Одржан семинарот за Теншин Шоден Катори Шинто рју со Ерик Лоув (Менкјо)

Posted on Categories Почетна

Заврши и вториот од предвидените меѓународни семинари за 2016-та година со најдобрите европски кобудо мајстори, а организирани од страна на Организацијата за изучување традиционални јапонски боречки вештини – Пат кон Сонцето. 

На тридневниот настан учествуваа неколкумина ученици од Катори Шинто рју Македонија, како и еден ученик на шидоша Ерик Лоув од Холандија. 

За време на семинарот, учителот Лоув предаваше техники на симултано извлекување и сечење со јапонски меч (иаиџутсу/баттоџутсу), како и борба со катани (кенџутсу). Не изостанаа ниту техниките со долг стап (боџутсу), како и катите со нагината. 

Како и секогаш, учителот Лоув несебично и со многу внимание го предаваше своето знаење и тоа на само нему својствениот начин – со многу хумор и смеа.

Слободното време во паузите беше искористено за посета на Осоговскиот Манастир и на Крива Паланка, како и на локалитетот Куклица и на древниот град Кратово. 

До следното видување…

Теншин Шоден Катори Шинто рју семинар со Ерик Лоув Сенсеи

Posted on Categories Почетна

Во организација на Катори Шинто рју Македонија, а со подршка на Организацијата за изучување јапонски класични боречки вештини „Пат кон Сонцето“, утре вечер во Македонија ќе допатува нашиот ментор за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – Ерик Лоув од Холандија. Во следните неколку денови, тој ќе одржи семинар за оваа најстара документирана јапонска боречка традиција, а на настанот учество ќе земат неколкумина членови на нашето доџо.

Инаку, ова е трета посета на нашата држава од страна на учителот Лоув, кој инаку е еден од ретките носители на титулата Менкјо за Катори Шинто рју.

На семинарот ќе се вежбаат техники на извлекување на мечот од седечка (иаиџутсу) и стоечка (баттоџутсу) положба, како и техники на борба со стап (боџутсу) и со хелебарда (нагинатаџутсу).

Сите заинтересирани можат да не контактираат на нашиот и-мејл: daito_macedonia@yahoo.com

Повеќе информации за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу во Македонија —->тука

За вештината, на Википедија —–> тука

И на You Tube —–> тука

Одржан првиот од серијата интензивни курсеви за „Шиноби Таисо“

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина се одржа првиот од серијата интензивни курсеви за „Шиноби Таисо“, под водство на водачот на Организацијата „Пат кон Сонцето“ – Игор Довезенски. Тројца ученици на Буџинкан Македонија одлучија да го изучуваат овој систем во кој што се инкорпорирани многу традиционални јапонски методи создадени со цел да помогнат при разни физички дисфункции предизвикани поради нерамнотежа во мускулниот систем кај човекот, но и разни пореметувања на текот на енергијата во телото.

Веднаш по завршувањето на првиот дел од курсот, учесниците ги споделија своите импресии на интерниот Форум.

„Долго време сум во Буџинкан Македонија и сум присуствувал на многу тренинзи, семинари, како домашни, така и странски. Сум бил учесник и на летните кампови, сум доживеал и поминал низ секакви предизвици во доџо-то. Толку многу работи сум научил и сум запознал толку многу луѓе и зарем можам после сето тоа да се запрашам: ’Па добро бе, дали вреди? Дали е тоа загубено време, дали сум можел нешто попаметно да направам?’

Викендов со Сања и со Даме присуствувавме на уште еден семинар каде што повторно се сретнавме со неверојатното знаење на Сенсеи. Темата на овој семинар беше како да го подобриме квалитетот на животот, како да ги превенираме повредите, но и како да го вратиме балансот во локомоторниот систем. 
Сенсеи во ова има навлезено максимално детално, прецизно дури и на академско ниво. Запознавање на системот кој го движи нашето тело, неговите природни положби и зошто доаѓа до повреди, понатаму зошто човекот се повеќе има дисбаланс на мускулната структура, каков е нашиот модерен начин на живот и кои се последиците од технолошките предности кои ги користиме секојдневно. На сите овие прашања добивме одговор, иако мислам дека два дена се премалку за да се помине сето тоа и понатаму потребно е секојдневно истражување и надградување. Една од најважните работи кои ги научив за време на курсот е дека човекот мора совршено да си го познава своето тело и да се грижи за него најдобро што може. Сметам дека се повеќе се отуѓуваме од себе и дека комплетно сме во некаков самоконфликт. Сите се залажуваме дека сме зафатени со некои важни работи, а во суштина тоа што е навистина важно го отфрламе на страна, го забораваме, ги игнорираме сигналите за помош кои телото ги праќа и на крајот заболуваме.
Се надевам дека ќе ги поминам сите часови што се предвидени за Шиноби Таисо и дека ќе можам да помагам и на луѓето околу мене“ – Владимир Антовски
„Двата дена ги посветивме многу детално на теоретското и на практичното изучување на движењето на телото. Најпрво Сенсеи детално ни објасни што значи и како доаѓа до дебалансирање на мускулите и како денешниот начин на живот (не)влијае на нарушување на локомоторниот систем кај човекот. Имавме можност да се запознаеме и со функциите на скелетот, да ги утврдиме сите правци на движење на одреден дел од телото и соодветно на тоа да одбереме вежби кои ќе ни послужат за зајакнување или за растегнување на мускулите (зависно од потребата).
Во практичниот дел работевме многу техники со соодветни варијанти, со тоа што внимававме на ритамот, на дишењето, на балансираноста во левата и десната страна, времетраењето, но и обративме внимание на тоа како треба да изгледа еден комплетен час.
Ги изучувуваме и нарушувањата кои најчесто се среќаваат кај луѓето, начините како да ги дијагностицираме, па соодветно на тоа и како да ги третираме.
Вежбите ги делевеме во зависност од тоа за каков проблем станува збор и како да се третира, потоа во зависност од условите кои ги имаме. На пример додека сме на работа, како можеме додека седиме на столче да направиме серија на вежби, но и вежби на топка во домот, вежби со помош на ѕид и сл. Семинарот беше многу интерактивен и на сите прашања веднаш добивавме одговор од Сенсеи. На крајот секој од нас доби задача да одржи еден час“  – Сања Симонова
„Се уште не сум сигурен дали јас ги насочив Влатче, Сања и Даме за подлабоко да се посветат на Шиноби Таисо, или, пак, системот за помагање при физички дисфункции, но и нивна превенција – ги одбра токму нив. Како и да е, среќен сум што моите долгогодишни ученици, откако ќе почнат да ги совладуваат основите на кобудо-то, почнуваат постепено да се „специјализираат“ и за пооделни вештини. Се надевам дека тројцата ќе го изодат Патот до крај“ – Игор Довезенски

Почнува интензивниот курс за „Шиноби Таисо“

Posted on Categories Почетна
На 7 и 8 мај, стартуваме со првите десет часови од интензивниот курс за „Шиноби Таисо“, кој е предвиден да трае вкупно 66 часа. Поделен во три нивоа (шоден, чуден и окуден), системот ќе има за цел да им овозможи на нашите членови подлабок увид и познавање на работата на човечкиот организам, како и прва помош при повреди или дебалансирање на мускулите во телото.  
Во минатото, елементите од кои е составен системот Шиноби Таисо, биле пренесувани истовремено со боречките вештини. Оваа древна природна медицина потекнува од филозофиите и учењата на Аматсу Татара, а во Буџинкан е пренесена благодарение на учителот Тошитсугу Такаматсу.  

Од каде доаѓа името на системот?

Шиноби е назив за високо обучена личност од времето на феудална Јапонија која што била специјализирана за разни неконвенционални начини на војување. 

Таисо е генерички назив за кондиционирање на телото составен од зборовите: Таи (тело) и Со (зацврстување).
Под кондиционирање на телото се подразбира: зголемување на здравствената и работната способност, зголемување на телесната извежбаност и издржливост за поднесување на извесни напори.
Шиноби Таисо е систем создаден од водачот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, со цел да ја подобри сопствената кондиција потребна за секојдневните тренинзи за класичните јапонски боречки вештини. Системот се состои од разни вежби за растегнување, како и вежби за зајакнување и зголемување на мускулната издржливост.   
Самиот систем претставува збир на традиционални начини на тренинг за растегнување и зајакнување на телото користени во класичните боречки школи. Во различни рју-ха, начините се познати под имињата: Џунан Таисо, Џунан Ундо, Рју Таи Ундо, Ки Ундо и Аики Таисо. 

Искуството на Довезенски собрано за време на 28-годишниот тренинг на корју буџутсу, заедно со истражувањето на најновите научни сознанија од полето на кондицискиот тренинг, како и изучувањето на човечката анатомија и биомеханиката (наука што ги проучува механичките појави и процеси во живите организми), допринесе за создавање на Шиноби Таисо®.
За повеќе информации и за пријавување, слободно контактирајте не преку нашиот и-мејл: daito_macedonia@yahoo.com

Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу семинар со Нобутоши Отаке Сенсеи

Posted on Categories Почетна

Водачот на Организацијата за изучување традиционални јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, инструкторот Игор Довезенски, учествуваше на меѓународниот семинар за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу организиран од страна на шидоша Луиза Раини од Италија. Настанот се одржа во Милано, во траење од четири дена под водство на шиханот Нобутоши Отаке.

За време на семинарот, Сенсеи Отаке ги подучуваше сите кати од Омоте но Тачи, а секако до најситни детаљи ги објаснуваше и формите на борба со Бо (стап долг 180 см.), како и со Нагината. Напредните ученици имаа можност да ги изучуваат и техниките од повисокото ниво Гогјо но Тачи. 

Специјално за овој интернационален настан, допатуваа повеќе од 60 кобудоки од 14 земји од целиот свет, а тренингот како и дружењето меѓу учесниците беше на највисоко ниво.

Шиханот Отаке за време на последниот тренинг му ја предаде на Довезенски првата ката со Нагината, а детално му ги објасни и начините на користење на ова средновековно јапонско оружје.

До следниот интернационален настан, новиот материјал треба целосно да се проучи за да може да се продолжи понатаму по тешкиот Пат на оваа најстара јапонска боречка традиција. 

Буџинкан Македонија на ТВ21

Posted on Categories Почетна

Семпаи Тодор Ангеловски, заедно со помладите ученици Владимир Антовски, Сања Симонова и Таки Гаковски, вчера беа гости во скопската телевизија ТВ21. Во емисијата со наслов „Урбан Таг“, тие го претставија нашето доџо, при што презентираа и дел од нинџутсу техниките кои што се вежбаат во Буџинкан Македонија. 

Самиот прилог започна со снимка од полагањето за нидан на шидоши хо Марко Опачиќ, што неодамна се одржа во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“, а потоа нашите членови одговараа на прашањата поврзани со нашата работа. На крајот, кохаи Сања Симонова и кохаи Таки Гаковски демонстрираа кати од школата Гјокко рју Кошиџутсу, како и техники од програмата за полагање за 5 кју.

Додека да обезбедиме подобра снимка од гостувањето, прилогот можете да го погледнете на ју тјуб каналот на ТВ21 —-> Тука

Шидоши хо Марко Опачиќ положи за нидан (II дан)

Posted on Categories Почетна

Помладиот инструктор на Буџинкан Македонија, Марко Опачиќ, во саботата во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“ успешно положи за нидан (II дан). На свечениот чин присуствуваа околу 30-тина сегашни и поранешни членови на Буџинкан Македонија кои специјално допатуваа за да искажат почит кон овој истакнат и почитуван член на нашето доџо.

Под водство на својот учител, шидоши Игор Довезенски, Опачиќ го започна својот Пат на 27.02.2007 година. Досега учествувал на шест летни кампови, на 13 меѓународни семинари организирани од страна на Буџинкан Македонија, потоа на 47 семинари во природа на кои предавал инструкторот Довезенски, како и на два меѓународни семинари надвор од нашата земја на кои предавал шиханот за Катори Шинто рју Буџутсу – Нобутоши Отаке Сенсеи. Покрај ова, тој ги изучувал класичните јапонски боречки вештини и преку учество на 23 интензивни семинари во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија, како и преку 24 еднодневни семинари одржани под водство на својот учител. Опачиќ е одговорен и за подучувањето на новозапишаните членови во доџо-то, преку раководење на почетната група (шошинша), а истовремено е единствен член на „Пат кон Сонцето“ кој истовремено ги вежба сите корју традиции кои се предаваат во нашата Организација (Буџинкан Такаматсу-ден, Даито рју Аикибудо и Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу).

На Марко му честитаме со сето срце за досегашниот успех и посакуваме и понатаму да продолжи со уште поуспешното градење на својата личност и на својот карактер како воин. 

Одржан „Силата на Јари VII“

Posted on Categories Почетна

Семинарот што секоја година побудува огромен интерес кај членовите на Буџинкан Македонија, уште еднаш го оправда епитетот „легендарен“. Повторно местото „Слепо Коло“ на ридот Орљак одекнуваше од моќните извици на нашите воини кои со уживање ги изведуваа техниките на борење со копје.

Во текот на вчерашниот ден, за време на настанот, временските услови постојано се менуваа, па така во еден ден со соочивме и со

мартовското сонце, со темните облаци кои надвиснуваа над мистичната планина Липац, со ледениот дожд што на кратко заврна, како и со силниот ветер што постојано ја спушташе температурата на нашите тела. И како и секогаш, тоа ниту најмалку не ја расклати нашата самодоверба и желба за напорен и жесток тренинг со Јари (копје).

По завршувањето на семинарот, воините на Буџинкан Македонија веднаш ги споделија импресиите на нашиот Форум, па еве пренесуваме сосем мал дел од нив:

– „Прекрасен викенд! Дефинитивно! Ми се допадна тоа што бевме – пола почетници и пола напредни ученици. „Слепо Коло“ е едно прекрасно место. Од таму се гледаат и Еленац и мистичната планина Липац. Тоа е ’слика од милион долари’. А кога сме веќе кај настанот, би сакал да го цитирам шидоши хо Марко кога кажа една реченица пред две години: ’Нема таква сила што може да ме спречи да не учествувам на семинарот со копје’. Времето постојано се менуваше, а бидејќи ние како воини треба да гледаме позитивно во се, беше супер да научиме да се бориме и во услови на ветер, дожд, сонце и така натаму. Веќе три години учествувам на овој настан. И со секој нареден се повеќе ми се зголемува љубовта и интересот за ова оружје. Честитки за најмладите ученици од ’Нинџа Клинци’. Косара во ниту еден момент не покажа дека и е досадно или дека и е ладно. Дете со воински дух. Браво и за Даворче и Давид. Добро се снајдоа и двајцата. Сенсеи ми кажа да внимавам на нив постојано, дали се јадени, дали се пресоблечени или се испотени и слично. Па затоа нека ми простат доколку бев на моменти строг со нив. Тоа е затоа што се грижев да не се разболат или да не им се случи нешто. Имаме одлична младина. Браво и за Саше од почетничката група. Беше на зимскиот тренинг, па на ’Харагеи’ и сега на копје. Само нека продолжи со редовноста на тренинзите и на семинарите. Браво и за Тамара и за Мила, како и за господинот ’еден и единствен’ – Дамјан. Тој е пример за ’трудот пред талентот’. Мислам дека ќе се расплачеше за малку кога Сенсеи му го подари рачно изработениот шурикен. Пофалбите од учителот се од огромна вредност во нашево доџо. Само напред. Огромна благодарност до Сенсеи и до неговото семејство за се. Постојано барам начин како да му се заблагодарам, затоа што со зборови можам многу малку да го искажам и покажам тоа. А спиењето во Хомбу е неописливо. Кога се разбудив во неделата, чувствував некоја тежина на душата од претходниот ден. Телото не сакаше да функционира, се беше закочено. Ама кога излегов од вреќата се препородив. Бев полн со живот во мене, со позитивна енергија и се чувствував прекрасно. Затоа спиењето во Хомбу е прекрасно и толку магично“. – Таки Гаковски

– „Незнам што да кажам нај искрено. А тоа не ми се случува често. Се уште седам со подзината муцка ко говедо. За време на овој семинар ги дожиевав најубавите саати што сум ги поминал во мојот живот. Документарниот филм што го гледавме во доџо-то, шегите, најавените настани што наскоро треба да дојдат…
Хомбу е неверојатно место за преспивање. Веќе еден месец ме боли грбот поради повреда при паѓање, но по една ноќ на татамите – ми е како нов. Копје е неверојатно оружје заради неговата едноставност и огромната адаптибилност. Овозможува играње со умот на противникот, а тоа од секогаш била најдобрата тактика. Морам да се заблагодарам на сите кохаи, семпаи, шидошиховци, шошинци и на сенсеи што не се откажуваат од мене ’паднатиотубуреракијакомал’. Незнам од каде им е целото тоа трпение затоа што јас дефинитивно го немам. Кога се вративме од семинарот во Хомбу Доџо-то, Косара дојде и ми кажа дека сенсеи ме викал. Очекував дека нешто сум згрешил, ко и обично, па можеби му треба подвижна мета за шурикени. Тоа што ми го кажа сенсеи нема да го повторам затоа што неможам, но останав со подзината уста. Шурикенот што го добив како подарок ќе си го чувам, а на него ќе му се заблагодарам со тоа што ќе се подобрувам. За идната година сакам да ми подари катана, па затоа од утре ќе почнам и ’по куќа’ да му чистам, а можеби и џипот ќе му го гланцам :))). Фала му на кохаи Таки за горенапишаното и се надевам дека еден ден ќе го достигнам вашето ниво. А ако аздисувам со шегите понекогаш, се извинувам најмногу. Слободни сте да ми врзете ’по една’ и кога ќе се разбудам, ќе бидам бајаги потивок. Се надевам дека ќе бидам во Буџикан Македонија уште многу години. И да учествувам на уште илјада семинари, овој нема никогаш да го заборавам“. – Дамјан Серафимовски

– „Кога треба да ги споделам импресиите од некој семинар, секогаш ми е тешко. Тешко ми е бидејки кога си таму во Хомбу Доџо и кога крадеш од убавините на селото каде што се наоѓа – се е поинаку, се е поубаво. Никогаш не можам да го доловам тоа исто чувство што го добивам додека сум таму, затоа што е единствено и не се опишува. Овој викенд ќе се памети засекогаш по три неверојатни работи. Најпрво по семинарот со шурикени. Неверојатно е чувстото кога ќе се допре тоа убиствено парче метал кое може да има разни неверојатни форми. Кога ќе се слушне таа ’музика’ што ја создава додека лета низ воздухот…прекрасно е. Иако раката ми ’откажа љубов’ за време на гаѓањето, сепак уживав додека ги гледав моите соборци како вешто ги забодуваат шурикените во метите. Потоа со нетрпение го дочекавме и полагањето за нидан на нашиот единствен шидоши шо Марко кој вешто си ја заврши работата.

Морам да признам дека колку и да се воздржував, солзите радосници по првиот аплауз почнаа да течат како Живуша. Срцето ми беше полно. Можеби не го знам предолго, но верувајте, чест и задоволство ми е што го познавам и што секој вторник и четврток душата, а и срцето ги остава во доџо-то. Уште еднаш му честитам и му посакувам уште многу, многу успеси да реди и уште подолго да чекори по Патот кон Сонцето! Вечерта беше проследена со еден интересен документарец, а подоцна бевме почестени со малку хумор од шидоши хо Зоки – онака за добра ноќ. Секогаш ќе тврдам дека спиењето таму на татамите ми е најубаво, а овој пат ми беше уште подобро од најубавото. Утрото бевме сите спремни со копјето в рака и јуришавме кон „Слепо Коло“. Иако ни се сменија сите четири годишни времиња, го задржавме истиот воински дух и без престан ги работевме техниките. Копје е интересно оруже со кое се манипулира со противникот, а ние манипулиравме и со времето. И секако, еден од најубавите моменти е и најслаткиот оброк со семејството ’Буџинкан Македонија’. Верувајте и сол и леб да јадете, ќе ви биде послатко од било кога, затоа што атмосфера прави сето тоа да делува магично.
Да не должам многу, сакам да му се заблагодарам пред се на Сенсеи, кој ни ја овозможува оваа душевна убавина и ни го пренесува своето знаење. Тука се и шидоши хо Марко и шидоши хо Зоки кои секогаш ни помагаат. Многу ми е убаво и многу сум среќна што сум дел од ова семејство. Љубов до сите“. – Тамара Ѓоргиевска

„Шурикен Џутсу“ во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Поделени во две групи од по осум луѓе, членовите на Буџинкан Македонија во саботата имаа можност да ја усовршат својата вештина во гаѓање со шурикени. Двете мети кои беа поставени во дворот на Хомбу Доџо-то беа целосно издупчени од моќните фрлања на нашите воини. 

Покрај ветераните од напредната група, овој пат учество земаа и многу членови од „почетничката“, како и четири дечиња од „Нинџа Клинци“.   

Семинарот започна во 10:00 часот, со основната техника на гаѓање „Гјаку Наге“, по што следуваа уште шест други техники кои учесниците имаа можност да ги вежбаат во текот на целиот ден.

За време на настанот, се користеа сенбан и ига (шакен) шурикени, како и џуџи шурикен од школата Јагју Шинкаге рју. 

Поради повредата на десната рака односно скинатите лигаменти на рамото, инструкторот Игор Довезенски подучуваше односно ги исфрлуваше сечилата со левата рака, а потоа постарите членови на доџо-то ја демонстрираа покажаната техника со полна силина. 

Секако, огромниот интерес ни дава за право овој семинар и понатаму да продолжи да се одржува барем еднаш во текот на годината. 

Силата на Јари VII

Posted on Categories Почетна

Одиме по седми пат со традиционалниот семинар насловен како „Силата на Јари“. Повторно можност за сите членови на Буџинкан Македонија да ги повторат и да ги научат техниките на борба со копје и истовремено да го почувствуваат духот на минатото. 

Овој настан секоја година привлекува голем број учесници, така што нема причина да се сомневаме дека и овој пат падините на ридот Орљак ќе ечат од силните борбени извици на воините на Буџинкан Македонија.    

„Школото Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу ги користи следниве оружја: Јари (копје), Оно (воена секира), О Тсучи (голем чекан), Тачи (меч) и Нагината. Легендата вели дека една вечер демон (Тенгу) му дошол на сон на основачот на вештината и го научил како да се бори со Јари. Овие техники и ден-денес се сметат за најголема тајна на школата.“

На семинарот можат да учествуваат сите заинтересирани ученици на доџо-то Буџинкан Македонија / Пат кон Сонцето, без разлика на искуството или звањето.
Потребна опрема за вежбање: бокуто и јари (хакама за јуданши)
Тема: Силата на Јари
Ден: 27.03.2016 (недела)
Место: Слепо Коло
Програма:
08.00 часот – поаѓање од Скопје
09.00 часот – пристигнување
10.00 -16.00 часот – теоретски и практичен дел 
17.00 враќање назад
Претходниот ден (сабота), за сите заинтересирани ќе се одржи тренинг во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“ на тема: шурикен џутсу.
Во 16:00 часот, ќе се одржи и полагање за нидан за шидоши хо Марко Опачиќ.  
Пријавување и информации преку инбокс, телефон или на Форум.