Под водство на
инструкторот Игор Довезенски, а со асистенција на неговите постари ученици
Марјан Прошев и Бојана Груневска, денеска се одржа Работилницата за самоодбрана
за жени, организирана од страна на Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија.
Покрај ученичките од
нашиот клуб, учество земаа и припаднички на понежниот пол кои што никогаш
немале можност да се занимаваат со некаква боречка вештина. По завршувањето на
работилницата сите учеснички беа согласни дека техниките кои што ги научија во
текот на денешниот ден се крајно корисни и ефикасни.
Работилницата започна со
проучување на психологијата на машкиот насилник како и начините и местата на кои
најчесто доаѓа до напад врз девојките, а и жените воопшто. Потоа се премина кон
вежбање на техники со разработување на различни сценарија на напад со раце и нозе,
зграпчување за тело, како и соборување на земја со обид за силување. Припадничките
на поубавиот пол имаа можност да се запознат и со положбите на телото кои ќе им
овозможат лесна одбрана, но и со положбите кои ги „затвараат“ можностите за
делување.
Прекрасно беше да се
подучува една таква група како денешнава, која имаше огромна желба да ги
совлада начините и техниките на самоодбрана. Иако тренингот беше крајно напорен
и исцрпувачки, како физички, така и ментално, сепак учесничките на
Работилницата покажаа огромна воља и талент и лесно ги совладуваа сите покажани
техники. Во текот на целиот тренинг, тие беа насмеани и задоволни од наученото,
што секако претставува уште поголем поттик за понатамошна работа и одржување на
Работилницата посветена на припадничките на понежниот пол, кои денес покажаа
дека со малку труд доколку е потребно можат да бидат и посилен пол.