Откако претходно ги совладавме техниките на организирано живеење во заедница на ниски планини и покрај реки, оваа година се посветивме на изучување на вештините за преживување на поголема група луѓе во шума. А викендов што измина, докажа дека некои од членовите на Буџинкан Македонија незапирливо го впиваат сето знаење што со години се таложело во инструкторот Игор Довезенски, а кој секогаш несебично се обидува колку што може повеќе да пренесе дел од сопственото искуство и на своите ученици.
Семинарот се одржа во шумата Млака, во долината под планината Липац и тоа на две различни локации. За чувството да се биде дел од овој настан, ќе споделиме дел од импресиите на некои од учесниците.