Успешно заврши традиционалниот шугендо семинар

Posted on Categories Home

3bf844bb-e664-431d-8837-23c11cbb1bf0.jpgМакедонија е преубава! По кој знае кој пат со ваква мисла, завршивме
уште еден семинар во природа, овојпат посветен на шугендо и планинските
воини Јамабуши.
Во текот на еден ден, успеавме да го заобиколиме целиот планински масив
Липац (Манговица), а при тоа, да ги посетиме сите свети места, цркви и
манастири попатно.
Утрото започна со премин преку ладната Крива Река, а потоа со силен
марш до подврвот на Липац од неговата западна страна. Од тука, преку
доста тежок пат, движејќи се меѓу бодликави грмушки, се пробивме до
јужните падини, каде што наеднаш се појави убава дабова шума. Одејќи
кон исток, како да се сменија неколку годишни времиња, но ниту дождот
не успеа да ни ја намали потребата и желбата да дознаеме „што се наоѓа
позади следниот рид“.
Енергијата ја надополнувавме со техники на дишење, кажување молитви, но
и со вкусните диви шумски плодови. На некои места ползевме, на некои се
искачувавме по вертикални површини, а некаде скокавме од карпа на
карпа.
На источната страна брзо стигнавме до преубавиот Бељаковски Манастир.
Неговата благодатна енергија веднаш ги обнови нашите испразнети ќелии,
а ладната вода од чешмите на „Света Петка“ и на „Света Недела“ ја
изгаси нашата жед.
После речиси девет часа пешачење, натоварени со тешки ранци (ранецот на
сенсеи е 30 кг.) и полна „борбена опрема“, тргнавме за Скопје,
исполнети со чуства од преубавиот ден.

Семинар во природа – Патот на Шугенџа…повторно!

Posted on Categories Home

c7eb53a3-ad70-4c6f-ac1f-3136fedcc164.jpgНа
28 септември, 2008 година, Буџинкан Македонија традиционално го
организира духовното патување во природа наречено Патот на Шугенџа.
Оваа година, си поставивме за цел да направиме обиколка на планината
Липац (Манговица), движејќи се по нејзината средна надморска височина,
при што ќе поминеме низ 10 села. Вкупната километража што ќе ја
изминеме на Патот на Шугенџа е непозната, бидејќи ќе се движиме во
најголем дел по непознат предел, што секако, допринесува за поголемо
уживање во пејсажите, но и поголема будност и претпазливост. Ќе ги
посетиме попатните цркви и манастири, како и останатите свети места,
каде преку медитација и молитва ќе ја надополниме загубената енергија.
Како помошни средства ќе користиме единствено стари топографски карти и
компас.

Шугендо
е древен јапонски метод кој ги истражува релациите помеѓу човекот и
природата. Во буквален превод, Шугендо значи „Пат на вежбање и
тестирање“, односно тоа е аскетска дисциплина која има за цел да
постигне самоусовршување преку повлекување во планина, медитација под
водопади и ладни реки, вежби за дишење на недостапни терени, се до
постигнување на неверојатни подвизи преку тестирање на телесната и
менталната издржливост. Тие кои го практикуваат овој метод, познати се
под името Шугенџа, а учењето се практикува во Јапонија се до денешни
дни.

За
основач на учењето се смета Ен но Гјоџа, кој живеел во близина на Кјото
во 7 век од нашата ера. Другото име, по кое овие следбеници биле
познати, е Јамабуши или Планински Воини. Тие крстосувале по планинските
сртови на јапонските острови посетувајќи и заштитувајќи ги
многубројните храмови.
Токму овие луѓе, здружени со пребегнатите кинески генерали по падот на
диснастијата Танг, се сметат за основоположници на вештината Нинџутсу.

Тема: Патот на Шугенџа / Духовно патување

Ден: 28 септември, 2008 (недела)

Место: Обиколка на Липац (Манговица)

Програма:    07.00 часот – поаѓање од Скопје
                     08.00 часот – пристигнување и почеток на маршот
                     ??.?? –  враќање назад

Цена: 1.000 денари (во цената е вклучено: семинарска такса и превоз)

Опрема: Земете се што имате, колку потешко-толку подобро (и побезбедно).

п.с. Не е исклучена средба со диви животни, дожд и невреме и останатите непредвидени работи.

* Минатата година испешачивме околу 40 км. (види на претходните страници)

Октомври-месец на старокинески оружја во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Home

Тема на саботните тренинзи во месецот октомври ќе биде користењето на старокинеското оружје нунчаки.
Како што веќе знаете, нунчаките се дојдени во Јапонија релативно доцна,
и тоа преку островот Окинава, каде што, преземени од Кина, биле
користени од страна на кобудо мајсторите.
Спротивно на ефтините нинџа филмови, нунчаките никогаш не биле дел од
арсеналот на шиноби воините односно не се изучувале во ниту една корју
школа, бидеќи, како што веќе споменавме, во Јапонија пристигнале
релативно доцна (при крајот на 19 век).
Сепак, бидејќи станува збор за многу популарно оружје, особено во
нашата држава, мораме да бидеме спремни да се соочиме со противник
вооружен со нунчаки, а тоа најдобро ќе го сториме ако добро сме
запознаени со орудието.
Затоа, октомври го прогласуваме за месец на старокинески оружја односно за месец на нунчаки.

Најави за новиот семестар !!!

Posted on Categories Home

47a1df2c-abc6-479f-8512-77e67d69529d.jpgКако што веќе знаете, тренинзите во новиот семестар почнуваат на 2
септември. Верувам дека едвај дочекавте да стартувате со вежбање на
најкомплетната боречка вештина на денешницава.
Продолжуваме по старо. Три тренинга неделно по два часа. Еден тренинг
семинар секоја недела, што значи дека остануваме едни од лидерите во
Буџинкан Доџо во однос на семинарите во природа.
Без политика, без озборување, без „овој е подобар од оној“. Само вежбање, вежбање и вежбање.
Кон крајот на месецов не чека традиционалниот „шугендо семинар“. Ќе се
прави обиколка на планината Липац. Ќе се изодат девет села за да се
вратиме на почетната точка.
Во ноември не очекува вториот Таи Каи семинар, со шиханот Стефен Фролих (15 дан).
Во март, следната година, започнуваме со градење на тренинг центарот
(нинџа камп) во подножјето на планината Липац. Истиот месец ќе
организираме Таи Каи со, според нас, најголемиот нејапонски нинџа на
денешницата.
И уште многу други убави работи се на повидок. Се на се, многу работа, многу пот, многу уживање.
Одиме кон врвот…
Буфу Иккан!    Bufu Ikkan!

Известување / Announcement

Posted on Categories Home

Ве известуваме дека Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија и Школото за
борбени вештини Пат кон Сонцето нема да работат во текот на месецот
август.
Како што знаете, тоа е единствениот период во годината кога нашето доџо не е отворено за вежбање.
Истовремено ве информираме дека на вашите маилови ќе ви биде одговорено после 25 август.
Првиот тренинг во новиот семестар ќе се одржи на 2 септември (вторник).
Ви посакуваме пријатен одмор.

************************************************************

We announce that the Ninjutsu Union Bujinkan Macedonia and the School
for bujinkan martial arts Taiyou e no Michi will not have any
activities during August.
As you know, this is the only period when our dojo take a short break and is not open for practise.
If you have any questions, you will get answers beyond 25 August.
The first training in the new semestar will be on 2 September (tuesday).
We wish you a pleasant holiday.

Преживеавме-повторно…

Posted on Categories Home

fa50a2d6-7a67-4cd2-b774-7581c2d5e31b.jpg…Преживеавме…
За разлика од минатата година, кога имавме температура од околу 45
целзиусови, оваа година семинарот за преживување помина во постојана
борба со дождот и влагата.
Имено, првиот ден од семинарот, помина со постојани врнежи, кои за
кратко време не намокрија до гола кожа. Иако, релативно бргу успеавме
да пронајдеме засолниште односно една полуразрушена куќа, стара можеби
над 150 години, сепак, стрмниот пат дотаму, не успори доволно за да се
намокриме целосно. Употребувајќи го нашето знаење, за кратко време
запаливме оган кој малку ја засуши нашата облека, а на менито
обезбедивме сочни полжави, кои и покрај гадниот вкус, сепак ни
овозможија доволно количини протеини за првиот ден. Остатокот од
времето го поминавме во потрага по вода, која ја обезбедивме од еден
кладенец, и вежбање, кое на ваквите семинари секогаш ги усовршува веќе
научените техники. За вечера имавме зелени (незрели) круши, кои
овозможија колку-толку течност внесена во организмот. За спиење
успеавме да пронајдеме друга просторија, подобра од првата. Станува
збор на куќичка изградена на едно свето место, која служи како некој
вид засолниште на предметите кои се користат за време на славата.
Просторијата беше голема само 2х3 метри, но доволна за да ги поставиме
нашите вреќи за спиење на земја. Со менување на стражата, ноќта помина
релативно добро.
Вториот ден започна со утрински тренинг во 06.00 часот, а потоа
повторно сменивме локација. По еден силен марш, стигнавме во местото
Смкнено каде што минатата година беше поставен нашиот логор. По пат
најдовме неколку дрва со сливи, како и три компири кои ги поделивме на
седум души, колку што учествуваа на семинарот. До крајот на денот се
вежбаа разни техники на медитација, таиџутсу и кенџутсу, како и техники
со други оружја.
Се на се, иако семинарот за преживување беше полесен од тој од минатата година, сепак, си имаше свои потешкотии.
На крајот, сите учесници беа задоволни од самите себе, но и среќни што
научија многу нови техники на преживување, овојпат, во различни услови
од минатата година.

На 26/27 јули-традиционалниот семинар за преживување во природа

Posted on Categories Home

0e49ff5c-d9b3-4d08-9e24-56a9db70c5b7.jpgПри
крај сме на уште еден летен семестар во Школото за борбени вештини Пат
кон Сонцето. А за крај, како и лани, ќе имаме можност да ја ставиме на
тест нашата вештина, упорност и издржливост.

Ве
молиме, пред да се пријавите за учество на традиционалниот семинар за
преживување, најпрвин внимателно да го прочитате текстот подолу.

Само за најупорните, најсилните, најхрабрите и најиздржливите…
Буџинкан Македонија и Пат кон Сонцето (хомбу доџо) ви најавуваат
летен нинџа семинар на тема:

Преживување во природа

Два дена во природа без да носиме со себе храна, вода, облека и хигиенски средства.
Два дена вежбање, медитација и голо преживување.

Место: Смкнено (26 км. до најблискиот град и болница)

Време: 26 и 27 јули, 2008 година

Цена: 1.200 денари (за двата дена)

Програма:

Сабота:

08.00-09.30 тренинг таиџутсу
09.30-14.00 распоредување обврски, лов, готвење и изградба на камп
14.00-14.30 ручек (зависи од уловот)
14.30-17.00 тренинг со оружја (лак и стрела, шурикени, фукија и др.)
17.00-19.30 средување на кампот, лов и готвење
19.30-20.00 вечера (зависи од уловот)
20.00-21.00 тренинг теориски дел
21.00-23.30 таиџутсу и ноќен тренинг
23.30-24.00 распоредување стража и подготовка за спиење
00.00 спиење
 
недела:

07.00 станување и распоредување обврски (лани станавме во 05.00)
07.30-08.00 доручек (зависи од уловот)
08.00-10.00 тренинг таиџутсу
10.00-10.30 медитација
10.30-14.30 средување на кампот, лов и готвење
14.30-15.00 ручек  (зависи од уловот)
15.00-17.00 тренинг со оружја
17.00-18.30 собирање на кампот
18.30-19.30 средување впечатоци
19.30 поаѓање
 
Дозволена опрема во кампот: вреќа за спиење, шаторско крило, војничка
униформа (панталони и кошула), една маица, капа, еден пар гаќи
(широки), еден пар чорапи, јаже, нож, матарка и оружја за тренинг кои
можете и сакате да ги понесете.

Важно: забрането носење храна, вода и останати работи кои не се наведени погоре. Пред поаѓање, ќе има задолжителна проверка. 

Најважно: семинарот е предвиден само за цврсти момци и девојки.
Условите за тренинг ќе бидат исклучително тешки, а дисциплината ќе биде
железна. Тие кои не се чуствуваат психофизички спремни за во пекол и
кои не се подготвени да го убијат сопственото его, ги молиме да не се
пријавуваат за семинарот. Дозволена количина на вода за пиење за двата
дена: 1.5 литри (доколку најдеме вода во природата). Имајте во предвид
дека температурата на воздухот лани беше над 45 целзиусови
(најверојатно и сега). Забрането седнување на задник за време на
семинарот (во текот на двата дена).

Е дури сега, можете да се пријавите.

Пријавување и плаќање до 24 јули кај секретарот на клубот.

За било какви дополнителни информации, не воздржувајте се да не контактирате преку нашиот е-меил.

Семинар Шинден Фудо Рју Џутаиџутсу

Posted on Categories Home

01efa283-7676-4301-bbe2-53834a5c8223.jpgПо повод 20 години вежбање нинџутсу (јули 1988 – јули 2008), главниот
буџинкан инструктор за Македонија, И. Довезенски, ќе одржи еднодневен
семинар на тема Шинден Фудо Рју Џутаиџутсу (Шоден Ката).
Семинарот ќе се одржи во Хомбу Доџо-то на Нинџутсу Сојузот Буџинкан
Македонија, а ќе биде отворен за сите наши членови. Покрај вежбањето на
техниките и катите од првото ниво на Шинден Фудо школата, учесниците ќе
можат да погледаат некои стари фотографии и снимки од времето кога И.
Довезенски на 14-годишна возраст почнал да ја вежба легендарната
јапонска вештина нинџутсу. Ќе биде прикажан и дел од семинарот со
Шиханот Моше Кастил од 1990 година, на кој учителот Довезенски
учествувал.

Време: недела (13.07.2008) од 11.00 до 15.00

Цена: бесплатно 

* На фотографијата се И. Довезенски (десно) и В. Иванов (лево) за време на семинар во природа во 1996 год.

Уште еден успешен Суи Рен семинар

Posted on Categories Home

0728e0f3-1832-4561-b639-081743ebe7a4.jpgСилно сонце, свежа речна вода и многу убоди од коњски муви ги следеа учесниците на денешниот Суи Рен семинар.
Сепак, убавата природа и прекрасните нинџутсу техники во вода беа
повеќе од доволно за да се заборават сите тешкотии што не следеа во
текот на денот. После шест часа поминати во мокри кимона, речната вода
како да стана топла и пријатна. На семинарот се обработуваа техники на
криење и камуфлирање, движење и борење во вода, дишење со фукија под
површината и уште многу работи својствени за Суи Рен.
Главниот инструктор за Македонија, И. Довезенски, и оваа година ги
изненади своите ученици со можностите кои ги дозволува еден од петте
природни елементи. Сите учесници вредно ги впиваа и повторуваа
покажаните техники и со помодрени усни си докажуваа самите на себе до
каде се проширени нивните можности откако се запознале со легендарната
јапонска вештина нинџутсу.

Семинар во природа-Суи Рен (обука во вода)

Posted on Categories Home

На 6 јули, 2008 година, Буџинкан Македонија ќе го организира традиционалниот семинар во природа на тема Суи Рен (обука во вода).
Ова е одлична можност за сите наши членови да научат повеќе за оваа вештина која е една од 18 основни боречки вештини (Ninja Juhakkei), што секој нинџа морал да ги совлада за време на својата обука.

Тема: Суи Рен / средства за преминување преку вода, водата како оружје, алатки за дишење под вода, невидливост во водена средина, преживување преку обезбедување вода за пиење итн. (дел од техниките кои ќе се учат на семинарот)

Ден: 6 јули, 2008 (недела)

Место: Глушчево Ѓерме на Крива Река

Програма: 08.30 часот – поаѓање од Скопје
09.30 часот – пристигнување
10.00 -16.00 часот – теоретски и практичен дел
17.00 ручек
17.30 враќање назад

Цена: 1.200 денари (во цената е вклучено: семинарска такса, превоз и ручек)

Семинарот ќе се одржи без разлика на временските услови.