Нихон но Канкаку

Posted on Categories Почетна

После секое патување во Земјата на Изгрејсонцето, по враќањето дома во Македонија, учителот Игор Довезенски го организира традиционалниот семинар Нихон но Канкаку (Чувствата од Јапонија), при што пренесува дел од знаењето насобрано преку тренинзите со јапонските учители.

Неделава што измина, помина токму во знакот на овој семинар, при што учесниците имаа можност да извежбат голем број разновидни техники научени за време на последното патување.

Покрај одличната амтсфера, видлива беше и желбата за жесток тренинг кај учениците на Буџинкан Македонија.

До крајот на летото, останува уште најважниот настан во текот на годината – Летниот Нинџа Камп.

Учителот Довезенски повторно во Јапонија

Posted on Categories Почетна

По неколкугодишна пауза предизвикана поради ковид-пандемијата и забраните за патување, учителот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, заедно со својот син Петар, ги посетија јапонските учители и вежбаа во стожерот на Буџинкан во градот Нода.

Работната посета беше реализирана во периодот од 11 до 27 јуни, а освен многубројните тренинзи во Хомбу Доџото, беа остварени и многу важни средби и разговори со новите наследници на школите кои се изучуваат во Буџинкан.

За време на посетата, Игор и Петар Довезенски го освежија и надополнија своето знаење вежбајќи со учителите Тоширо Нагато, Јукио Ногучи, Хироши Нагасе, Исаму Шираиши, Тетсуџи Ишизука, Ватару Тезука и други. Речиси на сите тренинзи во Хомбу Доџото, Игор Довезенски имаше улога на Уке (личност што ја прима техниката односно што помага на учителот да ја покаже и предаде).

Малкуто слободно време што го имаа, Довезенски го искористија за посета на храмовите поврзани со создавањето на некои класични боречки вештини, како и на посета и чистење на гробовите на основачите на Теншин Шоден Катори Шинто рју и Оно ха Итто рју.

Одржан четвртиот меѓународен БуЈуКаи

Posted on Categories Почетна

Четвртиот по ред меѓународен БуЈуКаи семинар, според договорениот редослед, овој пат се одржа во Македонија. На настанот учествуваа 42ца нинџутсу практичари од Турција и од земјата домаќин.

Како и секогаш, интересот за БуЈуКаи е навистина преголем, меѓутоа поради подобра организација, бројката на учесници беше ограничена, а истата беше пополнета уште неколку недели пред одржувањето.
Темата на овогодинешниот семинар беше Хенка Ваза односно адаптирање на постоечките техники во варијанти кои се моментално прилагодливи во одреден момент на напад од страна на противникот.

Домаќините на БуЈуКаи IV од Буџинкан Македонија се потрудија целосно да им го организираат времето на гостите од Република Турција, така што беа посетени многу туристички и археолошки локалитети во Републиката, за што подобро да се презентираат убавините на древната Македонија.

На крајот, ги пренесуваме зборовите на еден од учесниците на настанот:

„Буџинкан Македонија испишува историја што сите ќе ја паметат. Имам чувство дека БуЈуКаи претставува еден вид натпревар, меѓутоа не во знаење од областа на боречките вештини, туку во гостопримливоста и во претставувањето на сопствената култура и традиција. Имавме прекрасен викенд. Тренингот беше неверојатен и со моќно темпо, а Доџото наликуваше на бојно поле. Посетивме прекрасни места, а бевме и во магичната Куклица. Имавме и неколку непредвидени незгоди, меѓутоа јас тоа го сфатив како тест од страна на боречките божества со цел за да ја тестираат нашата упорност. Создадовме големо боречко пријателство со Буџинкан Турција и оваа врска долго ќе трае“ – Таки Гаковски

Семинар за Фукија во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Неделата беше како создадена за семинар со Фукија на кој членовите на Буџинкан Македонија ги полираа своите вештини на користење на ова древно и едноставно орудие.

На настанот учителот Игор Довезенски ги предаваше положбите на телото за гаѓање со фукија, но истовремено ги научи учесниците и како сами да изработат стрелки.

Задоволни од наученото, учениците побараа од учителот семинарот за Фукија да се стави во редовната годишна програма на Буџинкан Македонија.

На крајот од настанот, во Хомбу Доџото беа доделени сертификатите на членовите кои неодамна полагаа за повисоко звање, а кои беа испратени и потпишани лично од основачот на Буџинкан Доџо, соке Масааки Хатсуми.

Шинден Фудо рју Нагината

Posted on Categories Почетна

Еден ден по семинарот со Нагината од школата Кукишин рју, беше одржан уште еден за истото оружје, но овој пат се вежбаа техники од школата Шинден Фудо рју.

Намерата на учителот Довезенски беше да можат учениците да направат споредба помеѓу начинот на користење на оружјето во двете традиции, а со тоа да го збогатат своето знаење и искуство.

Поради врнежливото време, вториот семинар со одржа во самото Доџо, меѓутоа учениците се погрижија да ја задржат работната атмосфера од претходниот ден.

Кукишин рју Нагината

Posted on Categories Почетна

Оваа сабота во Хомбу-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ беше одржан семинар за Нагината, оружје од класичната јапонска борбена традиција Кукишин рју.

Школата чиј оснивач е Јакушимару Курандо Таканао е позната по цврстиот начин на борба, а со оглед на големината на Нагинатата, видлив беше напорот кај учесниците на настанот во следењето на подучувањето од страна на учителот Довезенски.

За време на настанот, беа повторени сите положби на телото (камае), како и катите на школата.

Јуми Ја семинар

Posted on Categories Почетна

Како и секој семинар за лак и стрела (ЈумиЈа) досега, така и последниот што во неделата се одржа во шумата Млака во близина на Хомбу, предизвика огромен интерес кај учениците на Буџинкан Македонија.

Во прекрасна атмосфера зачинета со четири мети и пет лакови, членовите на Буџинкан Македонија имаа можност да гаѓаат користејќи неколку различни положби на телото односно техники.

На крајот на настанот, учесниците го искажаа своето задоволство од учеството и изјавија нетрпение до следната средба.

Какуши Буки

Posted on Categories Почетна

На задоволство на сите учесници, семинар за скриени нинџа оружја (Какуши Буки) се одржа во саботата во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

За време на настанот, учителот Игор Довезенски подучуваше техники со Кусари Фундо, Танбо, Шурикен, Кунаи, Сунтетсу и Танто.

Сите присутни беа презадоволни од предавањата, а членовите од почетничката група кои за прв пат беа на семинар во Хомбу, покажаа интерес за повторно учество.

Отсучи во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Годинешниот редовен семинар за Отсучи (голем самурајски чекан), се одржа во неделата во Хомбу-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

Покрај членовите на Буџинкан Македонија, на семинарот учествуваше и практикант од Република Србија, со што настанот доби меѓународен карактер.

Инаку, да се вежба и да се управува со чеканот тежок речиси 10 килограми, навистина бара многу напор и телесна сила, па токму поради тоа учителот Игор Довезенски вложува голем напор да ги предаде тајните на ова орудие на сите заинтересирани за него.

Одржан семинарот за Чигирики

Posted on Categories Почетна

Еден ден по Таихенџутсу, во Хомбу Доџото на „Пат кон Сонцето“ беше одржан и семинар за Чигирики.

Инаку, тренингот со ова необично орудие веќе одамна е ставен во редовната програма на Буџинкан Македонија, а членовите на Доџото постојано имаат можност да се усовршуваат со истото.

Остатокот од времето беше искористено за одлична дружба, како и за средување на јапонската зен градина.