Одржан Наге Ваза семинарот

Posted on Categories Почетна

Во скопското доџо на Буџинкан Македонија, вчера се одржа семинар посветен на техниките на фрлање на противникот (Наге Ваза).

За време на настанот, шидоши Довезенски во најситни детали ги објаснуваше сите фази кои следат пред самото фрлање, почнувајќи од фатот со противникот (Куми Учи), па потоа преку исфрлувањето од рамнотежа (Кузуши), па се до самиот момент кога противникот под дејство на неколку взаемни сили ќе почне да се „одлепува“ од земјата. 

На крајот од семинарот, инструкторот Довезенски ја предаде техниката О Сото Гурума која предизвика силни реакции кај учесниците, особено што за прв пат се запознаа со ова навистина моќно фрлање. 

Следниот семинар ќе биде на тема: Не Ваза (Техники на земја).

Одржан семинарот на тема: Шурикенџутсу

Posted on Categories Почетна

Вчера во дворот на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа семинар на кој инструкторот Игор Довезенски ги подучуваше своите ученици на нинџутсу вештината на гаѓање со метални сечива, инаку познати под името шурикени.
На семинарот присуствуваа девет членови на Буџинкан Македонија, но повеќето од нив беа од почетничката група која ја предводи шидоши хо Марко Опачиќ. По завршувањето на настанот, тој на Форум-от на доџо-то го објави следниот текст:

„Ова беше мојот педесети семинар во природа и можам да кажам дека уживав помеѓу моите ученици, но и дека конечно за прв пат сум задоволен од нивното залагање од кога ја преземав почетничката група во јануари, 2013 година.
На настанот присуствуваа шесторица од нив, а очекувам да се пријават и во јануари на ’зимското преживување’. На тие педесет семинари и безмалку десет години од моето членување во доџо-то, учестувале многу деца. Некои си заминале, малкумина останале и на некој начин секој си го одбрал својот пат. Некои си заминале со ’вградени’ воински карактеристики и одлики, додека некои заборавиле на тоа што доџото направило од нив и за нив.
Кога ќе ги соберам сите мисли кои за неколку секунди ќе ми поминат низ умот, сфаќам колку сме ние привилегирани и уникатни што сме членови на ова доџо.

Дали знаете колку деца пораснале трчајќи низ лисјата во дворот? На колку од нив им било стоплено срцето од каминот во доџото? Дали знаете дека врз тие татами се распослани сите чисти души на нашите најмлади членови и дека за нив не постои поголема сатисфакција од можноста да растат меѓу вистински Воини?

Деца мои, само да ви кажам нешто. Денес се возевте со Сенсеи во неговото возило, потоа вежбавте школа која што многу малку клубови во светот ја познаваат, гаѓавте со вистински шурикени што досега сте ги гледале само на филмови. Дали сте свесни колку Вие се разликувате од вашите врсници? Или дека сте иднината на нашето доџо? Дека сте го одбрале најдобриот Пат?

Вежбавте изложени на ладен есенски ветер. Сето тоа знаење стекнато на ваков начин останува засекогаш ’залепено’ за Вас. Тренингот во доџо и надвор од него не е ист и мило ми е што барем малку го почуствувавте тоа. Ова денес беше искушение за вашиот карактер, за упорноста, трпеливоста, истрајноста и издржливоста.

Јас сакам да му се заблагодарам на Сенсеи што повторно (како и секогаш) максимално се потруди да ни пренесе се што можеше за тие неколку саати, како и за новите детаљи околу техниките. На секој семинар има по нешто ново, по нешто различно, што не е претходно кажано и забележано од наша страна и во тоа лежи сета таа убавина на вештината“.

Благодарница за Буџинкан Македонија од CEED EDU

Posted on Categories Почетна

Во преполната свечена сала на скопскиот хотел „Александар Палас“, пред повеќе од петстотини гости, на нашето доџо „Буџинкан Македонија“ му беше доделена благодарница за искажаната поддршка и особен придонес за развојот на претприемачката програма за децата и младите во земјава.

Ваквото признание доделено од страна на CEED EDU следува после одржаниот специјален еднодневен семинар во Хомбу доџото на „Пат кон Сонцето“, на кој инструкторот Игор Довезенски ги подучуваше учесниците околу начините за стекнување трпение, дисциплина, дефинирање на целта, за успехот и неуспехот, како и за придобивките од тимската работа.    

Од името на Буџинкан Македонија, наградата на бината ја прими кохаи Сања Симонова, која што повторно се сретна со дечињата и младите кои учествуваа на семинарот во Хомбу и кои за својата успешно завршена работа исто така добија сертификати од CEED EDU. 

 

„Буџинкан Македонија“ на насловна страна во „Вечер“

Posted on Categories Почетна

Еден од најстарите дневни весници во нашата држава – „Вечер“, во својот викенд број, објави текст посветен на нашето доџо Буџинкан Македонија, како и на нашата Организација „Пат кон Сонцето“.

Во самиот вовед, новинарката Елизабета Арсоска води разговор со нашиот истакнат член Сања Симонова, а тука Ви пренесуваме мал дел од него:

–  Особено е важно никогаш да не дозволиме да бидеме жртви на својата невнимателност и незаинтересираност и да бидеме секогаш подготвени да се заштитиме од непредвидливи сценарија кои можат да го загрозат нашиот физички и ментален интегритет. Ние девојките можеме многу да направиме за себе и за околината, само што понекогаш фокусот ни е насочен за жал на површни нешта. Многу сум среќна што нашиот клуб традиционално, осум години по ред ја одржува Работилницата за самоодбрана за жени која се реализираше минатиот викенд. На овој настан учиме пред се, како да не се доведеме во непријатна ситуација, а потоа и кои се нештата што го зголемуваат ризикот од напад, за најпосле да научиме и како да се одбраниме во случај на напад. Многу е важно, за нас како жени, да го имаме тоа чувство дека без разлика во каква загрозеност ќе се најдеме, ние нема да се предадеме или откажеме и ќе се обидеме по секоја цена да го одбраниме својот живот или животот на нашите најблиски. На овој начин се стекнува скапоцена вештина која не се учи на ниту еден друг начин освен со труд и пот и од која ќе имаме огромна придобивка и во секојдневниот живот, а не само кога сме изложени на опасност, вели Сања.

За повеќе следете го линкот —–> http://vecer.mk/skopska/nashite-nindzha-devojki-udiraat-tamu-kade-shto-najmnogu-boli

Одржана „Работилницата за Самоодбрана за Жени® VIII“

Posted on Categories Почетна

И осмата Работилницата за Самоодбрана за Жени ги исполни очекувањата на учесничките, а тоа особено можеше да се забележи по нивните реакции откако настанот беше прогласен за завршен.

Информациите по медиумите дека во последно време во нашата држава зачестиле нападите врз мајките со деца, привлече неколку припаднички на понежниот пол кои на овој традицонален семинар дојдоа придружени од своите чеда. Сето ова допринесе атмосферата за време на тренингот да биде уште попријатна, особено што дамите сега имаа уште посилна мотивација ефикасно да ги совладат техниките за самоодбрана.

За време на првиот ден, инструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, предаваше техники за одбрана од најразлични фатови за телото (коса, ревер, врат итн.), а потоа и ситуации во кои жртвата би била соборена на земја.

Веќе следниот ден, „нападите“ добија нова димензија односно борбените сценарија кои учесничките ги вежбаа содржеа во себе ситуации на „приковување за ѕид“ од напред или од позади и ослободување од ваквата положба. Секако, сето ова беше проследено со многу детали и совети кои Довезенски постојано ги нагласуваше со верба дека уште долго време ќе останат врежани во меморијата на припадничките на поубавиот пол.

Со желба следната година настанот да биде уште помасовен и со преубави спомени од оваа, осма по ред традиционална Работилницата за Самоодбрана за Жени, учесничките на семинарот заминаа побогати за едно ново искуство зад себе. 

Работилница за Самоодбрана за Жени® VIII

Posted on Categories Почетна
– Смирена, ама будна.
– Опуштена, ама подготвена.
– Мека, ама остра. 
– Скромна, ама уверена.

Ова ќе бидат насоките на осмата по ред Работилница за Самоодбрана за Жени, што традиционално секоја година во октомври се одржува во организација на Буџинкан Македонија. 

Организацијата за изучување на класични јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, во 2008 година за прв пат во Македонија организираше ваков настан и оттогаш Работилницата стана синоним и место каде што девојките и жените можат да научат техники за самоодбрана при несакани ситуации.

Иако настанот започна да се организира првенствено за нашите членки, низ текот на времето се поголемо учество земаа сите припаднички на поубавиот пол, без разлика на годините или на нивото на знаење.
Потребна опрема: тренерки и маица (без патенти и копчиња). Се вежба на душеци (боси). За сите учеснички обезбедено е бесплатно спиење во доџо-то. 
Датум на одржување: 15/16 октомври, 2016
Место: Пат кон Сонцето – Хомбу Доџо (62 км. од Скопје)
Дополнителни информации: 075 564 011 или на е-маил: daito_macedonia@yahoo.com
Ве молиме да не се стеснувате при поставувањето на прашањата.

Одржан вториот од серијата интензивни курсеви за „Шиноби Таисо“

Posted on Categories Почетна
Под водство на водачот на Организацијата „Пат кон Сонцето“ – Игор Довезенски, викендов што измина се одржа вториот од серијата интензивни курсеви за „Шиноби Таисо“. Тројцата ученици на Буџинкан Македонија кои одлучија да го изучуваат овој систем, овој пат се запознаа со вежбите и начините за зајакнување на телото познати под името Џунан Ундо.

По завршувањето на семинарот, една од учесничките ги сподели своите импресии на интерниот Форум.

„Го завршивме и второто ниво на Шиноби Таисо. За време на двата дена поминавме многу теорија преку која Сенсеи детално и систематски ни ги објасни сите работи кои се важни за нас, најпрвин од аспект на вежбачи на боречки вештини, а потоа и како идни предавачи на системот. 
Сега сфаќам дека се што правиме во доџо за време на редовните тренинзи си има своја поврзаност од почеток до крај и дека Сенсеи преку овој систем одржува неделен, месечен, па дури и годишен кондициски баланс кај сите нас. Во многу наврати зборувавме за триаголникот ’тренинг-исхрана-одмор’ и како треба да се конципира еден тренинг, во зависност од резултатите што сакаме да ги постигнеме. Научивме и како треба да се балансира исхраната за да се видат резултатите, но и колку и како треба да се одмара, затоа што мускули се ’прават’ со тренинг, а благодарение на исхраната односно за време на одморот! 
Во однос на практичниот дел, поминавме еден изометриски тренинг за зголемување на издржливоста, а потоа и тренинг со помош на хидраулична справа, каде посветивме внимание на тоа какви резултати се добиват кога се оптоваруваат конкретни мускули на телото и како треба да се програмираат сериите и повторувањата. Во продолжение на семинарот одржавме тренинг при што ја користевме само сопствената тежина, а таквиот начин на вежбање има огромна предност бидејќи може да се изведе секогаш и секаде.

Семинарот го завршивме со тренинг на отворено каде што вежбавме со реквизити кои нудат огромна можност за зголемување на издржливоста и силата. Тука особено внимание посветивме на правилниот начин на движење при самата изведба.

И на крајот да ви повторам дека Хомбу доџо-то е право место за освежување на телото и на духот. Внатре е како музеј, а надвор како од бајка. А овошната каша што ја пиевме не можете ниту да замислите каква беше. Секој витамин и минерал од тие природни и непрскани плодови толку силно се чувствуваше“. 

Одржан есенскиот семинар за Нинџа Клинци-те

Posted on Categories Почетна

Нинџа Клинци-те успешно ја завршија есенската „инвазија“ на Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија, земајќи си со себе прекрасни спомени кои засекогаш ќе останат врежани во нивните срца.

Во неделата, најмладите членови на нашето доџо повторно имаа можност да бидат дел од прекрасната природа што го опкружува Хомбу-то и да го поминат денот во игра, вежбање и дружење меѓу себе.

Тренинзите се одржаа под водство на семпаи Тодор Ангеловски и на кохаи Таки Гаговски, а темата беше: Основите на боречките вештини Гјокко рју Кошиџутсу и на Даито рју Аикиџуџутсу. 

Во вториот дел од денот, главниот инструктор на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, одржа Џунан Таисо тренинг, на кој се обиде на дечињата да им ја објасни важноста и полезноста од правилниот секојдневен тренинг, а особено за придобивките од вежбите за растегнување на телото за нивниот правилен развој. 
Нинџа Клинците во текот на целиот ден уживаа и се сладеа со свежите овошки кои растаат наоколу, но исто така и во ручекот подготвен од свежо набрани продукти од прекрасната градина на доџо-то.

Бидејќи семинарите за Нинџа Клинците се одржуваат два пати годишно односно на пролет и на есен, ги известуваме нашите најмлади членови дека следниот ваков настан ќе се одржи во мај, 2017 година.   

Специјален еднодневен семинар за CEED EDU

Posted on Categories Почетна

Во Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување традиционални јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, во саботата се одржа специјален еднодневен семинар, на кој инструкторот Игор Довезенски ги подучуваше учесниците околу начините за стекнување трпение, дисциплина, дефинирање на целта, за успехот и неуспехот, како и за придобивките од тимската работа.

Настанот беше организиран на барање на кординаторите од CEED Macedonia кои процениле дека токму Довезенски е личноста од која младите што учествуваат во нивната програма ќе можат да научат нови техники кои ќе им помогнат понатаму да ги развијат своите претприемачки вештини.

Всушност, ЦЕЕД Едукација (ЦЕЕД ЕДУ) е програма која го доближува претприемачкиот дух до децата и младите преку пренесување, доживување и практикување успешни приказни од светот на бизнисот притоа хранејќи ги нивните уметнички и духовни потреби. Тоа е програма која е изградена врз основа на знаењата и искуствата на експерти од областа на едукацијата, како и на искуствата од разните претприемачи и менаџери. 

Иако далеку од светот на бизнисот, Игор Довезенски со помош на своите ученици успеа да им пренесе на младите учесници дел од филозофијата и од психологијата која што била користена од страна на јапонските самураи и нинџи, а токму тие вештини се неопходни за сите млади луѓе кои понатаму сакаат да напредуваат во својата кариера во полето што ќе го изберат како своја идна професија.
Освен предавањето на горе споменатите техники, но и за историјата и традицијата на јапонските витези, Довезенски доста време посвети и на хиреархијата што владеела во едно организирано општество какво што било јапонското. Потоа тој, заедно со своите ученици, демонстрираа и техники од вештините кои се вежбаат во „Пат кон Сонцето“, најпрвин од нинџа школите на Буџинкан Доџо, а потоа и од Даито рју Аикиџуџутсу и Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу.
Денот беше исполнет со убава енергија и прекрасна атмосфера, а поради неверојатната хармонија што се создаде меѓу домаќините и гостите, беше договоено соработката да продолжи и во иднина.   

 

Одржан „Патот на Шугенџа VIII - Оживување“

Posted on Categories Почетна

Осмото издание на легендарниот семинар познат под името „Патот на Шугенџа“, создаде уште еден подвиг кој засекогаш ќе биде
запаметен и раскажуван од страна на следните генерации воини на Буџинкан Македонија. За 20 саати непрекинато марширање по различен терен, двајца од учесниците на настанот успеава да изодат пат од 100 километри.

Стартната точка почнуваше пред ТЦ Бисер во населбата Аеродром, додека крајната цел беше да се пристигне во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ во долината под планината Липац.
На семинарот беа пријавени вкупно 10 членови на Буџинкан Македонија, кои под водство на инструкторот Игор Довезенски точно во 07.00 часот го започнаа своето патешествие.

Првите 35 километри беа поминати речиси рутински, благодарение на добрата кондиција што членовите на доџо-то ја поседуваат, а секако постигната поради силните психо-физички тренинзи во текот на целата година.
При искачувањето на ридовите над селото Винце, кај неколкумина учесници почнаа да се појавуваат првите знаци на криза, а предизвикани најмногу поради недостатокот на вода за пиење.

За да биде појасно, станува збор за област која што е доста сува и безводна, а главната препрека до Хомбу Доџо-то е предизвикана од Градиштанската Планина која што е широка околу девет, а долга околу 30 километри. Познавачите на теренот во кумановската област, знаат дека иако станува збор за ниски планини, сепак искачувањето на нив е доста напорно поради терасестите ридови од кои што се составени планинските масиви. Или поедноставно кажано, зад секој изоден рид, се појавува нов, со редовно длабок и непрооден дол, а сето тоа исполнето со густа, ниска и боцкава непроодна вегетација, која што многу често предизвикува движење на сите четири екстремитети.

Токму за време на искачувањето на претпоследниот рид во атарот на селото Колицко, при совладани 43 километри, кај еден од учесниците се појавија грчеви на мускулатурата, по што движењето на групата беше доста успорено. Во тој момент, водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, мораше да донесе навидум необична одлука односно да го смени движењето на запад или поточно во широк лак да се врати назад кон најблиското село каде што има превоз до најблискиот град.

По кратко информирање за причината за ваквата одлука, групата се спушти до селото Пчиња, од каде што патот го продолжија тројца учесници: Игор Довезенски, Сања Симонова и Таки Гаковски. Со силен марш, за неколку саати тие пристигнаа во Куманово, каде што Симонова мораше да го откаже понатамошното патување поради силните болки во мускулите и треската предизвикана од огромниот напор.

Во 03.00 часот наутро, изнемоштени, но со ведар дух, по 20 часа непрекинато пешачење, на целта пред вратата на Хомбу Доџо-то пристигнаа Игор Довезенски и неговиот близок ученик Таки Гаковски. Истовремено тие го срушија претходниот рекорд од поминати 80 километри, поставен за време на „Патот на Шугенџа III“ во 2009 година.

На крајот, сакаме да им честитаме на сите учесници на семинарот, без разлика што не го завршија до крај, за храброста да се пријават односно да бидат дел од еден ваков необичен настан, кој е речиси неверојатен за поголемиот дел од популацијата на земјината топка.