25 години Пат кон Сонцето и Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Во топла и семејна атмосфера и со скромна веселба и ограничен број гости, во дворот на Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“ на 2 јули беше прославен 25-тиот роденден од основањето на Организацијата, како и на првото нинџа доџо во нашата земја – Буџинкан Македонија.
Истовремено основачот и првиот човек кој ги донесе класичните јапонски боречки вештини во државава – учителот Игор Довезенски, прослави 32 години од влегувањето во светот на Нинџутсу и Буџутсу.

Им се заблагодаруваме на сите наши поранешни и сегашни членови и ученици кои се дел од ова прекрасно семејство, како и на сите наши пријатели и симпатизери, а најмногу на постарите ученици (семпаи) кои сесрдно му помагаат на учителот Довезенски во работата на најдинамичното Доџо во Европа.

Одржан семинарот за Лак и Стрела

Posted on Categories Почетна

Во неделата, во новиот двор на Хомбу Доџо-то на Организацијата Пат кон Сонцето, се одржа семинар за лак и стрела. Притоа, учесниците имаа можност да вежбаат гаѓање со три ралични видови на лакови.

На настанот учествуваа седуммина членови на Буџинкан Македонија, кои неуморно во текот на шест саати, се трудеа да постигнат најдобри резултати, усовршуваќи го своето стекнато знаење.

Учителот Игор Довезенски најпрвин им предаваше техники на гаѓање од два стоечки ставови, како и два различни начина на држење на тетивата на лакот (со показалец и среден прст и со палец). Потоа се премина на техники на гаѓање од клекната положба, со едното колено назад или напред.

На крајот на семинарот, учениците на Буџинкан Македонија си заминаа среќни и полни со импресии од настанот, со желба што побрзо да се организира следниот на истата тема.

Одржан 11-тиот по ред „Силата на Јари“

Posted on Categories Почетна

Традиционалниот семинар за борба со копје насловен како „Силата на Јари“, во организација на Доџото за самурајски и нинџа вештини „Буџинкан Македонија“, се одржа по единаесети пат. На настанот учествуваа десет Воини на Буџинкан Македонија, меѓу кои и трите деца на учителот Игор Довезенски.

И овој пат, како и минатата година, поле беше на работ на шумата Млака во селото каде што е сместено Хомбу Доџо-то. Местото е одбрано за да наликува на бојните полиња од средновеновна Јапонија. Претходно, „Силата на Јари“ се одржуваше на местото Слепо Коло, поради специфичниот ридест и нерамен терен, а се со цел учениците да научат да се борат на секакви теренски услови.

На семинарот, учителот Довезенски со особено внимание ги следеше техниките изведени од страна на семпаите Владимир Антовски и Михаил Дракалски. По кратката анализа одлучи дека нивниот развој се одвива поволно и дека е време да добијат деншо во кое се пишани сите техники од вештината Соџутсу кои се вежбаат во нашето доџо. Малата церемонија на доделување на деншо-то ќе се одржи за време на традиционалниот семинар „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“.

После двомесечна пауза одржан семинар за Шурикени

Posted on Categories Почетна

После подолга двомесечна пауза предизвикана поради корона вирусот (ковид 19), конечно во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа семинар посветен на вештината на гаѓање со метални сечива – Шурикенџутсу.

Настанот се одржа во дворот на доџото, а на истиот присуствуваа неколкумина членови на Буџинкан Македонија кои ги вежбаа техниките на фрлање и гаѓање со шурикени.

Атмосферата за време на тренингот беше одлична, а најмногу поради фактот што конечно почнавме да го правиме тоа што најмногу го сакаме и во кое што најмногу уживаме.

Буџинкан Македонија во време на кризата предизвикана од вирусот корона

Posted on Categories Почетна

Поради кризата предизвикана од вирусот корона, нашето Доџо како и сите други во земјава, беше принудено привремено да паузира со својата работа. На нашите членови им беа дадени насоки и предлози за тоа како да ја одржуваат својата кондиција и своето здравје, а слободното време поради карантинот во кој што се најдовме беше искористено за да се завршат обврските околу новиот двор во Хомбу Доџо-то.

Како што веќе знаете, стожерот (хомбу) на Буџинкан Македонија се прошири за нови 1800 м2, кои ќе бидат претворени во еден вид „светски нинџутсу центар“ односно место кое ќе може да прима ученици и заинтересирани за изучување на Нинџутсу, Буџутсу и Аикиџуџутсу од сите страни на земјината топка.

Земјата која што инструкторот Довезенски ја купи, се наоѓа веднаш зад Хомбу-то и граничи со таканареченото „летно доџо“. На проширениот дел, предвидено е да се изградат четири мали куќички во кои нашите членови односно посетителите, додека се на обука, ќе можат да престојуваат заедно со своите партнери/партнерки или со членови на своето семејство. Останатиот дел ќе биде хортикултурно уреден и претворен во пријатно катче за одмор и рекреација.

Очекуваме наскоро мерките за заштита од короната да се ублажат односно полека да се укинуваат како што вирусот слабее и да почнеме со нормална работа и активирање на нашите тренинзи во Скопје.

„Прва помош“ - совети и практики за боречки уметници

Posted on Categories Почетна

Под водство на учителот Игор Довезенски, во неделата во скопското доџо на Буџинкан Македонија се одржа семинар за прва помош.
За време на настанот, членовите на Организацијата за изучување
класични јапонски боречки вештини „Пат кон Сонцето“ беа подучувани за начините на давање прва помош на лица кои се повредени во сообраќајни или друг вид на незгоди, на лица со изгореници или жртви на давење во вода, но и при разни ненадејни акутни состојби опасни по животот на најблиските.

Ви пренесуваме дел од импресиите на семпаи Владимир Антовски.

„Среќни сме што Сенсеи денес ни одржа уште еден од оние семинари каде се изучува и другата страна на боречките вештини. Давањето прва помош при повреди, несреќни случаи и разни незгоди е навистина многу важна вештина која може да спаси нечиј живот или да го спаси сопствениот. Поминавме неколку најважни и најчести ситуации како што се давање помош при срцев удар, мозочен удар, задушување, внатрешно и надворешно крварење, труење од издувни гасови и храна, електричен удар, но и помош при разни видови скршеници на коските. Ситуациите беа детално разработени и објаснети од страна на Сенсеи, кој на неверојатен начин ни го пренесе своето огромно знаење“.

Издаден првиот манга (јапонски стрип) на македонски јазик

Posted on Categories Почетна

Во просториите на CEED Macedonia во Скопје, во средата беше промовиран првиот манга (јапонски стрип) на македонски јазик во издание на Организацијата за изучување класични јапонски самурајски и нинџа вештини – Пат кон Сонцето.

На настанот беа присутни околу стотина членови и пријатели на Буџинкан Македонија, кои дојдоа да му одадат признание и почест на авторот на стрипот, семпаи Таки Гаковски.

За само два дена, речиси половина од тиражот веќе е распродаден, а многумина искажаа желба Гаковски да продолжи со својата работа со цел да ја возобнови стрип-културата во Република Македонија.

За две недели, закажана е промоција во Битола, а понатаму ќе следува посета на уште неколку македонски градови, со цел граѓаните на Републиката да се запознаат со стрипот.

Одржан Шиноби Таисо семинар

Posted on Categories Почетна

Шиноби Таисо семинар беше одржан во неделата во скопското доџо на Буџинкан Македонија, а под водство на учителот Игор Довезенски.

На настанот се предаваа техники од сите три нивоа на системот, а тренингот започна со Џунан Ундо, по што продолжи со Џунан Таисо, за на крајот да заврши со техники за корекција и баланс на структурата на скелетот од Ки Ундо.

Одржан првиот „Детски Нинџа Фестивал“

Posted on Categories Почетна

За разлика од „Детскиот Нинџа Маратон“, каде што првенствено дечињата се запознаваат со техниките на борба со помош на своето тело, на „Детскиот Нинџа Фестивал“ главен акцент се става на борбата со средновековни јапонски орудија.

Така, Нинџа Клинците на Буџинкан Македонија во саботата имаа можност да вежбаат најразлични техники со користење Кусари Фундо, Шуко, како и Кјокетсу Шоге.

Како и секогаш, дечињата за време на настанот беа неверојатно расположени и внимателно го впиваа секој детал што инструкторите несебично им го сервираа пред нивниот љубопитен дух.

Следниот „Детски Нинџа Фестивал“, а воедно и последниот скопски семинар за првото полугодие за најмладите членови на доџото, ќе се одржи во февруари.

Начини на Зимско Преживување X

Posted on Categories Почетна
На убавите и негостољубиви ридови на Орљак, во сурови зимски услови, вчера се одржа десетиот по ред семинар „Начини на Зимско Преживување“. Ова воедно беше и првиот настан за оваа година, а судејќи според бројот на учесниците, можеме да кажеме дека почнавме јако и жестоко.
Веднаш по пристигнувањето на местото, почна да врне силен дожд, кој за кратко време се претвори во снег. Па така, освен со студенилото, воините на Буџинкан Македонија требаше да се борат и со мократа облека која се лепеше за телото.

Да споменеме дека првите пет години од одржувањето на овој семинар, учителот Игор Довезенски ги подотвуваше учениците за преживување во зимски услови во шума. Последните пет, тој ги предаваше техниките на зимско преживување на ридски терени. Веќе од следната година, семинарот се сели на карпест и каменест терен во месноста См’кнено.
Од основањето на Доџо-то во 1995 година, ние сме водечки авторитети во Македонија во областа на преживување во природа. Кога организиравме семинари посветени на оваа проблематика, се уште немаше документарни шоу-а на National Geographic или на YouTube. Јавноста речиси и да не знаеше дека меѓу нив живеат луѓе кои се специјализират за совладување на техниките за преживување во природа.

На крајот, да споменеме и дека за време на вчерашниот настан, нашиот член Владимир Антовски беше тестиран за првото ниво на „зимско преживување“, меѓутоа за влакно не успеа во својата намера (недостасуваше само еден бод). Веднаш по враќањето во Скопје, тој го напиша следното:

„Денеска се одржа јубилејниот, 10-ти по ред семинар за ’Начини на Зимско Преживување’. Морам да кажам дека ова беше едно од моите врвни искуства, а сигурно и едно од најубавите што ми се случиле во Буџинкан Македонија. Не дека останатите зимски семинари не ми биле прекрасни, меѓутоа се додека не останете сами во суровата природа, која денес беше во својот пик, незнаете што всушност претставува овој настан.
Ова го кажувам од моето лично искуство и би сакал сите кои не го доживеале ова – да не го пропуштат. Кога Сенсеи ми кажа дека ќе бидам тестиран, длабоко во себе знаев дека ќе морам да дадам се од себе, а најмногу за да не го разочарам. Дента пред семинарот си ги повторував сите работи кои претходно ги имав научено и кои се важни за преживување во зимски услови и ментално се подготвив за секаков предизвик. Немав ниту трошка сомнеж или двоумење во себе. Кога стигнавме на местото каде соборците се разделија со мене и кога Сенсеи ми покажа каде треба да се упатам, ме обзема едно неверојатно чувство на радост, како мало дете. Се почувствував среќен што ќе можам да ја искусам природата во целата нејзина суштина – без маски, без преправање, без лаги, безрезервно. Сите тие саати минати борејќи се со нејзината суровост, со мократа облека, со премрзнатите нозе, со раните по рацете од трњата, со студениот ветер – ќе се заборават. Меѓутоа засекогаш ќе останат емоциите и спомените на овој прекрасен ден“.