, учесниците имаа можност да ги изучуваат и повторуваат техниките на масажа на глава, лице и на врат, но истовремено и да добијат многу информации во врска со функционирањето на човечкото тело.

Следниот семинар за Шиноби Таисо е закажан за доцна пролет.

Се одржа тринаесетиот семинар за „Начини на Зимско Преживување“

Posted on Categories Почетна

Во текот на вчерашниот ден, во месноста викана „С’мкнено“ на ридовите на Липац, се одржа тринаесетиот по ред семинар за начините за зимско преживување.

Како и досегашните зимски семинари, така и овој предизвика голема заинтересираност, со што се обезбеди продолжување на традицијата.

За следната година, учителот Игор Довезенски најави повторно враќање во шумата Млака, каде што учениците ќе ги усовршуваат техниките за зимско преживување во шумски услови.

Промоција на „Мисијата во Шилијнхот“

Posted on Categories Почетна

Во неделата (8 јануари), во кафулето „Кастм Паб“ во центарот на Скопје, се одржа промоција на новата манга „Мисијата во Шилијнхот“.

Автор на стрипот е водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, додека илустрациите се дело на неговиот ученик, Таки Гаковски.

Инаку, ова е втор број од серијата со наслов „Такаматсу во Кина“, издадена по точно година и половина од првиот „Борбата со Чо Ширју“.

На промоцијата присуствуваа многу сегашни и поранешни ученици на Доџо-то, како и пријатели кои со години ја следаат и ја поддржуваат работата на Буџинкан Македонија.

Извештај за работата во 2022 година

Posted on Categories Почетна

Со 34 семинари во текот на 2022 година, иако далеку под нашиот рекорд од 45 семинари во 2018-та, се уште со сигурност го задржуваме епитетот „Најдинамично Доџо во Европа“.

Еве како изгледаше изминатава година претставена во бројки.

Учителот Игор Довезенски, како водач на Буџинкан Македонија, организираше и предаваше на вкупно 27 семинари за Нинџутсу односно техники од школите кои Масааки Хатсуми Сенсеи ги наследил од Тошитсугу Такаматсу Сенсеи. Од нив, 12 биле во дворот или во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“, 10 во скопското доџо, три во природа, како и на два меѓународни семинари надвор од Македонија.

Тука ќе ги споменеме семинарите одржани во Србија и во Турција, на кои Довезенски беше поканет да пренесе дел од своето знаење во нинџутсу школите, но и организацијата на меѓународниот семинар во нашата земја, на кој водачот на „Пат кон Сонцето“ предаваше заедно со својот пријател од Турција – Ерџан Шарбат.

Уште попрецизно, годината на Буџинкан Македонија изгледаше вака: два детски нинџа маратони, еден детски нинџа самит, три семинари во природа, еден семинар за Шиноби Таисо, една работилница за самоодбрана за жени, три семинари во Скопје, седум семинари во Хомбу, два тим билдинзи за фирми на кои Довезенски предаваше сегменти од нинџа вештините, еден домашен меѓународен семинар, два меѓународни семинари во странство, еден детски како и еден летен камп за возрасни.

Што се однесува до „Даито рју Македонија – Корју Доџо“, во 2022 година одржавме вкупно седум семинари од кои шест за Даито рју Аикиџуџутсу и еден за Оно ха Итто рју Кенџутсу.

Покрај сите овие настани, имавме и неколку медиумските презентации и интервјуа за национални телевизии и портали, како и учество и донации во неколку хуманитарни акции.

Вреди да се забележи и учеството на учителот Игор Довезенски и на неговата ќерка Косара, во првиот македонски акционен игран филм (со нинџа тематика) во кој се користат нинџутсу техники. Имено, во завршна фаза е филмот со работен наслов „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец, кој го ангажираше учителот Довезенски како кореограф на боречките сцени, додека Косара беше каскадер/дублер на главниот лик во филмот – Матеа. Истовремено, Довезенски беше консултант во деловите на сценариото поврзани со јапонските боречки вештини, а дел од својата домашна колекција на јапонски предмети со задоволство позајми на продукцијата за да се збогати сценографијата во филмот.

Треба да се спомене и бронзениот медал „Генин“ доделен на семпаи Таки Гаковски за десетгодишно неуморно вежбање во Буџинкан Македонија, како и издавањето на македонската верзија на вториот број од мангата Такаматсу во Кина, овој пат со поднаслов „Мисијата во Шилијнхот“.

На крајот, како и секогаш, упатуваме најголема благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено на постарите членови на Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции.

За 2023 година, имаме големи планови и најави и повторно ветуваме дека ќе го дадеме најдоброто од себе за да го задржиме високиот стандард кој го поставивме не само во регионов, туку и во светски рамки. Продолжуваме во најдобро светло да ја претставуваме нашата татковина – Република Македонија каде и да се појавиме.

Буџинкан Македонија – Една љубов, едно семејство!

Полагање за ученички степени во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Еден ден пред новогодишната вечер, во скопското Доџо на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа полагање за повисоки степени за учениците на Буџинкан Македонија.

Свечениот настан почна во 17 часот, при што најпрво беа тестирани најмладите членови од секцијата „Нинџа Клинци“, а потоа и членовите од почетничката и од напредната група.

Им честитаме на сите ученици кои успешно положија за повисок степен, а посебно го истакнуваме полагањето на Ведран Чичов, кој беше тестиран за највисоко звање од останатите кандидати (за трети кју).

По завршувањето на тестирањето (Шикен), во 22.0о часот започна новогодишната прослава (БоненКаи), која има за цел да се заборават и да се простат сите неубави настани од старата и да се влезе чист во новата година.

Излезе од печат вториот дел од мангата „Такаматсу во Кина“

Posted on Categories Почетна

Неколку дена пред крајот на 2022 година, излезе од печат вториот дел од првата буџинкан манга во светот, овој пат насловена како „Такаматсу во Кина – Мисијата во Шилијнхот“.

Ова издание на Организацијата „Пат кон Сонцето“, чиј автор е учителот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, а илустрирано од страна на неговиот ученик Таки Гаковски, се заврши точно за година и половина од издавањето на првиот стрип „Такаматсу во Кина – Борбата со Чо Ширју“.
Првото издание се продаде во тираж од над 500-тини примероци од кои 400-тини беа на англиски јазик. „Такаматсу во Кина – Борбата со Чо Ширју“ најде дом и пристигна на сите населени континенти.

Во моментов се работи на организирање на официјална промоција на македонското издание, а истовремено членот на Буџинкан Македонија – Ксенија Довезенска, работи на преводот на англиската верзија, по што ќе се испечати истата и ќе почне продажбата на глобално ниво.

Одржан Џиссен Хеихо семинар

Posted on Categories Почетна

Како за крај на 2022 година, во Буџинкан Македонија се оддржа Џиссен Хеихо семинар, со намера да се потсетиме на фанатичните тренинзи кои во нашето Доџо редовно се практикуваа во минатото. Не дека и сега сме заслабнале, меѓутоа го следиме пулсот на генерациите и на времето, па во некои аспекти од тренингот се прилагодуваме кон нив.

На вчерашниот семинар, воглавно учествуваа Семпаите односно постарите ученици кои на времето редовно вежбале Џиссен Хеихо. За тие кои не знаат, тоа е систем развиен од страна на учителот Игор Довезенски, со цел максимално да се искористи борбената стратегија на традиционалните јапонски борбени вештини и полесно да се прилагоди на денешниот начин на борба.

Веќе во петок не очекува годишното полагање за звања, по што следува мала новогодишна прослава (БоненКаи).

Шинкен Гата - Тора но Маки

Posted on Categories Почетна

На 27 ноември, во скопското Доџо на Буџинкан Македонија, се одржа семинар на тема Шинкен Гата – Тора но Маки.

Овој систем на борба кој потекнува од традиционалната школа Кукишинден рју Дакентаиџутсу е познат по својата динамичност и борбеност. Тоа секако е доволна причина за интерес кај членовите на Организацијата „Пат кон Сонцето“, кои се познати по желбата за тежок и напорен тренинг исполнет со болка.

За време на настанот. учителот Довезенски предаваше техники од првото и од второто ниво на Тора но Маки.